Камчев, Панделевски и Самсоненко купуваат запленет имот на ЗИК „Пелагонија“

Се продаваат друштвото „Скопско поле“ од Р’жаничино и комплексот „Александрија“ од Битола.

1,946

ЗИК „Пелагонија“ од Битола ги продава друштвото „Скопско поле“ од Р’жаничино и комплексот „Александрија“ од Битола. „Пелагонија“ дополнително продава и 2.803 сопствени акции.

Комбинатот објави преку Македонска берза дека со овие зделки ќе се ослободи од имотот кој е запленет од извршители на барање на две банки. Одлуките биле на дневен ред на Собранието на акционери од 8 јануари.






Вкупната зделка за продажбата на двата имота е 13,3 милиони евра.

„Скопско поле“ од Р’жаничино го купува Друштвото за производство на мелнички пекарски и други производи и промет на мало и големо „Жито Полог“ АД – Тетово, за цена од 200.000.000 денари (3,3 милиони евра).

Комплексот „Александрија“ во Битола го купуваат „Орка Холдинг“, друштво за градежништво ТИМ за вкупно 11 милиони евра што е под законскиот износ од 20% од сметководствената вредност на имотот на „Пелагонија“. При тоа двете компании купуваат по половина од комплексот, односно ќе платат по 5,5 милиони евра.

Номинална вредност на „Александрија“ е 216.043.000,00 денари од кои непаричниот влог изнесува 154.000,00 денари, а паричниот влог изнесува 215.889.100,00 денари.

Комбинатот информира дека двајца членови на Одборот на директори се поврзани со фирмите кои го купуваат комплексот „Александрија“.

Цветан Панделески кој е акционер, претседател и неизвршен член на Одборот на директори на „Пелагонија“ е роднински поврзан со Дејан Панделески и Снежана Георгиева кои се основачи и содружници на Друштвото за градежништво ТИМ ДОО Скопје кое е страна во зделката.

Јордан Камчев кој е акционер и неизвршен член на Одборот на директори и акционер во „Пелагонија“ е сопственик на „Орка Холдинг“.

ТИМ доо на синот на Пенделевски и градежната компанија „Софија градба“ која е сопственост на Камчев како и ЗИК „Пелагонија“ се акционери и во „Жито Полог“ каде што најголем акционер е Сергеј Самсоненко.

Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ ад Битола продава и 2.803 акции, што претставуваат 1,38% од основната главнина на Друштвото. Номиналната вредност на една обична акција издадена од Комбинатот изнесува 70,2 евра.

Купувачите на понудените сопствени акции ги стекнуваат правата на иматели на обични акции и тоа право на глас во Собранието на Друштвото, право на исплата на дел од добивката (дивиденда) и право на исплата на дел од остатокот на ликвидационата, односно стечајната маса на Друштвото, согласно Законот за трговските друштва, Законот за хартии од вредност и Статутот на Друштвото.

Поврзани содржини