Касами седна во скутот на Дехари од ДУИ и се посрамоти
Кичевецот Фатмир Дехари е осомничен за сериозна повреда на јавниот морал, а тоа е прашање за кое коалицијата Вреди не прави компромиси. Затоа Вреди не дава поддршка на повикот на Билал Касами во Кичево да се гласа за кандидатот на ДУИ.
Кичевци не го заборавија скандалот со снимките објавени на интернет, во кои се слуша гласот на актуелниот градоначалник Фатмир Дехари, кој наводно се обраќа кон вработена во општината со експлицитни сексуални алузии и со понижувачкиот збор „свиња“.
Факт е дека снимките на кои тој ја повикува жената да му седне во скутот се објавени од анонимен профил на социјалните мрежи и истражните органи допрва треба да утврдат дали врз основа на овие индиции може да се поведе истрага, да се пронајдат докази и Дехари да се осомничи за сторено кривично дело.
Но, факт е и тоа дека коалицијата Вреди уште во првиот круг го повика кандидатот за градоначалник Фатмир Дехари да се повлече од трката, за да се заштити достоинството на изборниот процес.
„За нас, јавниот морал не е предмет на преговори“, соопшти тогаш Вреди.
И за секој чесен Албанец јавниот морал и почитта и заштитата на достоинството на жената се нешта за кои не би смеело да се прават компромиси.
Орелот, симболот со кој се идентификуваат Албанците, на кој толку многу се повикуваше Али Ахмети на почетокот на кампањата, не се однесува понижувачки или со агресивна доминација кон женката. Напротив, нивниот однос е пример за партнерство и заемна лојалност во животинскиот свет. Мажјакот и женката формираат моногамен пар, често за цел живот. Тие заедно го градат гнездото, се грижат за јајцата и за младенчињата, иако улогите се поделени. Во сезоната на парење, мажјакот покажува сила и посветеност преку воздушни акробации и симболични „подароци“ – често фаќа плен и ѝ го нуди на женката. Тоа е љубовен ритуал.
Поведението на Фатмир Дехари кон жените е крајно недостоинствено и неприфатливо за културата на достоинствените Албанци.
Недостоинствен е и повикот на Билал Касами Албанците во Кичево да гласаат за Дехари. Освен во културолошка смисла и од етички аспект, тој повик е и политички недостоинствен и неприфатлив. Тој значи срамна злоупотреба на соработката помеѓу коалициските партнери Вреди и ВМРО-ДПМНЕ, која не само што донесе успех во првиот изборен круг, туку навести и едно повисоко цивилизациско ниво на политичко партнерство, засновано на вредности и на принципи, а не на клиентилизам и беспоштедна битка за власт по секоја цена.
За почит е тоа што Вреди се одважи јавно да ја отфрли поддршката од Касами за кандидатот на ДУИ во Кичево, иако мора да се нагласи дека тоа се случи дури откако Христијан Мицкоски изрази јавно разочарување од однесувањето на коалицискиот партнер.
Како и да е, важно е тоа што принципиелниот дискурс е вратен во изборниот процес.
Касами, кој влегува во вториот круг за трката за градоначалник на Тетово, можеби ќе одлучи да не ги побара гласовите на Македонците и можеби ќе ја даде својата поддршка за Дехари од ДУИ во Кичево. Во крајна линија, тој можеби ќе одлучи да биде градоначалник само на Албанците во Тетово.
Но, тоа веќе е негов приватен проблем и негова лична одлука.
Коалицијата Вреди не ја поддржува таа одлука.
ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Мицкоски, ова нема да го заборави.
А сите ние ќе знаеме дека не се сите Албанци достоинствени орли. Некои се само чавки и гаврани…