Како влијаат климатските промени на Олимписките игри
Последиците од климатските промени не ги зафаќаат со подеднаков интензитет сите делови на светот, според извештајот на Јапонската метеоролошка агенција, Јапонија, а особено Токио, се затоплува побрзо од остатокот на планетата.
Временските услови се една од главните теми на разговор на Олимписките игри во Токио, температурите се превисоки, влажноста на воздухот исто така, ова влијае негативно врз натпреварувачите, како и сите оние кои се дел од организацијата.
– Постојано сте дехидрирани, чувствувате тежина на вашите рамена од големата топлина и влажноста на воздухот. Не се чувствувате свои, нозете ви се поспори. Ова не е прв пат да доживуваме тешки услови. Сепак, разговарав со неколку момци во соблекувалната и сите рекоа дека ова е најтешкото нешто што го искусиле, од ден на ден – објаснува Новак Ѓоковиќ за европските медиуми.
Српскиот тенисер не е единствениот учесник на Олимписките игри кој тешко се справи со топлото време во Токио. Светлана Гамобоева, руска натпреварувачка во стрелаштво, се онесвести за време на квалификацискиот круг на натпреварот.
– Се покажа дека не може да издржи цел ден на оваа горештина. Тоа беше првпат да се случи вакво нешто. Трениравме во Владивосток, каде што времето беше слично. Сепак, влажноста тука игра значајна улога – изјави нејзиниот тренер Станислав Попов за „Ројтерс“.
Токио под притисок на климатските промени
Последиците од климатските промени не ги зафаќаат со подеднаков интензитет сите делови на светот, според извештајот на Јапонската метеоролошка агенција, Јапонија, а особено Токио, се затоплува побрзо од остатокот на планетата.
Средната годишна температура во Токио се зголеми за 2,86 степени, во споредба со деведесеттите години, што е околу три пати побрзо од стапката на раст на просечната глобална температура. Од деведесеттите години, жителите на Токио од година во година сè почесто доживуваат денови кога температурата е повисока од 35 степени.
Спортистите и климатските промени
Физичката активност на човекот во ладна и сува средина на околу 11 степени, се покажа како најефикасна, според извештајот на „Rings of fire“. Со зголемување на температурата и влажноста, се влошуваат когнитивните и физичките способности на спортистите, дури до миг каде нивното здравје е загрозено.
Прегревањето може да ги загрози мускулите и кардиоваскуларниот систем, а тоа доведува до дехидрација. Со самото тоа, прегревањето има негативен ефект врз спортските перформанси и ако трае доволно долго, може да доведе до топлотен удар, загрозувајќи го здравјето на спортистите.
Дополнителна опасност е високата влажност која оди заедно со високите температури, а тоа го доживуваат моментално натпреварувачите на Олимписките игри. Ваквите услови го отежнуваат испарувањето на потта од кожата, природниот процес на терморегулација со што се лади телото.
Олимписките игри во иднина
Влијанието на климатските промени се јасно видливи на овие Олимписки игри, па затоа организаторите одлучија да го поместат маратонот на 800 километри северно од Токио, во градот Сапоро, каде преовладуваат поповолни временски услови.
Покрај фактот дека здравјето на натпреварувачите, но и на судиите, организаторите, работниците, волонтерите и на публиката е загрозено во такви услови, целокупното искуство на спортските настани може да се промени поради ослабените перформанси на спортистите. Сите оние кои во иднина ќе бидат вклучени во овие спортски настани ќе мора да се приспособат на екстремни услови, се наведува во извештајот на „Rings of fire“.