КАКО СЕ РЕГИСТРИРАЛЕ, ТАКА ЌЕ СЕ ИЗБРИШАТ Професор Давитковски за здруженијата со провокативни имиња

По право на надзор, може да се бара поништување на регистрација, а тие имаат право на жалба кое може да дојде до Управен суд и таму да се повикаат вештаци кои треба да дадат свое мислење за тоа кој бил Цар Борис Трети - вели професор Борче Давитковски, еден од авторите на Законот за здруженија и фондации.

3,365

Уписот во регистарот на здруженија, кои имаат имиња и програми кои ги иритираат граѓаните, мора да се поништи, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски, еден од креаторите на Законот за здруженија и фондации.

Во настап на ТВ 24 Давитковски ги коментираше актуелните настани поврзани со отворањето нови здруженија со контроверзни имиња како „Цар Борис Трети“ или „Иван Михајлов“.






– Како држава мора да покажеме дигнитет, мора да се почитуваат нашите закони. Уписот во регистарот на здруженија, кои имаат имиња и програми кои ги иритираат граѓаните, мора да се поништи. Оние кои ги одобруваат овие работи мора претходно да ги проверат името и програмата. Ако не реагира државата, ќе изникнат насекаде како печурки. Морам да напоменам дека сами се ставаме во непријатни ситуации. Доколку некој смета дека е ускратен да отвори организација со провокативно име, слободно нека се обрати на судот во Стразбур. Ние веруваме дека македонската држава треба да ги штити интересите на нашите граѓани – вели професор Давитковски.

За актуелниот клуб „Цар Борис Трети“ Давитковски смета дека уште референтот на филијалата на Централен регистар во Охрид не смеел да дозволи негов упис. Сега, пак, може оваа регистрација да биде поништена на повисоко ниво.

– По право на надзор, може да се бара поништување на регистрација, а тие имаат право на жалба кое може да дојде до Управен суд и таму да се повикаат вештаци кои треба да дадат свое мислење за тоа кој бил Цар Борис Трети. Но уште тие на шалтерот на Централен регистар во Охрид, референтот, требало да ги пролиста програмата, статутот и името и да не изврши упис – рече професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Давитковски вели дека законот е направен за да биде либерален, но ако државата сега не го спречи овој тренд на регистрирање клубови со контроверзни историски имиња, тоа ќе се смета за преседан и таквите регистрации ќе продолжат до недоглед.

Во меѓувреме најавено е отворање бугарски културен клуб во Богданци. Давитковски смета дека треба убаво да се проучат целите на тоа здружение.

– Треба минимум пет основачи, од кои тројца државјани на Македонија, за да се формираат органи, статут и програма за работа. Тие документи, потпишани од основачите, се носат во Централниот регистар, кој ги гледа тие факти, треба да се види програмата, што значи тоа здружение и кои му се целите и задачите во статутот – потсетува Давитковски.

Поврзани содржини