Како да се уништи една нација или достага од читањето на предложениот Закон за високо образование

Сликата за академската заедница е опскурна: „тие“ се сомнителни, ќе ги дисциплинираме. Мала илустрација: за да запише докторанти, установата треба да побара согласност од владата. Ве молам, за миг, замислете го премиерот како свикува седница на владата во полн состав за да го решите најгорливото прашање од судбинско значење за нацијата: дали Универзитетот „Јозеф К.“ треба да запише 5 или 6 докторанти откако претходно, по долги и мачни процедури, добил акредитација, која вели: „најмногу 6 кандидати“?

309

Во годината кога славиме 35 години независна Македонија, предложен е нов Закон за високо образование. Еден ваков акт треба да ги воспостави клучните начела и правила според кои ќе се обликува образованието на иднината. Во него треба да најде одраз философијата на слободата, отвореноста и развојот. Сепак, нема ништо од тоа во предложениот текст. Кога ќе го прочитате, ве фаќа тешка достага дека и по толку години независност, Македонија претпочита да не живее слободно, да не се отвори кон светот, туку да се прпелка во идеолошки рецидиви и провинцијални фрустрации, кои повторно и повторно, од деценија во деценија, по инерција или со интенција, се преточуваат во конфузна и анахрона образовна политика.

Еве неколку илустрации за ваквиот заклучок. Во предложениот закон зборот „влада“ се споменува триесет пати, зборот „министерство“ четириесет и два пати, а „министер“ четириесет и четири пати. Се разбира, во сите примери станува збор за моќ што им се дава на овие „именки“ да одлучуваат за прашања за кои во нормалниот свет одлучува академската заедница. Владата и министерот назначуваат членови на Национален совет, на Агенција за квалитет, на одбори и комисии, одлучуваат за буџети, одобруваат вработувања, статути на факултети, датуми на конкурси и уписи, се мешаат каде што треба и не треба, прават севозможни големи и мали нешта… Автономија на универзитетот, што беше тоа?






Затоа, пак, во законот го нема зборот „вештачка интелигенција“! Зборот „дигитализација“ е споменат дури двапати (!) и тоа во контекст на „трошок“. Учење „онлајн“ се споменува еднаш, пак во форма на забрана („не повеќе од 10%“). Се поставува елементарно прашање на здравиот разум: во кој свет живеат пишувачите и предлагачите на законот? Конечно, во каков свет сакаме да живеат нашите деца?

Кога сме кај децата, предложениот закон е скандалозен во одредбите што регулираат на кој факултет може да се запише еден средношколец. Ако некој избрал географија за државната матура, нека му е со среќа: може да студира само географија, друго не може. Ако, пак, евентуално, подоцна сака да продолжи на магистерски и докторски студии за да се занимава со некоја наука, пак нека му е со среќа: може само во областа „географија“! Дотолку пострашно е за оние кандидати од стручните и од уметничките училишта. Со други зборови, законодавецот ни вели: зошто да имате слобода на поинаков избор, зошто да комбинирате, да се надградувате – интердисциплинарно, мултидисциплинарно или, просто, затоа што сте сфатиле дека не сакате да бидете географ, или фризер, или пијанистка – туку нешто друго? Чуму слобода? Така еден избор (нејасен или хировит како самата младост, можеби направен од збунет средношколец, без соодветно советување за кариера, во чудесните околности на нашиот прекрасен „систем“) – станува судбина. Ако некој верувал дека со образование личноста може го обликува својот живот според својот сон за среќа, нека се преиспита себеси, бидејќи предложениот закон вели: од судбината не се бега.

За жал, не може да се избега и од фактот дека повеќе одредби во овој закон се неуставни и дискриминаторски. Такви се: чл. 24 став 4, чл. 27 став 6, чл. 46, чл. 51, чл. 63 став 1, чл. 70 став 4 точка 3, чл. 72 став 2 и 3, чл. 132 став 10, чл. 133, чл. 134, чл. 144 став 5 и 7, чл. 198, чл. 206 став 2, чл. 210, чл. 214 став 1 и други. Член по член – тоа би било долга анализа.

Затоа, да се задржам на една фрапантна настојба на законот – да се задуши, да се елиминира приватната иницијатива во високото образование. Наместо да промовира квалитет, конкуренција, иновација, реални начини за мобилност на професори и на студенти во земјата и во странство, со еден збор – отвореност кон светот и донесување на најдоброто во Македонија, врз основа на „фер правила за сите“ универзитети, било јавни или приватни, овој закон  ги „конфискува“, односно ги национализира регулираните професии (медицина, фармација, ветерина, архитектура, право, одбрана и безбедност, програми за медицински сестри, акушерки и за  наставници). Од каде таа потреба, тој болшевички импулс да се сотре „приватната сопственост“? Иако не сака гласно да ја декларира, законот ја одразува токму таа тенденција, спротивно на Уставот и спротивно на сите примери од напредните општества, каде што за остварувањето на „јавниот интерес“ придонесуваат сите, а не само „државни институции“. Не мора да одиме во САД. Во Италија, на пример, работи најголемиот приватен универзитет во Европа, „Католика“, со пет камупси, од кои еден е во Рим, каде што се изучува медицината и во чиј клинички центар врвна здравствена заштита добиваат сите – од обичен италијански граѓанин до папата. Да, има и поинакви системи на образование, но тие земји се викаат Северна Кореја и Белорусија. Кои примери треба да ги следиме – тоа е јасно. Затоа, пак, останува нејасно зошто со ваков закон се ставаат во подредена положба приватните универзитети, наметнувајќи им севозможни ограничувања наместо рамноправно учество во градењето на заедничкото добро, според исти правила. Дали тоа така, безочно, од чиста малициозност се минираат примерите на успех, затоа што се мрази квалитетот, флексибилноста, отвореноста, иновативноста, ефикасноста, напредокот? Или, можеби, имаме севернокорејски амбиции, кога веќе имаме „северна“ атрибуција во името?

