КАКВА ФАРМАЦЕВТСКА КОМПАНИЈА КУПИ НОВАК? „QuantBioRes“ е сомнителна и со бројни научно неосновани идеи
Одамна е познато дека Ѓоковиќ верува во алтернативна медицина, хомеопатијата, реики, босанските пирамиди, моќта на кристалите и слични псевдонаучни идеи. Затоа можеше да се очекува дека на тој пат би можела да биде и компанијата во која тој одлучил да инвестира. Потребно беше само да се истражи што точно таа прави.
Данската „биотехнолошка“ компанија во која Новак Ѓоковиќ има мнозински удел работи на лекување на ковид-19 со помош на електромагнетни фреквенции кои, според експертите, неодоливо потсетуваат на хомеопатски третмани, пишува Гардијан.
Да потсетиме накратко, светскиот тенисер број еден беше принуден да ја напушти Австралија во неделата, откако министерот за имиграција му ја укина визата со образложение дека неговото присуство во Австралија може да предизвика граѓански немири.
– Господинот Ѓоковиќ нема да настапи на Австралија опен, неговото присуство овде и неговиот престој, играњето тенис, може да доведе до тоа тој да ги поттикне оние кои сметаат дека движењето против вакцинацијата е рационално – се вели во соопштението на судот.
Набргу потоа, во средата, медиумите објавија дека Ѓоковиќ стекнал 80% од акциите во фармацевтската компанија „QuantBioRes“, која меѓу другото работи на иновативен третман на ковид-19.
Ѓоковиќ верува во многу псевдонауки
Одамна е познато дека Ѓоковиќ верува во алтернативна медицина, хомеопатијата, реики, босанските пирамиди, моќта на кристалите и слични псевдонаучни идеи. Затоа можеше да се очекува дека на тој пат би можела да биде и компанијата во која тој одлучил да инвестира. Потребно беше само да се истражи што точно таа прави.
Токму тоа се случи. Експертите овие денови читаа написи на веб-страницата „QuantBioRes“ и открија дека таму може да се најдат значителен број на научно неосновани идеи. Така, на пример, се вели дека компанијата осмислува третмани за вирусни заболувања и отпорни бактерии преку „предвидување на електромагнетни фреквенции“ кои можат да ги попречат активностите на вирусот.
– Овој проект има за цел да користи уникатен и нов модел на резонантно препознавање (RRM). „RRM“ е биофизички модел заснован на откритието дека одредени периодичности/фреквенции во дистрибуцијата на енергиите на слободните електрони во протеините се клучни за биолошката функција на протеините и нивната интеракција со протеински рецептори и други цели. „RRM“ овозможува идентификација на овие карактеристични фреквенции, кои се од електромагнетна природа, за секоја биолошка функција/интеракција. Откако ќе се идентификува карактеристичната фреквенција за биолошката функција, можно е да се анализира интеракцијата на биолошката функција/протеин, да се предвидат биоактивни мутации и да се дизајнираат „de novo“ биоактивни пептиди со саканата биолошка функција, а исто така да се предвидат електромагнетни фреквенции кои можат да пречат на одредени протеински активности. Овие предвидувања може да се користат за дизајнирање третмани за вирусни заболувања, или со дизајнирање на пептиди со саканата биолошка функција или фототерапија и/или оптички наночестички кои резонираат на идентификуваните електромагнетни фреквенции – се вели во соопштението на компанијата.
Зборовите и пристапот потсетуваат на хомеопатијата
Д-р. Дарен Саундерс, австралиски биомедицински научник, на својот профил на Твитер напиша дека терминологијата и пристапот опишани на веб-страницата „QuantBioRes“ го потсетуваат на хомеопатијата, која експертите ја сметаат за псевдонаука.
Имено, хомеопатијата се заснова на идејата дека одредени супстанции, кога доволно се разредуваат, делуваат како лек за оние состојби кои инаку ги предизвикуваат. За илустрација, кофеинот, доколку е доволно разреден во вода или алкохол, според хомеопатијата треба да делува како средство за спиење. Еден од многуте проблеми со овој концепт од 18 век е тоа што подразбира дека колку е поголем ефектот на препаратот, толку е поголемо разредувањето.
