КАКО МОЖЕ СРЦЕТО ДА СЕ СКРШИ? Синдромот на скршено срце е последица на ненадејни, екстремно силни емотивни реакции

Силната болка, паниката, стравот и душевното страдање можат да доведат до зголемени нивоа на катехоламини во циркулацијата што, по одредено време (неколку минути или часови), доведува до невообичаена дисфункција на левата комора на срцето.

103

Синдромот на скршено срце (Такотсубо кардиомиопатија) е сè уште потенцијално фатална состојба, и покрај зголемената свест за состојбата.

Не е целосно разбрано зошто се јавува синдромот на скршено срце, но во повеќето случаи тоа е реакција на ненадејна смрт на близок, голема финансиска загуба или природна катастрофа.






Реверзибилна кардиомиопатија предизвикана од стрес

Синдромот на скршено срце за прв пат го опишаа јапонски експерти по земјотресот во 1991 година. Такотсубо кардиомиопатијата е дефинирана како реверзибилна, предизвикана од стрес, кардиомиопатија, односно, болест на срцевиот мускул.

И покрај зголемената свест за состојбата, нова студија објавена во списанието American Heart Association наведува дека синдромот на скршено срце останува сериозна и потенцијално фатална состојба.

Што го предизвикува синдромот на скршено срце?

Лекарите велат дека точната причина за оваа кардиомиопатија е непозната, но се верува дека е последица на ненадејни, екстремно силни емотивни реакции. Силна болка, паника, страв, ментално страдање може да доведат до зголемување на вредноста на катехоламините во циркулацијата, што, по одредено време (неколку минути или часови), доведува до невообичаена дисфункција на левата комора на срцето.

Катехоламините се хормони на надбубрежната жлезда, меѓу кои се адреналин (епинефрин), норадреналин (норепинефрин) и допамин. Сите овие хормони играат клучна улога во регулирањето на срцевиот ритам, крвниот притисок и реакцијата на стрес.

Симптомите наликуваат на срцев удар

На самиот почеток, синдромот на скршено срце е многу сличен на акутен коронарен синдром, имитирајќи нестабилна ангина или акутен срцев удар. Симптомите вклучуваат болка во градите, чувство на „чукање“, прескокнување на срцето, отежнато дишење. Може да се појават мачнина, повраќање, губење на свеста.

Поради преклопување на симптомите со миокарден инфаркт, Такотсубо кардиомиопатијата понекогаш е погрешно дијагностицирана. Сепак, за разлика од миокарден инфаркт, синдромот на скршено срце не вклучува блокада на коронарните артерии. Со брз третман, синдромот на скршено срце е потенцијално реверзибилна состојба.

Повисока стапка на смртност забележана кај мажите

Истражувачкиот тим, предводен од д-р М. Реза Мовахед, интервентен кардиолог и клинички професор по медицина на Центарот за срце „Сарвер“ на Универзитетот во Аризона, ги испитувал здравствените картони од Националната база на податоци за пациенти од 2016 до 2020 година. Резултатите покажале неколку загрижувачки трендови:

Вкупната стапка на смртност во болнички услови од Такотсубо кардиомиопатија била 6,5 проценти, без подобрување во текот на петгодишниот период. Мажите имале значително повисока стапка на смртност, 11,2 проценти, во споредба со 5,5 проценти кај жените.

Кои се најчестите компликации од синдромот на скршено срце?

Чести компликации од синдромот на скршено срце во болнички услови биле:

Конгестивна срцева слабост (35,9 проценти)
Атријална фибрилација (20,7 проценти)
Срцев шок (6,6 проценти)
Мозочен удар (5,3 проценти)
Срцев застој (3,4 проценти)
Возраста, исто така, играла клучна улога во инциденцата на оваа состојба. Синдромот на скршено срце бил најчест кај луѓе над 61 година.

Раната дијагноза спречува компликации

Д-р Мовахед ја нагласил важноста на добрата дијагноза, правилно разликувајќи ја Такотсубо кардиомиопатијата од други срцеви заболувања. Тој ги повикал лекарите да бидат претпазливи кога работат со пациенти со синдром на скршено срце поради ризикот од компликации во форма на емболичен мозочен удар (кога згрутчување на крвта што се формира во телото се ослободува и патува до мозокот), што може да се спречи со рана интервенција.

Д-р Мовахед додава дека раната дијагноза и интервенција, особено кај пациенти со атријална фибрилација или сериозно ослабен срцев мускул, може да го намалат ризикот од компликации како што е мозочен удар. Експертите заклучуваат дека се потребни понатамошни истражувања за подобрување на дијагностичките критериуми и методите на лекување.

Поврзани содржини