Како да се отстрани најважната пречка Бугарите да станат дел од македонскиот Устав?
Владата на СДСМ и на ДУИ треба да бара Народното собрание на Бугарија во полн капацитет да донесе акт со кој јасно и недвосмислено ќе декларира дека ги признава македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската држава, нивната посебност и самобитност.
Прв на „списокот“ народи што се наведени во Преамбулата на македонскиот Устав е македонскиот народ. Тоа не е случајно. Создавањето на македонската држава на Второто заседание на АСНОМ во 1944 година е остварување на вековните стремежи на македонскиот народ за основање своја држава.
Таа држава не ни е ни наметната, ниту подарена – за неа македонскиот народ се избори во крвава борба со многу жртви, како дел од антифашистичката коалиција во Втората светска војна. Македонците се еден од петте конститутивни народи на југословенската федерација, а македонската федерална единица има изворен суверенитет.
При евентуална промена на македонскиот Устав, ако се задржи овој концепт на Преамбулата, Македонците ќе прифатат на „списокот“ да бидат запишани и деловите на други народи кои живеат во нашата земја, а кои не ги негираат македонскиот и другите народи застапени во Уставот, како и нивните јазични и културни посебности. Природно, деловите од народите што претендираат да станат дел од македонскиот Устав треба да ја прифатат Македонија како посебна држава, a не како „втора“ држава односно дел од нивната матична „прва“ држава.
За ова сме согласни, нели?
Јас никогаш не сум слушнал Хрватите, на пример, да кажат дека македонскиот народ е вештачка творба и дека Македонија, всушност, е втора хрватска држава.
За љубов на вистината, не смееме да заборавиме дека во минатото бевме сведоци на негирања од страна на разни српски хегемонистички кругови. Ја помниме и приказната дека Македонија била и ќе остане „Вардарска бановина“. Но, тие наративи никогаш не станаа официјален став на српската држава кон македонското прашање. Србија се соочи со реалноста и овозможи српскиот и македонскиот народ да негуваат пријателски односи што денес служат за пример во регионот.
За жал, државата Бугарија, Бугарите во Бугарија и Бугарите во Македонија ја негираат посебноста на македонскиот народ. Ја негираат и посебноста на македонскиот јазик. За нив, станува збор за еден народ – бугарски народ – поделен во две држави. Тие не го признаваат АСНОМ. За нив македонската нација е „коминтерновска творба“ или „титова измислица“. Дел од бугарските политичари јавно кажуваат дека ја сметаат Македонија за „втора бугарска држава“.
Судејќи според изјавите на нивните политички претставници, Бугарите во Македонија целосно се приклонети кон тие наративи на Софија.
Ете, тоа е суштинската пречка што мора да се совлада, ако се има намера да се поведе сериозна расправа за идејата Бугарите да станат дел од Преамбулата на македонскиот Устав.
Нема логично, политичко и историско оправдување, ние Македонците, како конститутивен народ на оваа држава, да се согласиме дел од нејзината конституција да стане некој што не нè признава и нè негира!
Кој друг народ во Македонија би се согласил на такво нешто?!
Дали Албанците, на пример, би се согласиле македонската држава официјално да признае дека Скендербег бил Бугарин?
Јас, како Македонец, секако не би сакал да бидам заедно во Уставот со некој што евентуално би ги негирал Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците, Хрватите, Црногорците и другите народи чии делови веќе имаат или допрва ќе се стекнат со статусот конституенти на македонската држава.
Па како ќе живееме во иста држава, ако се негираме едни со други?!
Бугарија и Бугарите треба да се соочат со предизвикот и да ја отстранат таа пречка, на ист начин и во иста постапка каква што ќе биде неопходна да се промени македонскиот Устав.
Ние бездруго имаме разбирање за фактот дека Бугарија не сака да го промени својот Устав и во него да ги внесе Македонците. Знаеме дека бугарската конституција има друг концепт. И не бараме таков реципроцитет. Но, ништо не го спречува Народното собрание на Бугарија во полн капацитет да донесе акт со кој јасно и недвосмислено ќе декларира дека ги признава македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската држава, нивната посебност и самобитност.
Апелирам Владата на СДСМ и на ДУИ итно да го постави ова барање во разговорите со бугарската Влада и со нашите партнери од Европската Унија, за да се премости најважната пречка за имплементацијата на Договорот за добрососедство и за да се отвори дебата за промена на Уставот со широк политички консензус во Македонија.
Сите други обиди Уставот да се „отвори“ под притисок ќе бидат чин на политичка агресија. Не тврдам дека е невозможно да се случи и еден таков акт на насилна промена на уставниот поредок, но сигурен сум дека за тоа актерите ќе платат висока политичка цена.