КАМАТИТЕ НА КРЕДИТИТЕ ДОПОЛНИТЕЛНО ЌЕ РАСТАТ Народна банка ја зголеми основната каматна стапка на 6,30%

Народна банка одлучи од 20 декември годинава дополнително да се зголеми стапката на задолжителна резерва на девизните обврски на банките од 20% на 21%, а зголемен е и процентот на одржување на задолжителната резерва од обврските во странска валута којашто се исполнува во евра, од 80% на 81%.

169

Народната банка одлучи уште еднаш да ја зголеми за 0,15 процентни поени каматната стапка на благајничките записи. Таа со ова се искачи на ниво од 6,30%. Банката ги зголеми и  каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,15 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 4,20% односно 4,25%.

Како што наведоа од НБ, одлучено е од 20 декември годинава дополнително да се зголеми стапката на задолжителна резерва на девизните обврски на банките од 20% на 21%, а зголемен е и процентот на одржување на задолжителната резерва од обврските во странска валута којашто се исполнува во евра, од 80% на 81%.






– Измените во задолжителната резерва, заедно со макропрудентните мерки преземени досега, ќе придонесат за зајакнување на системската отпорност и претставуваат дополнителна поддршка на монетарните промени. Монетарното затегнување започна од крајот на 2021 година, прво преку интервенциите на девизниот пазар и оптималното управување со ликвидноста, а потоа од април минатата година и со зголемувањето на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти, велат од  НБ.

Одлуката за промена во каматните стапки е условена од најновите податоци и оцени за клучните показатели за монетарната политика, коишто упатуваат на постепена стабилизација, иако сѐ уште постојат ризици.

– Во согласност со монетарните мерки преземени од крајот на 2021 година наваму, како и намалените притисоци од увозните цени, домашната инфлација и натаму забавува и во август 2023 година на годишна основа изнесува 8,3%. Базичната стапка на инфлација исто така забавува, укажувајќи на значително помали ценовни притисоци од помалку променливите ценовни категории, а во согласност и со постојаното забавување на растот на личната потрошувачка – велат од НБ.

Од банката велат дека во однос на светските цени, и натаму се очекува нивно намалување, при поголема надолна корекција.

-Сепак, домашната инфлација и натаму е на релативно високо ниво, што претставува ризик за инфлациските очекувања. Овие аспекти, заедно со непредвидливоста на светските пазари заради војната во Украина, налагаат потреба од натамошна претпазливост во водењето на монетарната политика. Со оглед на применуваната монетарна стратегија, при носењето на монетарните одлуки се зема предвид и поставеноста на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), којашто на последната седница повторно ги зголеми каматните стапки заради натамошно стабилизирање на инфлацијата во еврозоната – велат од НБ.

Поврзани содржини