Како да се задржи работното место? Наесен нов бран откази!

Први на удар, како што најавуваат бизнисмените, ќе бидат работниците со договори на одредено време.

806

Бизнисмените најавуваат нови отпуштања од есен. Пандемијата, велат тие, финансиски ги исцрпи и нема некој позабележителен раст на потрошувачката во земјите каде што извезуваат ниту дома каде што граѓаните стануваат се посиромашни.

Најкритично е во текстилната, кожарската и во чевларската индустрија, но и во туристичката дејност која втора година по ред бележи незначителни приходи. Бројката на откази сѐ уште не се знае и ќе зависи од тоа дали бизнисите ќе заработат доволно за да можат да задржат барем дел од работниците.






Први на удар, како што најавуваат бизнисмените ќе бидат работниците со договори на одредено време. Ним договорите им истекуваат наесен и ако нема некои промени тие ќе останат без работа. Бројката засега не се знае.

– Не можеме да кажеме дека потрошувачката ќе може да ни ја задржи работната сила, бидејќи економијата не е доволно придвижена. Во меѓувреме не е направено ништо во некои од секторите. Одделни сектори кои и во нормални услови тешко преживуваат сега не можат да извезуваат бидејќи нивниот производ не се троши. Нашите податоци говорат дека во текстилната, кожарската и во чевларската индустрија производството стои во магацините. Доколку нешто не се промени ќе бидат принудени да отпуштаат работници. Ништо не е направено ниту во однос на прехранбената индустрија и таму имаме проблеми, туризмот веќе втора година не работи. Овие дејности не заработуваат за да можат и да ги платат работниците и најверојатно наесен ќе бидат принудени да отпуштаат-  вели претседателот на Бизнис конфедерацијата Миле Бошков.

Според него, компаниите се ставени пред предизвик да изнајдат нови начини за пласман на производите, а во текстилот е потребно да се вратат на создавање брендови и да бидат помалку зависни од работата која е зависна од нивните партнери во странство.

Отворањето на границите веројатно позитивно ќе се одрази на појдовниот туризам, но нема да има  позитивни ефекти врз домашните туристички капацитети.

– Годинава веќе поминува без туристи. Моментално имаме само Полјаци. На Холанѓаните не може да сметаме бидејќи сѐ уште не се воспоставени авионски линии. Дел од странците не доаѓаат бидејќи кога ќе се вратат дома треба да одат во карантин. За разлика од лани нема да имаме и домашни туристи бидејќи со отворање на границите македонските граѓани одмараат во странство. Резултатите ќе бидат полоши и од ланските. А без заработка не можат и да се платат работниците. Сепак, ќе почекаме да ги видиме резултатите па потоа ќе одлучуваме дали дел од редовно вработените ќе отпуштаме – вели Крсте Блажевски, претседател на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ).

Во оваа дејност, додава Блажевски, е присутна појавата искусниот кадар да ги напушта работните места и да замине во странство на сезонска работа, иако зимскиот период го поминал со платата добиена од хотелите.

– Наесен ќе се вратат и ќе бараат повторно работа, но ние, ако немаме работа, нема да можеме повторно да ги вратиме.Тие ќе останат без работа. На нивно место, летово, вработуваме млади кои наесен самите заминуваат бидејќи продолжуваат со школувањето. Повторно ќе се сведеме на редовно вработените кои останале во хотелите, а дали дел од нив ќе треба да отпуштиме моментално не може да се каже – вели Блажески.

Работниците, пак, се жалат дека работодавците кога сакаат да отпуштат работници измислуваат секакви оправдувања. Дел од нив дури во пандемија не ги платиле придонесите за здравство.

– Еве видовте што се случува во штипска „Баргала“ таму им се поделија откази на работници со смешно оправдување – не биле на работа а тие требало да бидат повикани. Секаде е исто, посебно во текстилот каде што работам. Кога им требаш и саботи и недели и прекувремени часови и празници нема, а кога нема работа на отстрел. Секогаш први летаат оние кои се повикани на испомош или со договори за дело – вели работничка од скопска текстилна компанија.

Според податоците на агенцијата за вработување од почетокот на ковид-кризата до февруари годинава без работа останале околу 18.000 лица. Бројот на активни баратели на работа е двојно зголемен, а вкупниот број на невработени лица кои активно бараат работа до февруари достигнал 160.000 лица.

Поврзани содржини