КАКО ЕСМ И МЕПСО СТАНАА ЗАГУБАРИ? Криза и рестрикции не ни бегаат, предупредува ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека поради несериозниот пристап, сѐ поочигледно е дека во наредниов период ќе се соочуваме со рестрикции и со повторно поскапување на електричната енергија која и онака две години наназад поскапуваше.

546

Според кои критериуми Владата во вторник ќе прогласи кризна состојба, праша денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Владата на на СДСМ и ДУИ мора да објасни зошто домашните компании АД ЕЛЕМ (ЕСМ) и АД МЕПСО се доведени во колапс, од одлични и стабилни компании станаа големи загубари со многу долгови. Зошто АД ЕЛЕМ во последниве две години има рекордно најниско производство од своето постоење наваму, нема откривка на јаловина и нема ископ на јаглен, хидро акумулациите се празни и не може да ги задоволи ниту потребите за електрична енергија за домаќинствата? – праша ВМРО-ДПМНЕ.






Со ваквиот однос на Владата, смета партијата, во никој случај не може да се избегне кризна состојба.

– Уредбата е донесена со цел да се прогласи кризна состојба, а не за нејзино успешно надминување. Наведеното се поткрепува со тоа што во нејзината содржина има низа недостатоци и воопшто не е прилагодена да даде одговори и решенија на актуелната состојба. Според Законот за енергетика, Уредбата за прогласување на електроенергетска кризна состојба треба да има неколку компоненти од кои најзначајно е што треба да ги содржи мерките што се преземаат во случај на кризна состојба. Иако законот го налага ова, загрижува фактот што уредбата нема доволно конкретни и издржани мерки. Со ваков пристап сосема очекувано е дека нема да се заштитат енергетските системи и нема да се обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија – наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму нагласуваат дека поради несериозниот пристап, сѐ поочигледно е дека во наредниов период ќе се соочуваме со рестрикции и со повторно поскапување на електричната енергија која и онака две години наназад поскапуваше.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека во Уредбата на Владата за прогласување кризна состојба се воведува нова ставка, а тоа е пораст на цената на електрична енергија за одреден временски период. Партијата смета дека ова е многу проблематично затоа што електричната енергија има третман на стока и е берзански производ.

– Ако ја има на берза и може да се купи значи нема криза во снабдување со електрична енергија. Имаш пари и си ја купуваш електричната енергија на берза. Прашање е зошто се става цената на берзански производ како услов за прогласување на кризна состојба? Цените на електрична енергија на берзите во Европа достигнуваат вредност од 150–300 евра за MWh. Цените на берзите во другите делови на светот како Јужна и Северна Америка, Африка, Азија не се толку високи. Значи нема основа за тврдење дека станува збор за светска криза. На берзите во Европа електрична енергија може да се купи во секој момент. Електричната енергија е стока и берзански производ и причините за високата цена на европските берзи треба да се анализираат малку посериозно – се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

При потреба од дополнителни количини на електрична енергија, финансиски средства обезбедуваат лиценцираните компании за вршење енергетска дејност или се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Тоа значи од џебот на граѓаните, објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

– Не е определено кој ќе ја купи електричната енергија, по која цена и од кого? Но, ако средствата се од Буџетот, тогаш како тие ќе се вратат назад или ќе останат како неповратна донација на ОЕДС? Ограничувањето на потрошувачката на електрична енергија при недостиг на електрична енергија ги координира ОЕПС при што се суспендира пазарот на електрична енергија и притоа ОЕПС, ОЕДС, снабдувачите и трговците со електрична енергија не се одговорни за штетите поради ваквите ограничувања. Се поставува прашањето како ќе се одреди кој е одговорен за кризата и кој ќе ги надомести евентуалните штети? – прашува опозициската партија.

Поврзани содржини