Како стаса индискиот сој од Ирак до Македонија – со специјален авион право во приватна клиника
И вториот пациент заразен со индискиот сој на коронавирусот, исто како и првиот, со специјален авион и во посебно санитетско возило од аеродром беше префрлен во приватна болница и тој немал контакт со никого, велат од Министерството за здравство.
Двајцата пациенти од земјава кај кои е дијагностициран индискиот сој на коронавирусот немале никаков контакт со други луѓе освен со стручниот медицински персонал, тврдат од Министерството за здравство и повторуваат дека ситуацијата е под контрола и дека нема место за паника.
Како што објаснуваат оттаму, пациентите со специјален авион и во посебно санитетско возило биле префрлени од болница во Ирак во приватна болница во Скопје.
– Секвенционирањето на брис од вториот пациент беше направено пред десетина дена. И вториот пациент, исто како и првиот, со специјален авион и во посебно санитетско возило од аеродром беше префрлен во приватна болница и тој немал контакт со никого. И во двата случаи станува збор за пациенти кои од болница во Ирак како ковид-позитивни се префрлени во болница во Скопје. Двајцата пациенти немаа никаков контакт со други луѓе, освен со медицинскиот персонал – нагласуваат од Министерството за здравство.
Дека нема простор за страв и паника поради евентуално ширење на индискиот сој на коронавирусот во земјава рече и министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција
– Пациентите од Ирак безбедно пристигнаа во нашата земја и тие немаа контакт со други луѓе. И двајцата пациенти биле колеги во Ирак и со ист авион беа вратени во Скопје, само што вториот пациент малку подоцна ги почувствувал симптомите на индискиот сој. Сè уште немаме прецизни податоци за индискиот сој, бидејќи нема доволно испитувања во Европа и во светот. Сепак, сметам дека е многу мал ризикот со индиската мутација да се заразат вакцинираните против ковид-19. Но, сè уште е рано со сигурност да се тврди нешто конкретно – рече Филипче.
Тој посочи дека ситуацијата во земјава е мирна и дека засега не се размислува за воведување нови мерки и рестрикции.
– Постојано ги анализираме податоците во нашата земја и податоците во Европа. Кај нас има мал број новозаразени на дневна основа, мал број хоспитализирани пациенти, а и мал број прегледи во амбулантите. Тоа ни укажува дека ситуацијата е мирна и дека засега нема да воведуваме дополнителни рестрикции со цел да спречиме евентуален нов бран на пандемијата. Редовно ќе ја следиме состојбата и ќе реагираме навремено доколку забележиме промена – истакна министерот.
Поразлични симптоми
Индискиот сој е многу пренослив и се смета дека е од 40 до 90 отсто позаразен од претходните соеви на ковид-19. Студиите покажуваат дека оваа мутација ги напаѓа и помладите лица. Според истражувањата, кај овој сој и симптомите се поразлични, а најчести се главоболка, болка во грлото, течење од носот и треска, а инфицираните имаат повеќе шанси да завршат во болница со потешка клиничка слика.
– Делта-мутацијата е повирулентна и се покажа како позаразна. Еден од моментите што ја прави заразноста на овој вирус поголема е тоа што кај помладите дава една полесна клиничка слика од типот на главоболка и кивавица. Кај индискиот сој нема губење мирис и вкус. Младите пациенти го поминуваат како еден вид потешка или полесна настинка, сосема несвесни дека се работи за ковид-инфекција. Во однос на смртноста, можеби е за нијанса поголема во споредба со претходните мутации – објаснува д-р Александра Димова.
Инфектологот Алириза Османи во гостување на ТВ21 вели дека сè уште нема точни информации за индискиот сој на коронавирусот, но, како што додава, лекарите се подготвени да ја третираат секоја нова мутација што ќе се појави во земјава.
– Луѓето треба да внимаваат, но не треба да се плашат. Само оние кои имаат симптоми треба да се стават во самоизолација и да не се мешаат со други луѓе. Засега не поседуваме точни информации за индиската мутација, па наскоро ќе видиме дали сликата ќе биде полоша или подобра. Ние сме тука да ги лекуваме пациентите – вели д-р Османи.
Антителата не се силно оружје
Микробиологот и научник од Институтот „Ворвик“, Бранко Рихтман, вели дека индискиот сој има двојно побрза трансмисија од британскиот кој ја покоси Европа изминативе месеци, а антителата на прележаните не се силно оружје за борба против оваа мутација.
Вакцините се најдобрата заштита, потенцира тој.
– Некои истражувања покажуваат дека нашите антитела кои што ги добиваме по природен пат, со заразување со вирусот не се толку ефикасни како имунитетот и антителата кои што ги добиваме преку вакцинацијата. Се заразуваат и луѓе коишто се вакцинирани, но тоа се оние кои што примиле една доза, па заштитата не им е потполна, но многу е битно дека вакцините се и понатаму ефикасни против делта сојот, односно се ефикасни во превенцијата на хоспитализирање и смрт. Многу мал број хоспитализирани се луѓе кои што се вакцинирани, околу 14 отсто – објаснува микробиологот.
Делта-варијантата на коронавирусот го зголеми бројот на новозаболени во Британија, каде што и покрај големиот број вакцинирани, за една недела, за 79 отсто е зголемен бројот на новозаболени, додека приемот во болниците е речиси двојно зголемен.
Експерти за „Гардијан“ велат дека Велика Британија се соочува со третиот бран на ковид-19. Слична е состојбата и во Русија, додека, пак, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон повикаа на претпазливост за да се спречи ширењето на делта сојот и најавија дека ЕУ на претстојниот Самит ќе разгледува како подобро да ги усогласи ограничувањата за патувања.
Д-р Даниловски: Со индискиот сој можат да се заразат и вакцинираните, но ризикот е мал