Како „Целокупна Бугарија“ известувала за прогонот на Евреите?

Во окупирана Македонија од страна на фашистичка Бугарија посебно место имаше весникот „Целокупна Бугарија” во кој Дирекцијата, и државата, имаше полна контрола и силно влијание. Весникот на територијата на окупирана Македонија излегувал од 24 мај 1941 година до 31 август 1944 година и бил печатен во 5.000 примероци.

4,543

Во Втората светска војна Гебелсовата нацистичка пропаганда се разработува до перфекција потпирајќи се на психолошката војна и навлегува во сите сегменти на општественото живеење.

По примерот на Германија, Бугарија развива силен пропаганден апарат кој делува преку Дирекцијата за национална пропаганда. Одлуката за организацијата и задачите на Националната пропаганда била објавена на 5 април 1941 година. Таа имала централна управа, администрација, посебни оддели и главен инспектор, а се појавува како орган за агитирање и пропаганда на политиката и културата на бугарската држава. Оттука е и нејзината одговорност и на политичарите, а со тоа и на државата за донесените одлуки и делата сторени во војната.






Познато е дека во пропагандна смисла, весниците имаа огромно значење. Во окупирана Македонија од страна на фашистичка Бугарија посебно место имаше весникот „Целокупна Бугарија” во кој Дирекцијата, и државата, имаше полна контрола и силно влијание. Весникот на територијата на окупирана Македонија излегувал од 24 мај 1941 година до 31 август 1944 година и бил печатен во 5.000 примероци.

Во воениот период меѓу другото, во него ќе биде третирано и еврејското прашање кое во Втората светска војна стана уникатно по своите злодела, а иницирано од нацистичка Германија и поддржано од нејзините сојузници во случјов фашистичка Бугарија, нешто што и за време на војната и особено по неа, а и денес, наидува на силни осуди на светската демократска јавност.

Евреите не смеаат да соопштуваат вести

Првиот напис во весникот „Целокупна Бугарија”, поврзан со Евреите во Македонија под наслов „Ограничувања на лицата од еврејско потекло – Наредба на министер Габровски” е објавен на 27 јуни 1941 година.  Во него, а имајќи ги во предвид релациите и односот кон Евреите на нацистичка Германија, и на земјите сојузнички на неа, се создава анти еврејско расположение инкорпорирано во бугарското законодавство, а реализирано преку издадените бројни закони и наредби на министерството за внатрешни работи и народно здравје и преку него до директорите на полицијата, односно обласните директори во регионите на Царството.

Во написот ќе биде потенцирана потребата од донесување на посебна наредба важечка само за Евреите со која им се забранува „да соопштуваат било какви вести и да разгледуваат политички и општествени прашања; да се движат по улиците и да посетуваат опшествени и јавни места од 21 часот навечер до 6 часот наутро.

Врз лицата кои ќе ја прекршат таа наредба, ќе се применат казни со: воспоставување на нов полициски час или спроведување на определени места со полициска заштита; лишување од правото на занимање; лишување од правото на живеење во одредени градови; прогонство од предели на Царството; и покрај поседувањето бугарското државјанство на прекршителот ќе следува казна лишување од истото”. Донесувањето на ваква наредба од страна на Министерот за внатрешни работи и народно здравје, а со која се забрануваат бројни активности на Евреите, била предизвикана од сознанието на властите „бидејќи во последно време, како што ќе биде забележано, кај многу лица со еврејско потекло се распростаниле загрижувачки и лажни гласини, со цел да го намалат националното единство и да го демоларизираат духот на народот”.

Не е доволно само едно решение за Евреите

Во јуни 1942, министерот за внатрешни работи и народно здравје Петар Габровски ќе се произнесе во врска со усвојување на предлог-законот за овластување на министерскиот совет да ги преземе сите мерки за брзо решавање на еврејското прашање: „Мерките кои се преземени до сега во врска со еврејското прашање беа навремени и со резултати, но недоволни и затоа тоа прашање треба да биде конечно решено. Европското (еврејското м. б.) прашање, е живо прашање и не може да се разреши само со една наредба”.

Габровски продолжува со својата изјава во која потенцира дека  „Законот за заштита на нацијата се покажа како недоволен. Се донесоа и други два закона за имотите на лицата со еврејско потекло и се вметна во законот еден посебен дел против препродавањето на недвижниот имот”.

„Во стопанската дејност не се отстрани учеството на Евреите. Нови мерки се презедоа и треба да се преземат. Во иднина не треба да се допушти Евреи да бидат претпоставени лица на Бугари во стопанските претпријатија. Сите горенаведени состојби налагаат да се преземат нови рестриктивни мерки против Евреите како што се бара од законот.”

Во 1942 година, бугарската држава ќе формира Комесаријат за еврејски прашања, а за прв комесар ќе биде назначен Александар Белев. Една од главните задачи на Комесаријатот беше токму конфискација и ликвидација на имотите на лицата со еврејско потекло. За ова прашање весникот „Целокупна Булгарија“ ќе објави дека: „Министерството за внатрешни работи издало наредба со која сите суми (пари) предвидени од ликвидации или трансфери на претпријатија, капитал или учество од страна на трговци или еврејски лица кои го прекинуваат занимањето да се внесат во Б.Н.Б”.

