Каракачанов: Нема разговори, додека Македонците пишуваат дека сме татари и фашисти
Самиот Бучковски има добра волја, но оние што го испраќаат немаат - вели вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија.
Вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов рече дека Бугарија има јасен став за РС Македонија и крајно време е во Скопје да започнат со читање на одлуките на бугарскиот парламент. Тој додава дека Владо Бучковски е добронамерна личност, со политичко искуство, писмен, со добар став и не случајно е избран за медијатор.
Тој верува дека властите во Скопје го користат Бучковски за да покажат добра волја.
– Самиот Бучковски има добра волја, но оние што го испраќаат немаат. Тие не сторија ништо три и пол години и сега продолжуваат да сметаат дека и покрај одлуките на бугарскиот парламент и влада, може да се постигне компромис. Ова не може да се случи – рече министерот за одбрана.
Каракачанов рече дека додека учебниците по историја во Македонија велат дека Бугарите се Татари и фашисти, не може да има разговор, објави „БГНЕС“.
– Имаат право да го бранат нивниот идентитет каков што е од неговото настанување, а не со кражба на туѓа историја за создавање на туѓ идентитет. Тие го имаат – ова е идентитетот создаден од Јосип Броз Тито и Коминтерната. Да го заштитиме. Но никој не ги напаѓа, но Цар Самоил е бугарски крал, тој не се борел против Бугарија, како што пишува во македонските учебници, ние Бугарите не сме фашисти, окупатори и татарско-монголско племе и покрај 70-годишните јазични промени сè уште зборуваме без преведувач, ние зборуваме на ист јазик – рече Каракачанов.
Тој потсети и на зборовите на португалскиот министер за надворешни работи, чија земја го презеде претседателството со ЕУ за 6 месеци, дека: „Проблемите не се меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку меѓу ЕУ и Северна Македонија“.