КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕТЕ РАНИТЕ СИМПТОМИ НА РАК? Замор, киселини, промени во столицата, точка под ноктот…

Ако киселините ви се појавуваат често или се придружени со постојана мала болка во градите после јадење, посетете лекар и побарајте тест за рак на хранопроводот.

7,968

Онколозите изразуваат загриженост дека заради помалиот број превентивни и редовни прегледи во периодот на пандемија, бројот на заболени од карцином би можел да биде во значителен пораст. Важно е да не се занемаруваат невообичаените, нови и необјасниви симптоми.

Еден од првите знаци на рак на белите дробови е губење на здивот, а може да го предизвика и ракот на штитната жлезда. Проблемите со голтањето се поврзуваат со појава на рак на хранопроводот и гркланот, а тоа понекогаш е знак и за рак на белите дробови. Засипнатост, потивок глас или чувство дека нешто притиска врз гркланот може да биде ран знак за рак на тироидната жлезда. На истото може да укажува и чувството дека нешто ви е заглавено во душникот.






Највообичаен ран знак за рак на желудник е болката во горниот или средниот дел на стомакот, кој наликува на киселини. Се влошува после јадење. Збунувачки е што симптомот исчезнува по земање лекови за киселини, што доведува до погрешен заклучок дека станува збор за помал проблем. Ако имате чести напади на стомачна киселина и болки во стомакот, како и чувство на ситост после помали оброци, посетете лекар. Ако киселините ви се појавуваат често или се придружени со постојана мала болка во градите после јадење, посетете лекар и побарајте тест за рак на хранопроводот.

Запек, дијареја или некоја друга промена во столицата може да укажуваат на рак. Ако трае подолго од неколку дена и нема очигледна причина, време е да се загрижите. Пациентите со рак на дебелото црево често велат дека забележале почести столици и чувство дека не ги испразниле целосно цревата. Еден од првите знаци на рак на панкреасот се масни столици, кои се чести, поголеми, побледи и имаат понепријатен мирис од нормалниот. Ова е знак дека телото нормално не ја апсорбира храната.

Честите трески и зарази може да бидат знак за леукемија, рак на крвните клетки што започнува во коскената срцевина. Лекарите често дијагностицираат леукемија дури откако пациентот ќе се пожали на треска, болка и симптоми слични на грип кои траат долго време.

Болката во стомакот може да укаже на тумор на црниот дроб. Грчеви во стомакот или чести проблеми со стомакот, исто така, може да укажуваат на рак на дебелото црево.

Општата слабост и замор се симптоми на различни форми на тумори, па затоа е важно да се забележат и други симптоми. Ако се чувствувате уморно без причина, а подолгиот сон не помага да престане заморот, разговарајте со вашиот лекар.

Губењето тежина може да биде симптом на рак на дебелото црево и други тумори на дигестивниот систем. Исто така, укажува на рак што се проширил на црниот дроб, бидејќи влијае на апетитот и способноста на телото да ги елиминира нечистотиите.

Кафеава или црна црта или точка под ноктот може да укажуваат на рак на кожата. Новиот изглед на закривени нокти (раст надолу после врвовите на прстите) може да укажува на рак на белите дробови. Бледи или бели нокти може да укажуваат на тоа дека црниот дроб не функционира како што треба, а понекогаш укажува и на рак на црниот дроб.

 

Симптоми на рак што жените најчесто ги игнорираат:

 

Црвени, болни и отечени гради

Промени во брадавиците (лупење, вовлекување или извртување)

Отекување или абнормална телесна тежина (може да укаже на рак на јајниците)

Чувство на ситост и губење на апетит

Невообичаено тешка и болна менструација или крвавење помеѓу менструалните циклуси (може да укаже на рак на матката)

 

Симптомите на рак што најчесто ги игнорираат мажите:

 

Проблеми со ерекцијата (можен знак за рак на простата)

Болка и тежина во препоните, колковите, бутовите или стомакот (еден од знаците за рак на простата е само постојана болка во оваа област)

Отекување на тестисите или јазли (можен знак за рак на тестисите, главно е безболно)

Лушпеста или болна брадавица или исцедок од неа (мажите исто така можат да имаат рак на дојка)

Отежнато мокрење или некои промени (рак на простата).

 

Фото: Pexels

Поврзани содржини