Како Бугарите ни ја ставија главата во кофа

ЕУ моментално не е за проширување и - точка. Во ЕУ веќе се размислува за тоа како да се смени веќе прочитаната лага и глумењето преговори со земјите од Западен Балкан. Оттука, регионалните држави треба да се координираат за една реална стратегија. Тие првин, треба да го забрзат процесот „Отворен Балкан“ и да почнат со сериозна внатрешни реформи.

3,028

Една алчна жена од древна Индија со години го молела богот Брахма да ѝ даде големо богатство и моќ. По многу години, таа конечно слушнала глас од небото: „За да бидеш најбогата, отиди кај црвената пештера“. Жената го зела малото дете со себе и веднаш тргнала кон пештерата. Што да види?! Огромно богатство од злато и дијаманти. Веднаш почнала да полни. По некое време пак се слушна глас од небото: „Побрзајте, оти пештерата ќе треба да се затвори“. Жената занесена продолжила со полнење. Повторно гласот: „Пештерата почна да се затвора“. Но, алчната жена под еуфорија морала да зграпчи и едни блескави дијаманти. Ама таквиот блесок веднаш ѝ се затемнил, кога видела дека детето и останало внатре зад огромниот камен, кој неповратно ја затворил пештерата!

И кај нас страста за богатство направи да ги загубиме нашите најдобри деца, на кои сега насекаде им е подобро отколку во нивната татковина. Македонија сѐ уште не успева да покаже потребна виталност во функционирањето, а по осамостојувањето беше на врвот во регионот, веднаш по Словенија. Тогаш веројатно Бугарите претпоставуваа дека ЕУ се граничи со Северна Кореја на Ким Ил Сунг!






Ама ние тешко да разбереме дека ЕУ не е формирана за да гледа во минатото, туку кон иднината. И наместо кон целта, ние заглавивме во: лоша приватизација која создаде октоподи; во омраза, национализам и празен патриотизам; во економска безидејност; во самоубиствена партизација на институциите; во злоупотреба на меѓуетничките односи, итн. Тоа го распадна целото стопанство, а партизацијата го распадна целото општество. Баравме партиски конгреси во Солун, кога сите нормални таму бараа слободни царински зони!

Така, од втора држава меѓу десетиците држави во регионот, стасавме до последното место. Секоја од нив нѐ престигна, нѐ претекна и потоа нѐ условуваше! Стасавме до тоа животот на населението да ни биде сведено на случајно отсуство на физичка смрт!

Нема амнестија и амнезија за глупавите дела!

Оттука, ако се прашуваат фактите, молчењето би било злато за поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски. Дури и за многу академици на МАНУ и за поранешни партиски амбасадори. Зашто Македонија стана корумпирана држава, а семето е од тогаш, со најлошата приватизација. Зашто државата е „конфронтирана и поделена“, и тоа не е баш некоја новина. Зашто се живее од кредити, тоа во сите фази е практикувано. Сега секој бара повисока плата, ама ич не му е грижа дека стопанството ги нема тие пари. Кратковидната логика „мојот џеп“ ја надминува и зоолошката логика. И така, сегашната влада, како уплашен касиер, почна сите да ги чести. А требаше да знае дека едно лудило не се лекува со друго лудило. Додека опозицијата добро го застапува едното лудило.

Потоа, сме немале закон за потеклото на секој имот. А зошто не беше донесен кога можеше полесно да се донесе? Веројтанто сега корупцијата ќе беше многуи помала. Сега скоро секој министер, пратеник или јавен функционер се плаши да изгласа таков закон. Па во тоа време ние назначивме судии (и врховни), лица на кои пријавите за кривични дела им беа чувени во фјока! Сега само вишокиот дел на админстрацијата нѐ чини плус милјарда евра годишно, а со добра програма тие ќе беа ориентирани во стопанството, каде што плус ќе создадоа нова вредност. Евтините кадри најскапо нѐ чинат. Можевме да ги видиме барем Кинезите како ја градат државата и како се борат против корупцијата. Задолжувањето исто така ни е сериозен проблем, особено ако се прави за социјален мир.

Значи, со интелигентно избрани зборови, не може да се амнестираат или амнезираат глупавите дела!

Ако се сметало на краткото паметење на луѓето, тогаш целта е погодена, оти ние сме светски шамшиони по краткото памтење. Тука прави што сакаш, ама важно потоа да си фрлиш некоја етничка или политичка чадна бомба – и сѐ исчезнува. И по 32 години ние немаме мерит систем, што е основен „буквар“ за да ни тргне напред. Неписмени ни стануваат судии, амбасадори, конзули, министри, државни секретари итн, а паметните – во странство!

