КАСАМИ ГО ПРЕДИЗВИКА КОВАЧЕВСКИ, ОВОЈ ПАК СЕ НАСТРВИ НА АПАСИЕВ Темата „предвремени избори“ очигледно го нервира СДСМ

Се окрупнува ли опозицијата во обидот да предизвика предвремени избори? Ковачевски обвинува дека и Беса, како и ВМРО-ДПМНЕ, паднале под влијание на Левица.

1,179

Изјавата на Билал Касами, лидерот на Беса, дека ако за власта приоритет е промената на Уставот и внесување на Бугарите како народ во него, тогаш мора да се направи компромис за предвремени избори, се чини дека ги врати острите тонови во реториката на премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски: Не прифаќаме уцени!






– Процеси коишто се од стратешко значење не можат да бидат предмет на уценување. Прашањето за уставите измени е сериозно, тоа е државничко прашање – изјави тој на денешната прес-конференција и нагласи дека следните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.

За СДСМ тоа е веќе апсолвирано прашање. Но, не и за Беса. Доколку власта не го прифати нивното барање за предвремени избори, Касами најави радикализација.

– Ќе се разгледа можноста, од пролет, ако власта нема слух за проблемите и да излезе да се соочи со граѓаните на предвремени избори, заедно со другиот дел од албанската опозиција да се организираат на протести и секаков вид притисок врз власта, за да се слушне гласот на граѓаните и што побрзо да се оди на предвремени избори – рече тој.

Муцунски: Окрупнувањето на опозицијата е добра идеја

ВМРО-ДПМНЕ би можело да ја поддржи Беса во барањата за предвремени избори и во најавите за протести оваа пролет со кои би се окрупнил опозицискиот фронт, најави потпретседателот на партијата, Тимчо  Муцунски.

– Поддржуваме окрупнување на опозицискиот фронт  – дали е тоа Беса, дали е тоа друг политички субјект со кој што веруваме дека можеме понатаму да ја движиме Македонија во правилна насока врз основа на политики, а не на тесни интереси како што прави оваа влада на ДУИ, поддржана од СДСМ. Треба да преземеме сè што е возможно заеднички врз основа на принципи, зошто да не – вклучително и вакви мерки како протести, зашто тоа е во интерес на јавноста – рече градоначалникот на Аеродром Муцунски.

ВМРО-ДПМНЕ под овие услови на прифаќа да се разговара за уставни измени и со такво нешто пратениците на оваа партија нема да се согласат, нагласи Муцунски.

Пак Левица на тапет

За СДСМ ваквите барања се „дневна политика“ и „борба за ситни поени“. Ковачевски денеска изјави дека зачленување на Северна Македонија во ЕУ, додавајќи дека уште тешки одлуки ќе има на тој пат. Но, за него тоа е „неповратен процес и единствено може да биде закочуван од страна на оние коишто се противат на членството на Северна Македонија во ЕУ“.

– Таква партија има. Тоа е партијата Левица. Таа веќе има земено друга партија во свое заложништво, тоа е партијата ВМРО-ДПМНЕ. И јас не сакам да верувам дека господинот Касами се има, исто така, ставено во позиција да бидеш заложник на партијата Левица – изјави Ковачевски.

Апасиев: Со СДСМ ќе се пресметаме во прво полувреме

Зачестените прозивки од страна на лидерот на СДСМ партијата Левица ги доживува како обид за демонизирање на таа партија, како пи-ар стратегија смислена под странско влијание. Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, изјави дека тоа говори за стравот на СДСМ од неговата партија и заклучува:

– На идните избори ние целиме во првотп полувреме да се соочиме дирекно со нив, бидејќи СДСМ е најголемата анти-македонска партија. И тие и ние се претставуваме дека сме деца на партизаните и на АСНОМ, меѓутоа ние тоа го правиме многу искрено и достоинствено, за разлика од нив. кои што спрема странците се сервилни, а спрема македонскиот народ се потценувачки.  СДСМ е црвена буржоазија, која ќе доживее дебакл на наредни избори и нема да се соземат после тоа. Ова е незапирлив процес и следниот судир на СДСМ нема да им биде со ДПМНЕ, туку ќе им биде со Левица.

Поврзани содржини