КАРТАТА НА МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА СЕ МЕНУВА Заедница на албански општини е нечија желба која нема да се исполни
Rазликата во косовската мапа врз која се крои Заедницата на српски општини е во тоа што тамошните косовски општини се етнички чисти, односно во нив живее мнозинско српско население со над 90 проценти. А тоа не е случај во Македонија, барем во најголемиот дел од општините каде што живее албанско население и затоа не може да се подвлече паралела, објаснува Ризван Сулејмани, професор и поранешен министер за локална самоуправа.
„Дури и да избувне пожар помеѓу Србија и Косово, пламенот воопшто нема да ја зафати Македонија“.
Вака експертите со коишто разговараше Плусинфо ја коментираат предупредувачката порака што викендов ја испрати Елвис Хоџа, советник на косовскиот премиер Албин Курти, кој рече дека евентуалното формирање Заедница на српски општини во Косово ќе предизвика формирање и на Заедница на албански општини во Македонија.
На социјалните мрежи почна масовно да се споделува и картата на Македонија, а на која со црвена боја се обележани градовите каде што живее албанско население и кои еден ден би станале дел од Заедницата на албански општини.
Сценарио осудено на пропаст
Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, потсетува дека Македонија е членка на НАТО и дека секакви сценарија за територијални поделби се осудени на пропаст уште на самиот почеток.
Ваквите предупредувања, односно заплашувања со некакво формирање Заедница на албански општини е класична пресметка за домашна употреба.
– Ако погледнеме низ историјата, тогаш ќе забележиме дека на Балканот отсекогаш се играле секакви игри, се кроеле сценарија, имало секакви апетити, а на секоја балканска земја барем еднаш ѝ се има јавено желбата да стане голема и моќна држава. Сите балкански земји сонувале да станат големи држави на сметка на оние помалите, а за несреќа, по Косово, Македонија е најмалата земја на Балканот. Јас лично мислам дека актуелните случувања и предупредувања за некакво формирање Заедница на албански општини во Македонија по рецептот на формирањето Заедница на српски општини во Косово е повторно нечија пуста желба која никогаш не може да биде исполнета. Никакви апокалиптични сценарија од таков тип не можат да ја зафатат Македонија, освен, не дај Боже, ако се случи некој поголем немир кој би се проширил низ целиот Балкан – објаснува Петковски.
Независно од недоразбирањата што ги имаат Косово и Србија, тамошниот проблем не може да биде заканувачки за нашата земја, посочува тој.
– Сепак, ние сме членка на НАТО, а Косово не е. А не треба да заборавиме дека НАТО има посебен интерес овде и гледате каков притисок врши на Србија да се дистанцира од Русија. Така што, ваквите предупредувања, односно заплашувања со некакво формирање Заедница на албански општини, е класична пресметка за домашна употреба. Тоа е политиканство и некои луѓе сакаат подобро да се позиционираат во политиката. Национализмот и популизмот никогаш не недостасувале на овие простори, а за жал, така ќе биде и во иднина. Но, во овој момент, не верувам дека некој има политичка моќ да ги плаши народите со измислени сценарија или да ги мобилизира Албанците од Македонија – вели Петковски.
Исто е, ама не е исто
Ризван Сулејмани, професор и поранешен министер за локална самоуправа, во разговор за Плусинфо вели дека ситуацијата на Косово е целосно различна од ситуацијата во Македонија и не може да се повлече никаква паралела.

– Повеќе од очигледно е дека оној што предупредува со формирање на некаква Заедница на албански општини во Македонија воопшто не ги познава контекстот и духот на Охридскиот рамковен договор, но и на Договорот помеѓу Косово и Србија. Едниот концепт е за гарантирање сигурност и безбедност на Косово, додека вториот е за развој на демократските принципи и вредности во Македонија. Така што, разликата во косовската мапа врз која се крои Заедницата на српски општини е во тоа што тамошните косовски општини се етнички чисти, односно во нив живее мнозинско српско население со над 90 проценти. А тоа не е случај во Македонија, барем во најголемиот дел од општините каде што живее албанско население. Значи, станува збор за два различни концепта за решавање меѓуетнички односи во мултиетнички држави. И едното со другото нема никаква поврзаност – објаснува професорот.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, смета дека апетитите на албанските политичари во Македонија се задоволени и дека во моментов воопшто не постои опасност од пресликување на состојбата во Косово.
– Не верувам дека конфликтот помеѓу Србија и Косово може да се прелее во Македонија. Ова е само борба на позиции помеѓу српските и албанските власти на Косово и јас не верувам дека нивната агенда е да се пренесе конфликтот на југ. Од друга страна, правата и позициите коишто ги имаат сега Албанците во Македонија не верувам дека ги има некоја друга заедница некаде во светот. Човечката лакомост никогаш не престанува, но реално гледано, сметам дека во моментов не постои никаква шанса да се исполни сценарио на поделби во Македонија – објаснува Пекевски.