Имотот на Евреите да се раздаде на сиромашните

Во февруари 1942 година, еден друг напис во весникот се третира прашањето на еврејските имоти. Во соопштението на Министерството за земјоделство и државни имоти е објавена веста дека Еврејските полски недвижнини ќе се дадат на не-имотни и малку-имотни селани.

Во септември истата година, од лицата со еврејско потекло, ќе се бара пак да ги ликвидираат своите претпријатија и истите да бидат префрлени на лица со бугарско потекло. Истиот месец, комесарот за еврејски прашања Белев потпишува нова наредба во врска со задолжителните ознаки кои ќе ги носат лицата со еврејско потекло. Според објавеното во весникот, на 24 септември 1942 година, лицата со еврејско потекло ќе бидат поделени на две групи: „Округли значки ќе носат сите Евреи на кои им се признаваат правата според член 52 од наредбата на министерскиот совет од 26 август 1942 г: наградените со орден на храброста, воените инвалиди со право на инвалидска пензија, сираци како последица на војни, вдовици од војни (доколку не стапиле во друг брак) и децата на волонтерите од ослободителната војна. Не можат да носат округла значка наведените лица доколку се осудувани за препродавање, комунизам и противдржавни дела. Сите останати ќе носат значка во облик на ѕвезда”.

„Се ослободуваат од носење белег (значки): а) деца под 10 години; б) Евреите – бугарски субјекти, кои до 1 септември 1940 стапиле во брак по христијански обичаи со лице од бугарско потекло и се покрстени пред 23 јануари 1941. Во случај кога бракот е прекинет поради развод и доколку од бракот нема живи деца, лицето ќе носат значка според општите услови; в) Евреите странски државјани кои транзитираат низ државата. Сите останати ќе носат значки”. Се дава и прецизен опис на значките, како и нивната цена и се потенцира дека оние кои нема да го сторат истото ќе „подлежат на казна затвор и глоба од 100.000 лева”.

Добри и лоши Евреи

Во Врска со привилегираните Евреи, иронична е забелешката на Габровски во еден друг напис во весникот „Целокупна Бугарија“ од 26 јуни 1942 година, во кој, министерот дава изјава за недоволниот број на мерки преземени против Евреите и вели: „Лица кои за време на војната дале чаша чај на некој болен војник денес се со привилегии. Тоа не треба да се допушта”.

Пропагандата е засилена непосредно пред депортацијата. На 4 февруари 1943 година, е објавена веста дека: „Органите на административната полиција при Скопската обласна полициска управа, ги уапсила на 2 истиот месец пред 10 часот, на пазарот во Скопје следните лица од еврејска припадност: Руфо Хаим, Нисим Исак Лазар, Мајер Аврам Ароести,  Давид Ашер Бити, Ермија Аврам Нахмиас, Моис Мајер Коен,  Семо Менахем Песо и Сабитај Аврам Хули сите од Скопје. Сите тие ќе бидат земени на одговорност од страна на бугарските власти затоа што ја нарушиле наредбата бр. 1 на делегатот на Комесарството за еврејски прашања затоа што го  посетиле пазарот пред 10 часот пред пладне”.

На 11 февруари 1943 год., на правата страна е објавена веста дека на лицата од еврејско потекло им се забранува да купуваат храна од производителите. Забраната е издадена од комесарството за еврејски прашања. Информацијата гласи: „Комесарството за еврејски прашања издаде наредба  според која на лицата од еврејско потекло им се забранува директно од производителите да купуваат прехранбени производи. Лицата од еврејско потекло можат да купуваат прехранбени производи единствено од продавниците од 10 до 11 часот претпладне и попладне од 15,30 до 16,30 часот”. А само неколку дена потоа, на 14 февруари1943 год. ќе биде објавен текст во кој се укажува „Кои лица од еврејско потекло немаат право да ја извршуваат својата професија”. Меѓу другото, известувањето се однесува до лицата со еврејско потекло, занаетчии, полузанаетчии, амбулантни трговци и чиновници во претпријатијата посочени во чл. 27 од „Законот за заштита на нацијата“, и истите се повикуваат да прекинат со извршување на својата професија.

Оправданоста за исклучувањето на Евреите од јавниот живот

Непосрено пред депортацијата, на 6 март 1943 година, весникот ќе објави напис за влијанието на Евреите во Европа, со потенцирањето на оправданоста од исклучувањето на Евреите од стопанскиот живот во Европа но и дека во текот на 1942 година тоа бележи успех. Овој напис содржи податоци за индустриите и трговските области кои биле во рацете на Евреите во повеќе европски држави, и повторно, целта на овие информации е да се креира и  насочи  јавно мислење против Евреите со кое ќе се докаже дека тие навистина поседувале огромен капитал, кој треба да им се одземе. Се разбира, ваквата активност во државите била поткрепена со издадени нови закони и мерки кои во значителна мера се засилуваат.

Интересен е податокот што насловот на весникот кој во текот на 1943 год. е постојано со црвени букви, само на 12 март 1943 година е испечатен со црни букви. На тој датум весникот нема да објави ништо поврзано со еврејското прашање, ниту збор за собирањето на Евреите во Монополот и нивната положба. Првата информација потоа, а поврзана со Евреите, ќе биде на 20 април истата година со објавата за продажба на имотите на Евреите (кои властите ги третирааат како иселени) а која започнува неколку дена пред тоа. Аукцијата за продажбата се одржала во квартот позади Народниот театар, во еврејското маало, токму таму каде што денес се наоѓа Меморијалниот музеј.

Поврзани содржини