📽️ ЛУТ РИБОЧУВАР ЖЕСТОКО НАВРЕДУВА ЛОВЕН КОНЦЕСИОНЕР ВО ТИКВЕШКОТО ЕЗЕРО Инцидентот е документиран со видео-снимка, полицијата го расчистува случајот
Тиквешкото Езеро е богато со рибен фонд. Тоа има концесионер, кој има право да „лови“ рибокрадци. Но, на брегот на езерото има и богато ловиште со редок дивеч. И концесионерот на ловиштето има право да прегледува чамци во езерото, ако се сомнева дека во нив има огнено оружје. Од засега непознати причини, тоа на Ацо Митев од фирмата концесионер на рибниот фонд, не му се допаѓа. Една средба меѓу него и концесионерот на ловиштето, што се случила пред два дена, ќе прерасне во скандалозен вербален инцидент, кој, за среќа, е документиран со видео-снимка. Така полиција сега полесно ќе може да го расветли случајот.
Непријатна „блиска средба од трет вид“ се случила во водите на Тиквешкото Езеро помеѓу двајца концесионери – едниот е концесионер на рибниот фонд за рекреативен риболов, а вториот е концесионер на ловиштето број 1 – Шешково.
Видео-запис од оваа средба на социјалните мрежи сподели Антон Тончев, човек од компанијата „Сафари Македонија“, која е концесионер на ловиштето Шешково, до кое се пристапува само со чамец. Поучен од досегашните лоши искуства, штом видел дека кон неговиот чамец се приближува чамецот во кој бил Ацо Митев, управител на фирмата „Селекта“ од Кавадарци, концесионерот на рибниот фонд, Тончев решил да ја документира средбата.
Ова е видеото што Тончев го сподели на Фејсбук:
Снимката сама за себе говори многу. На неа јасно се гледа кој кому и како му се обраќа, кој кого го навредува со погрдни зборови и кој се заканува.
Инаку, двете страни иницидентот го пријавиле во полициските станици во ОВР Кавадарци и во СВР Велес. Од МВР побаравме информации дали овој инцидент е пријавен во полиција, за што добивме потврдна информација.
Имено, од МВР ни потврдија дека завчера околу 20 часот, во ОВР Кавадарци, А.М. (70) од Кавадарци, концесионер на Тиквешко езеро и рибочувар, поднел пријава дека на истото езеро се случил инцидент. Според неговото пријавување, А.Т. од Скопје, кој е концесионер на ловечко друштво и ловочувар, му се заканувал.
Еден час подоцна А.Т. телефонски пријавил во СВР Велес дека А.М. се однесувал агресивно кон него и му се заканувал. Тончев (А.Т.) потврдува дека овој инцидент бил сниман и дека поседува видеозапис како доказ.
– Одам за Кавадарци да дадам изјава во полиција за настанот. Јас ќе го теретам Ацо Митев по повеќе основи, не само за спречување на службено лице во вршење на должноста. Ќе има и пријава за навреда на службено лице, за закани кон службени лица, а исто така и за недозволување на преглед по основано сомнение, но и за неовластено претресување и уште за неколку точки – вели Тончев.
Од снимката објавена на Фејсбук, можат да се заклучат неколку работи. Како што му објаснува Тончев на Митев, тој и неговата компанија „Сафари Македонија“ се концесионери на ловиштето број 1 – Шешково, па поради тоа имаат право да се движат по езерото и во нивниот дел се овластени да вршат визуелен преглед на чамци, ако постои сомневање дека поседуваат оружје за лов.
За Тончев вели дека не е спорно дека концесионерот на рибниот фонд има право да врши проверки во чамци во езерото ако се сомнева дека има нелегален улов на риба. Тончев тоа не го негира и при докуменираната полемика со Митев, па рибочуварот непречено врши претрес на торби од чамецот на ловочуварите и не наоѓа ништо. Но, Митев, во разговорот со Тончев, кого го нарекува со најпогрди зборови, му го негира својството на служебно лице. Кога Тончев бара рибочуварите да покажат дали во чамецот имаат оружје, Митев со чамецот се одалечува.
– Уште кога се доближи Ацо „Селекта“ до нашиот чамец, јас го вклучив телефонот да снимам. Немав никаква намера да го провоцирам со снимањето, само сакав да имам доказ за разговорот. Имам слушнато предупредувања дека Ацо им подметнувал на други рибари мрежи, дека им поднесувал кривични пријави и слично, па поради тоа морав да бидам претпазлив. Тоа се случи во водите на езерото кои се дел од ловиштето, ако така може да се каже, па затоа имавме полно право да снимаме во просторот кој е под наша контрола – вели Тончев за Плусинфо.
Тој додава дека како концесионер на ловиштето, тој е службено лице кое има право да врши визуелна проверка на сите чамци кои се движат низ езерото, ако се сомнева дека носат огнено оружје. Истото право го има и Митев, ако се сомнева дека имало нелегален улов на риба. Но, прегледите се прават визуелно.
– Му објаснив на Ацо Митев дека не смее дека не претресува, дека за тоа му е потребен налог од судија. Но, тој беше упорен, како што се гледа од снимката. Ние го оставивме да го направи она што го наумил. Но, кога му рековме истото да го направи и тој, да ги отвори двете прегради на чамецот, каде што можеби имаше огнено оружје, за да провериме, тој ни упати погрдни зборови и го оттурна чамецот. Продолжи со навредите и заканите и откако се оддалечивме до него – ни објасни Тончев.
Од МВР велат дека се преземаат сите неопходни мерки за расчистување на настанот. Ситуацијата ќе биде внимателно истражена, за да се утврдат сите околности.
Спортските риболовци паметат дека во Тиквешкото Езеро, едно од најбогатите вештачки езера со рибен фонд, со децении се случуваат инциденти, поради сомневањата дека има рибокрадци. Но, малку се знае дека на брегот на ова езеро има и ловиште со редок дивеч, чии концесионери исто така имаат право да се заштитат од ловокрадци. Во вршењето на својата служба, тие не смеат да бидат попречувани и напаѓани на начин како што тоа е сторено во овој случај.
Поведението и на рибочуварите и на ловочуварите мора да биде професионално и согласно со законот. Попрво би се очекувало тие да соработуваат, а не да изразуваат крајно нетрпение и непријателство, какво што е документирано на оваа видео-снимка.