Да ги правеше Црвенковски овие работи, сега сите ќе кажеа – секоја чест, Претседателе! Ама ние со години бркавме „светло“ минато, кое нѐ почести со темна иднина, па затоа сега се давиме во плитки води!

За секој проблем се однесуваме како над нас небото да се руши

А Бугарите? Па нив можеме да ги обвинуваме за повеќе тони „путинизам“ (и тука немаше да згрешиме), ама не се тие толку виновни што нашле „симнати гаќи“ па да не ја искористат приликата. Потребно е на културен начин да им се каже делка не можат да се продуктивни преговори кои за едниот се приоритет, а за другиот само опција. Врпочем и секој дијалог меѓу нормалното и ненормалното е на штета на нормалното.

Чаре? Излез!?

Многу време е загубено, важни вредности се поместени, а и менталитетот е сменет. Воопшто не е лесно да го изнајдеме вистински пат, кого цело време го обиколувавме. А да ги решававме проблемите како што требаше, веројатно во 1999 или во 2004 година ќе станевме членка на ЕУ. Тогаш Бугарите немаше да бараат љубов со сила и со силување.

По таа нивна логика, Србите би им забраниле на Хрватите, на Бошњаците и на Црногорците, нивните јазици да ги нарекуваат како што самите сакаат. Слично би постапиле и Германците со Швајцарците и со Австријците! Британците со Ирците! Русите со Украинците! Чесите со Словаците, Арапите меѓу себе, оти имаат десетина држави, а ист јазик! Нам ни требаше цели 30 години за да решиме еден спор, оти самите го надувавме држејќи ја главата над облаците! А сега Бугарите ни ја ставија во кофа.

За секој проблем се однесуваме како над нас небото да се руши. И најсилните држави имаат секакви проблеми, но ги решаваат. На пример, Кина сто години толерираше странска присутност над Хонконг и Макао, па и Тајван. Велика Британија имаше тежок проблем со Северна Ирска (десетина илјади жртви само во Белфаст!), Франција уште има проблеми со Корзика, Шпанија со Каталонија и со Баскија, Русија со Украина, Абхазија и со Јужна Осетија. Дури и САД не знаат што да праваат со Порторико! Во нашето соседство – Грција и Турција имаат проблем за Кипар, Србија со Косово, Хрватска со Словенија за Пиранскиот залив, Албанија со Грција за територијалното море, итн.

Не треба да живееме во минатото оти никому не успеало да се врати таму. Нашата клептоманија, со помош на лажниот патриотизам, лесно стасува до клептократија. Тука веќе имаме подолга традиција лажниот патриотизам да го конвертираме во пари. А таму кај што алчноста слетува, нормалното излетува. За лоши работи има илјади патишта, ама за добри работи има само еден пат. А тоа не е тоа што сме го правеле овие години.

Да се забрза процесот „Отворен Балкан“

ЕУ моментално не е за проширување и точка. Во ЕУ веќе се размислува за тоа како да се смени веќе прочитаната лага и глумењето преговори со земјите од Западен Балкан. Логиката „ние ги лажеме дека ги сакаме, а тие нѐ лажат дека ни веруваат“ е прочитана приказна. Затое ќе мора да се најде некоја земја како Бугарија за да ја заврши валканата работа.

Регионалните држави мора да сфатат дека ЕУ моментално не сака проширување. И со тие што преговараат, тоа го чинат „ради реда“. Унијата треба да остави илјадници свои проблеми за да се позанимава со преговори со држави кои и така имаат бројни нерасчистени сметки меѓу себе. А во самата ЕУ многушто гори. Недај боже војната да потрае подолг период. Надворешните ѕидови на ЕУ ќе се распукнат.

Оттука, регионалните држави треба да се координираат за една реална стратегија. Тие првин, треба да го забрзат процесот „Отворен Балкан“ и да почнат со сериозна внатрешни реформи (тука веќе оправдување нема). Исто така, треба да инсистират на поголема финансиска поддршка од ЕУ за развојни проекти, фондови и структурни реформи. А кога ЕУ ќе биде подготвена, тогаш веќе ќе имаат посилни позиции.

Да не се лажеме со некакви златници, оти децата ни исчезнаа. Треба сосема поинаку да пристапиме. За да го постигнеме невозможното, треба да го правиме неверојатното.  Со погрешни луѓе, во погрешно време и на погрешно место, само што ќе тонеме повеќе!

(Насловот и поднасловот се редакциски)

Поврзани содржини