КАКО МАКЕДОНИЈА ГО ЗАГУБИ СВОЈОТ ПОЕТСКИ МОЦАРТ НА 17-ГОДИШНА ВОЗРАСТ Талентираниот Ацо Караманов на денешен ден падна од фашистичките бајонети
Иако семејството Караманови имало скромни приходи, било свесно за исклучителниот талент на малиот Ацо, па инвестирало во неговото образование. Татко му зел кредит за да купи голем број книги од југословенската и светската класика. Така, Караманов уште на 12-13-годишна возраст силно се приврзал за делата на Достоевски, Кант, Ниче, Хегел, Шопенхауер, и други.
На денешен ден, 7 октомври во 1944 година кај селото Смојмирово, Беровско, во борба против германските фашисти загина Ацо Караманов, македонски поет, револуционерен младинец и борец во НОВ на Македонија.
Имаше само 17 години, но и покрај тоа имашт доволно време да биде препознаен како голем поетски и интелектуален талент, кој за жал не успеа на поколенијата да им остави пообемно литературно дело.
Ацо Караманов е роден на 31 јануари 1927 година во Радовиш како најстаро дете во семејството на Софија и Васил Караманови. Кога имал само три месеци, семејството го напуштило родното место поради службата на таткото и се преселило прво во Белград, а потоа и во други места низ Србија. Повеќе години Караманови живееле во селото Велико Орашје, близу Смедеревска Паланка.
Таму малиот Ацо го завршил основното образование и, благодарение на способниот учител, кај него рано се јавила љубовта кон литературата. Согледувајќи ги предиспозициите на Ацо Караманов, неговиот учител лично го одвел да го полага приемниот испит во гимназијата во Смедерево кој го положил со одличен успех. Во прво време, тој живеел сам со мајка му во Смедерево, а потоа неговиот татко добил служба во Скопје, па семејството се преселило во Скопје. При крајот на учебната 1937/38 година се запишал во Првата машка скопска гимназија.
Покрај редовното образование, Ацо самостојно систематично работел врз своето книжевно образование. Читал и обработувал дела од светската литература, напредни за неговата возраст, а забелешките и сопствените критики за прочитаното ги запишувал во тетратки.
Иако семејството Караманови имало скромни приходи, било свесно за исклучителниот талент на малиот Ацо, па инвестирало во неговото образование. Татко му зел кредит за да купи голем број книги од југословенската и светската класика. Така, Караманов уште на 12-13-годишна возраст силно се приврзал за делата на Достоевски, Кант, Ниче, Хегел, Шопенхауер, и други.
Дотогаш неговото образование се одвивало на српски јазик. Но, со почетокот на Втората светска војна и бугарската окупација, тој образованието го продолжил на бугарски јазик. Многу брзо го совладал јазикот ипочнал да чита бугарските поети, како и дела на светски писатели преведени на бугарски јазик. Кон крајот на мај 1944 година семејството Караманови се враќа да живее во родниот Радовиш. Таму Ацо продолжува со интензивно читање и пишување, секојдневно го води својот дневник.
Паралелно со неговата наобразба се одвивало и неговото политичко активирање. Уште во 1941 година во Скопје се вклучил во организацијата на комунистичката младина СКОЈ и активно учествувал во растурање летоци и други акции.
За неговите погледи и нарав сведочи Вера Христова која ги пренесува неговите зборови: „Не сакам да ме врзувате за таму некави си состаноци. Јас сум си по природа напреден човек и комунист. И тоа го покажувам на дело, повеќе отколку вие.“
Таа му се лутела што тој учел германски, но тој реагирал:
„Добро, јас учам и руски, не само германски, но тоа го правам бидејќи постојат не само германски нацисти и окупатори, туку и писатели како Шилер и Гете и дека, за да ги почувствувам, морам да ги читам во оригинал, бидејќи Шилер и Гете не се фашисти“.
Всушност, филозофите силно влијаеле врз неговите сфаќања за војната, па како пацифист Ацо Караманов извесно време се колебал дали да им се придружи на партизаните, но сепак на крајот желбата за слобода и потребата да биде активен учесник во тие историски настани, кај него преовладала.
Така, на почетокот на септември 1944 се придружил на Тринаесеттата македонска народна бригада, но по само еден месец во борбените редови, трагично загинал. При една извидничка акција со неколкумина соборци, паднал во германска заседа кај селото Смојмирово и бил избоден со бајонети.
Во текот на својот краток живот Караманов не објавил ниту една книга, но
од него се зачувани околу 280 поетски творби, бележници, дневнични записи и писма. Меѓу зачуваните поетски творби се: Приказна (1943/1944), романот Трупот со сини очи, незавршениот роман Човекот што испил арсеник, дневник, есеи, осврти и писма. Караманов пишувал на српски и на бугарски јазик, јазиците на кои се образувал во Србија, а потоа и во окупирано Скопје. Благодарение на литературните дејци Милан Ѓурчинов и Радивое Пешиќ, кои биле негови пријатели и познавачи на неговото дело, постхумно се објавени неколку книги со негово творештно: „Црвена пролет“, издадена во 1963, 1984 и 1989 година; „Прозните записи“, издадена во 1981 година; „Сребрените соништа“; и „Големата песна на Ацо Караманов“ издадени во 2006 година.
Денес името на Ацо Караманов е личност чие име го носат една улица во Скопје и во Радовиш, детската градинка во Радовиш, општинската установа „Центар за култура – Радовиш“, еден фолклорен ансамбл (ФА „Ацо Караманов“). Во негова чест, секоја година се одржуваат „Караманови средби“ кои ги поврзуваат поетите од сите балкански земји, па и пошироко.
И МОЖЕБИ ТИ ЌЕ ДОЈДЕШ ТОГАШ
И можеби ти ќе дојдеш тогаш
за последен пат на морскиот срт
немоќен и студен каде спијам
прераната да ја колнеш смрт.
А моите усни насмевнати ќе бидат
и душата уште ќе живее, велам,
а очите, верувај, сами ќе видат
и пак со тебе сè ќе делам.
Ќе бидам буден тогаш верувај
дури ќе излезам од темниот гроб
повторно да ја запеам моќната песна
на црниот и побунет роб.
Од моите очи ќе капат капки дожд
земјата да ја напојат родна
та и мртов на вас две ќе мислам,
ти да бидеш среќна, таа плодна.
„Големата песна на Ацо Караманов“,
приредил Милан Ѓурчинов, МАНУ, Скопје 2006