На крајот, излегува дека во најмоќните (најразредените) препарати веќе нема ниту една молекула на активна супстанција. Меѓутоа, хомеопатите тврдат дека во водата, односно алкохолот во кој е растворена активната супстанција, дури и кога растворот е толку разреден што активната супстанција веќе воопшто ја нема, останува фреквентниот отпечаток на активната супстанција. Го нарекуваат водена меморија.
Во тој контекст, интересен е цитатот на Никола Тесла, кој компанијата го издвои на својата веб-страница како мото, кое е омилено во светот на псевдонауката, иако има научна смисла: „Ако сакате да го разберете универзумот, размислете за енергијата , фреквенцијата и вибрациите“.
Термини – црвени предупредувачки знамиња
Како едно од големите предупредувања дека се работи за псевдонаука, Саундерс го споменува името на компанијата. „Еве ја страница од „биотехнолошката“ компанија на Новак – „QuantBioRes“. Вчукување на зборот „Quant“ (квантно) во името е огромно црвено знаме“, предупредува Саундерс.
Имено, познато е дека во светот на псевдонауката и алтернативната медицина често се користи терминот квант бидејќи под него лесно може да се продаде сѐ, особено на луѓе кои не сѐ научно писмени. „Другото црвено знаме во салата со зборови што може да се најде на таа страница е обилно расфрлање на термини како „резонантни“ и „фреквенции“, додава Саундерс.
Коронавирусите се класифицирани како ретровируси
Тој, исто така, истакнува дека компанијата сосема погрешно го класифицира коронавирусот SARS-CoV-2 како ретровирус, заедно со ХИВ.
Имено, ретровирусите и коронавирусите значително се разликуваат, иако и двата имаат РНК како генетски материјал. Со помош на реверзна транскриптаза, ретровирусот мора да ја преведе својата РНК во ДНК, да влезе во јадрото на клетката домаќин и да ја вметне во геномот на домаќинот. Новите РНК геноми на ретровирусите се создаваат од таква инкорпорирана ДНК.
Од друга страна, коронавирусите ја размножуваат својата РНК во посебен комплекс во цитоплазмата, преку комплементарен РНК посредник, без да навлезат во клеточното јадро и без обратна транскрипција и инкорпорирање во ДНК на домаќинот.
Компанијата нема потврдени научни успеси
Саундерс верува дека „QuantBioRes“ воопшто не може да се нарече биотехнолошка компанија.
– „Иновативната технологија“ што тие ја опишуваат на нивната веб-страница не го одразува современото разбирање за тоа како функционира биохемијата – пишува Саундерс на Твитер.
Проф. Питер Колигнон, доктор за заразни болести и експерт за отпорност на антимикобните лекови за Гардијан вели дека на веб-страницата на „QuantBioRes“ се користат „фенси изрази“ без никакви докази за успесите кои ги промовираат.
– Ништо немаат презентирано во форма на податоци. Луѓето постојано бараат нови молекули, но веб-страницата опишува како да се најдат нови молекули без никакви докази за успех – вели професорот.
Директорот Лончаревиќ ја брани компанијата како иновативна
Извршниот директор на „QuantBioRes“, Иван Лончаревиќ, за британскиот весник негираше дека методите развиени од неговата компанија се поврзани со хомеопатијата.
– Она што го правиме нема апсолутно никаква врска со хомеопатијата – рече тој.
– Теоријата зад хомеопатијата е дека можете да пренесете информации од хемикалија на друга супстанција, како што е водата. Развиваме пептиди со специфична функционалност. Ова е чиста, класична наука – рече тој, објаснувајќи зошто немаат објавени податоци или научни трудови.
– Секако дека не ги ставаме нашите податоци на веб-страница што може да ја види секој идиот. Наскоро ќе објавиме статија во научно списание што ќе ги претстави сите наши клинички испитувања. На прашањето кога ќе биде објавен написот, Лончаревиќ одговори: „Со малку среќа, за два до три месеци, по рецензијата“.
Запрашан за ставот на Саундерс дека „QuantBioRes“ е „растегнат“ да се претстави како биотехнолошка компанија и дека „иновативната технологија“ опишана на нејзината веб-страница не го одразува модерното разбирање за тоа како функционира биохемијата, Лончаревиќ рече: „Тоа е затоа што сме иновативни“.
На крајот, тој потсети дека другите пионери во инженерството или науката, како Илон Маск и Галилео, се соочија со слични критики кога првпат ги презентираа своите ставови.