КАКО ДЕТЕ НЕ СМЕЕВ ДА ИМАМ ЛОШИ СТАВОВИ Која е 18-годишната Ема Радукану? (ВИДЕО)
Мислам дека смиреноста и менталната сила, дефинитивно доаѓаат од моето воспитување. Кога бев помлада, беше апсолутно забрането да имам лоши ставови, тоа го научив и до денес ме следи, вели Ема Радукану.
Социјалните медиуми во Кина се преплавени со поддршка и позитивни коментари за британската тениска ѕвезда Ема Радукану, но не само за нејзината историска победа на УС Опен, туку и за нејзиното кинеско потекло. Таа ја освои титулата без ниту еден загубен сет на целото првенство.
Радукану е родена во Канада, нејзиниот татко е од Романија, а мајка ѝ е од Кина. Пред да наполни две години, тие се преселиле во Лондон, Британија. Ема има две државјанства, канадско и британско. Зборува течно мандарински јазик.
Таа за прв пат се запознала со тенискиот рекет на петгодишна возраст, а започнала во тениската академија Бромли, пред нејзиниот потенцијал да биде забележан од Тениската асоцијација.
Раководителот ја зел под своја закрила уште од рана возраст, а поддршката што ја добивала Радукану била една од клучните за нејзиниот успех. Сепак, нејзините родители имаат најголемо влијание за она што таа е денес.
– Мислам дека смиреноста и менталната сила, дефинитивно доаѓаат од моето воспитување. Кога бев помлада, беше апсолутно забрането да имам лоши ставови, тоа го научив и до денес ме следи – изјави таа минатата недела.
За жал, нејзините родители не можеа да ги следат нејзините натпревари, како и финалето во кое играше против Канаѓанката Лејла Фернандез, поради строгите ограничувања за патување во САД.
Тренерот Андреј Ричардсон, кој ја водеше Ема до нејзиниот неверојатен триумф на УС Опен, вели дека нејзината ментална сила е навистина посебна.
– Не, нема зборување, ова е момент што не се случува многу често, па јас ќе уживам во тоа, а мислам дека треба и таа да го стори истото – изјави Ричардсон откако трофејот дојде во неговите раце.
Иаин Бејтс, шефот на британскиот тенис за жени, вели дека е важно да „живееме во моментот“ и да ги оставиме предвидувањата за нејзината патека.
Нема гаранции за млади играчи со талент. Приказната за Британката Лора Робсон, која стигна до четвртото коло на УС Опен како 18-годишна девојка во 2012 година, да биде исфрлена од колосек поради повреда, е пример за тоа.
Но, доколку Радукану остане здрава, поранешните шампиони на Грен слем, Мартина Навратилова и Вирџинија Вејд предвидуваат дека таа ќе освои повеќе Грен слем титули.
– Една од работите поради која бев многу импресиониран е колку е мирна и како сето тоа го прави во чекор. На терен станува сè подобра и подобра како што оди секој натпревар. Тоа е многу возбудливо за британскиот спорт и британскиот женски тенис – вели Бејтс од Тениската асоцијација.
Многумина на кинескиот сајт Веибо ја пофалија 18-годишната девојка, нарекувајќи ја „девојка Донгбеи“, референца за домот на предците на нејзината мајка.
Вирално стана и видео снимка на која се заблагодарува на своите обожаватели на мандарински јазик.
„Таа зборува исто како девојка „Донг Беи“ (североисточна Кина). Колку е неверојатно!“ гласеше еден од коментарите на Веибо.
„Таа рече дека редовно ја посетува Кина и дека еден од нејзините идоли е Ли На. Многу сум трогнат“, напиша и друг корисник на Веибо, осврнувајќи се на славниот поранешен кинески тенисер.
Други, според нејзиниот изглед, ја споредија со тајванска поп ѕвезда. „Мора да го поддржиме Реини Јанг на тениското игралиште“, напиша друг.
Но, некои корисници избраа да држат дистанца: „Таа е Британка, зошто сите вие сега се обидувате да ја земате како своја?“.
Во интервјуата, Радукану изрази почит за нејзината мајка и за нејзиното семејство.
– Тие се ментално издржливи, како ништо да не може да ги сруши. Би рекла дека голем дел од мојата инспирација ја добивам од неа. Мајка ми работеше многу напорно – рече таа, додавајќи дека научила за дисциплина и почит кон другите луѓе од неа.
Тинејџерката, која го посетува домот на предците на нејзината мајка Шенјанг за време на празниците, исто така рече дека не сака ништо повеќе од прекумерно гледање тајвански телевизиски емисии.
Радукану со своите 18 години, во саботата ја победи 19-годишната Лејла Фернандез во директни сетови и стана квалификантка и прва Британка која по 44 години која освоила Гренд слем титула.
Ова се најинтересните мигови од финалето помеѓу Радукану и Фернандез: