Како синот на Кензо Танге ѝ го „украл“ проектот на Заха Хадид за стадионот во Токио?
Кревети од рециклиран картон, душеци од пластика, медаљи од рециклираните злато, сребро и бронза кои беа стопени од старите мобилни телефони на Јапонците, само за да се докаже идејата на еколошката одржливост - тоа е јапонскиот дух.
Паул Норитака Танге, синот на познатиот архитект Кензо Танге, е дизајнерот на стадионот и придружните објекти за тековните Олимписките игри во Токио. Исто како што неговиот татко ги дизајнираше тогашниот Јојоги центар и базенот за Олимпијадата во 1964 година, една година откако му го даде новиот лик на постземјотресно Скопје, неговиот син сега проба во сличен бруталистички манир одново да ги облече овие објекти во 2021 година, јавува Би-би-си во видео-репортажа.
Погледнете го видеото кое ќе ве прошета низ објектите на Олимпиското село во Токио.
Се чини дека Кензо Танге повторно ги поврзува Македонија и Јапонија. Како и нашиот земјотрес и Јапонците имале многу земјотреси, па мораа одново да ги обмислуваат своите објекти од Олимпијадата. Сеќавајќи се на Олимпијадата во Токио од 1964 година, тие како да немаа друг избор освен да му го отстапат дизајнот на главниот стадион на Паул Норитака Танге.
Заха Хадид е супер, ама чини 2 милијарди
Но, како дојде до тоа? Најпрво, Јапонците објавиле меѓународен конкурс на кој победило мегапознатото студио на (веќе починатата) Заха Хадид. Со својот параметрички дизајн и ултрабрановидни форми, проектот чинел скоро 2 милијарди долари и морал да биде напуштен. Поедноставно било да дојде некој и само да ги реконструира старите објекти на Олимпијадата, и да направи нов стадион, со минимални средства – баш како што налага јапонската традиција на минимализам.
Што ќе беше ако во 2014 година Скопје објавеше интернационален наместо национален конкурс?
Тогаш се појавил Паул Танге. Тој го редизајнирал Олимпискиот базен на татко му, кој сега може да се движи и да се подесува во должина и во длабочина, а главниот стадион, каде што беше извршена почетната церемонија, каде што ја следиме атлетиката и каде што ќе биде завршната церемонија е дизајниран врз стариот, со што помалку средства. Кревети од рециклиран картон, душеци од пластика, медаљи од рециклираните злато, сребро и бронза кои беа стопени од старите мобилни телефони на Јапонците, само за да се докаже идејата на еколошката одржливост – тоа е јапонскиот дух.
Земјотрес, цунами, нуклерна катастрофа
Новиот стадион на синот на Кензо е изграден во сенката на Империјалната Палата во Токио. Токму во таа палата се одржуваат каратето, џудото и други боречки натпревари. Кога сме кај борбите, вчера нашиот олимпиец Дејан Георгиевски стигна до среброто во таеквондо – втор олимписки медал за Македонија од нејзиното осамостојување.
Секако, во Јапонија се одржуваат и помали спортски настани паралелно со Олимпијадата. За нив се користи салата во Фукушима, која исто така е целосно обновена откако градот, слично како и Скопје, го зафати катастрофален земјотрес во 2011 година. Земјотресот предизвика цунами во морето и ја зафати тогашната нуклеарна централа во Даичи, предизвикувајќи светска мини-нуклеарна криза.