Со жалење може да се констатира дека духот на идеолошката предрасуда кон квалитетот, отвореноста и успехот сега се повампирува како рефлекс на провинциската свест според која „ние сме најдобри“ и „ќе ја цицаме докрај државната дојка, па макар цркнале и скапале во нашето селце“. Не треба да се цитираат сите членови од законот за да стане јасно за каков флагрантен изолационизам, тесна свест и себеумисленост станува збор. Доволно е да се види како се определува концептот на „гостински наставник“: професор од врвен светски универзитет може да дојде во Македонија тукуречи како манекен, само за да одржи кусо предавање или две, ама не смее да биде „носител на предмет“ и не смее „самостојно да оценува“. Оти, нели, ќе им го земе лебот на домашните. Не дај Боже да вработиме паметни странци!

И не е само тоа. Има членови во овој закон на кои не би можел да се сети ниту Франц Кафка. Романот „Процес“ е мала шега во споредба со прекумерното нормирање на постапките и забраните што се предвидуваат овде. Се предлага микрорегулација, централизација на моќ, дух на недоверба и „притворски“ надзор од страна на власта. Сликата за академската заедница е опскурна: „тие“ се сомнителни, ќе ги дисциплинираме. Мала илустрација: за да запише докторанти, установата треба да побара согласност од владата. Ве молам, за миг, замислете го премиерот како свикува седница на владата во полн состав за да го решите најгорливото прашање од судбинско значење за нацијата: дали Универзитетот „Јозеф К.“ треба да запише 5 или 6 докторанти откако претходно, по долги и мачни процедури, добил акредитација, која вели: „најмногу 6 кандидати“? Ќе си дозволам само уште една мала илустрација. Член 144, став 7: „Пријавувањето и запишувањето на сите високообразовните установи се врши истовремено, а термините се утврдуваат со одлуката од ставовите (1), (3) и (4) на овој член.“ Со други зборови, владата ќе одлучи да запишуваме студенти, на пример, во вторник, а ако некој запише студенти, на пример, во четврток – ќе испратиме, на пример, инспекција, па нека послужи за пример, на пример!

Најсимпатичен пример за „инвенција“ во законот (инаку, во нормални околности позната како поткуп за покорност) е клаузулата со која универзитетите „од сопствени средства“ треба да им плаќаат 30% од платата на редовен професор на сите пензионирани професори со титула „емеритус“. Така овој закон добива и еден облик што во јавноста е попознат како „список на желби“, кои секоја влада, се разбира, би сакала да ги исполнува, особено ако за тоа се плаќа „од сопствени средства на универзитетот“. Масовниот молк на академската фела од државните универзитети во врска со предложениот закон е „купен“, покрај со психологија на страв, и со една фина клаузула според која високите критериуми за избор во звање не важат за сегашните наставници избрани според стариот закон, туку за некои идни што ќе дојдат. Што ни е нам гајле за иднината, битно е ние да си сме обезбедени, hic et nunc.

Ова укажување можеби станува апсурдно по тон, но тоа е поради онаа достага што ја споменав на почетокот. Таа, пак, е поради апсурдноста што е распослана на долгите и мачни 99 страници на овој предложен закон. Во Словенија, на пример, имаат закон од 39 страници. Но, кај нас, ќе се најде ли некој што би разгледал добри споредбени примери? Или разумни предлози?

Пост-скриптум: Можев овие забелешки да ги напишам и во облик на песна, но се откажав кога сфатив дека таа би била во жанрот „епитаф“ на македонската младина. Затоа, апелирам: не дозволувајте да се напише таква песна. А младината, бидете уверени, ќе замине од земјава ако вака се постават „правилата на игра“ во високото образование. Ќе замине и некоја „старина“, ако може. Зашто секој сака да дише слободно, со полни гради, и да напредува. Робот сонува за слобода, велеше Сандански, а слободниот за совршенство. Ако некој си ја сака земјата, ако си го сака народот, ако владее со разум, нека слушне: повлечете го предложениот закон! Побарајте темелно да се преработи. Или, уште подобро, нарачајте нов, закон што ќе донесе суштинска реформа, закон за образование на иднината. „Кој има уши, нека слушне“ (Мт. 11:15).

(авторот е универзитетски професор)

Поврзани содржини