КАВГА ЗА ТЕСТАМЕНТ ПРЕРАСНА ВО СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Ја претепал сопругата, па се заканил дека ќе ја запали куќата бензин

Обвинителството оценува дека постојат законски основи за определување притвор, бидејќи осомничениот не е првпат обвинет за ваков вид кривично дело.

0

По семејна расправија околу тестамент, жител на гевгелиско заврши со обвинение и предлог за притвор, откако физички ја нападнал сопругата, а потоа преку СМС порака се заканил дека ќе ја запали куќата, доколку таа не се врати дома.

Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе обвинителен предлог против осомничениот, кого го товари за кривичните дела телесна повреда и загрозување на сигурноста, а истовремено побара Судот да му одреди мерка притвор.

Според обвинителството, насилството се случило ноќта меѓу 18 и 19 јули, по вербална расправија во семејниот дом околу тестамент што претходно го потпишала мајката на сопругата. Расправијата брзо прераснала во физички напад. Обвинетиот најпрво ја навредувал сопругата, а потоа почнал да ја удира со тупаници и клоци по главата и телото, при што ѝ нанел повеќе крвни подливи.

Следната вечер, откако жената го пријавила нападот во полиција и се засолнила во домот на својата ќерка, осомничениот испратил заканувачка СМС порака на телефонот на ќерката. Во пораката навел дека, доколку сопругата не се врати дома, купил 10 литри бензин и ќе ја запали куќата. Со ваквата закана, според обвинителството, кај оштетените предизвикал чувство на страв, несигурност и загрозеност.

Обвинителството оценува дека постојат законски основи за определување притвор, бидејќи осомничениот не е првпат обвинет за ваков вид кривично дело. Тој веќе бил осуден за загрозување на сигурноста, при што му била изречена условна казна затвор од три месеци со рок на проверка од една година, кој сè уште трае. Новите кривични дела, според обвинителот, ги сторил токму во периодот додека бил на условна осуда, што дополнително ја оправдува потребата од притвор до завршување на постапката.

Поврзани содржини