КАКО ДА СЕ ЖИВЕЕ ПО ТОА ШТО СЕ СЛУЧИ ВО КОЧАНИ? Преживеани од слична трагедија во Шведска дојдоа да споделат искуства

Во тимот, што доаѓа од Шведска, се вклучени социјални работници, пожарникари и лица кои преживеале сличен пожар во шведска дискотека, а преку средби со семејствата на загинатите и со жителите на Кочани ќе споделат лични искуства за тоа како се справиле со последиците и како го поминале патот на заздравување по трагедијата.

443

Под мотото „Пат на заздравување“ седумчлена делегација од градот Гетеборг во Шведска пристигна во Кочани и ќе даде своја поддршка по трагичниот пожар во клубот „Пулс“.

Во тимот има социјални работнички, пожарникари и преживеани од сличен пожар во дискотека, што се случил во Шведска, а во контакти со семејствата на настраданите и со граѓаните на Кочани тие ќе ги пренесат сопствените искуства од заздравувањето и од рехабилитацијата по несреќата.






Активностите се во рамки Иницијатива од луѓето за луѓето иницирана и поддржана од Амбасадата на Кралството Шведска и „Europe House”, а во реализација на Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска”, со поддршка од Општина Кочани и „Супорт Кочани” (SupportKocani).

На промоцијата на Програмата во Кочани, шведската амбасадорка Ами Ларсон Џеин нагласи дека искуствата од вакви трагедии се слични, а иако се случиле во 2 различни држави, болката и последиците се исти.

– Трагедија од вакви размери претставува траума не само за настраданите и за нивните роднини, туку и за општеството во целина. Луѓето во тимот од Гетеборг не се експерти, ниту професионалци, туку нормални човечки суштества кои биле во ситуација да ги почувствуват болката и страдањата што и вас ве погодија. Тие ќе ги споделат своите искуства за надминување на последиците, а како што вели Ларс Ренмарк, „ако не ја искористиме нашата трагедија за да им помогнеме на другите, таа ќе остане само трагедија“ – истакна Розбех Асланиан, член на Делегацијата од Гетеборг.

В.д. градоначалникот Венко Крстевски изрази благодарност за поддршката во име на граѓаните на Кочани и до семејствата на настраданите.

– Три месеци Кочани живее во длабока емотивна криза, психичка криза и криза во управувањето со секојдневието. Процесот на закрепнување е подлабок и подолготраен отошто можеме да си замислиме. Добро е што не сме осамени на тој пат, кој жителите на Гетеборг го поминале пред 27 години, а со искуствата – стекнати во тој процес – очекуваме да ни помогнат. Затоа, ви благодариме на сите, особено на Кралството Шведска, за програмата за поддршка на настраданите во пожарот, за организацијата и за реализацијата на активностите со кои заеднички ќе забрзаме по патот на заздравувањето – истакна Крстевски.

Шведската делегација во Кочани ќе има тридневни активности со споделувања искуства, отворени и затворени сесии и со јавна панел дискусија. За потребите на граѓаните и на семејствата на настраданите ќе биде поделен преводот на книгата „Како редење сложувалка“ чиишто автори биле дел од трагедијата во Шведска, а во која се собрани искуствата и случувањата по трагичниот настан.

На 29 октомври 1998 година во дискотека во Гетеборг се случил пожар со сличен трагичен исход како и во „Пулс“. На забавата присуствувале 375 луѓе, иако имало капацитет за 150, а притоа загинале 63 млади лица и 213 биле повредени.

Поврзани содржини