Како Белорусите всушност живеат под водство на Лукашенко и зошто протестите имаат економска позадина
Просечната плата е 415 евра, а тоа не е единствената слабост.
Вработените во компаниите контролирани од државата во Белорусија оваа недела се приклучија на штрајковите. Масовните протести поради нерегуларните избори, без преседан влегуваат во тринаесетиот ден, а светските медиуми наведуваат дека протестите всушност имаат економска позадина, поради незадоволството од животот во, како што ја нарекуваат Белорусија, последниот советски тигар.
Просечната плата е 415 евра, а тоа не е единствената слабост.
Што се случува со економијата
По распадот на поранешниот Советски Сојуз во 1991 година, наместо пазарниот капитализам, Белорусија воведе пазарен социјализам, државен систем во кој владата го контролира движењето на цените и инфлацијата и има право да се меша во работата на приватните компании, додека пазарот е либерализиран дури во 2008 година со цел интензивно привлекување на странски инвестиции.
Сепак, јавниот сектор сè уште е заслужен за скоро 50 проценти од БДП-то. Државните компании гарантираат работни места и одредена сигурност кога станува збор за исплата на платите, додека само шест проценти од граѓаните во Белорусија имаат приходи под линијата на сиромаштија, пишува „Дојче веле“.
БДП-то на Белорусија се заснова на 40% од индустрискиот сектор и 51% од услужните дејности. Белорусија е исто така членка на Евроазиската економска унија.
Не е тајна дека Белорусија е економски зависна од соседна Русија. Па така во таа земја извезува скоро 40% од своите производи, а Русија е исто така најголемиот доверител затоа што таа земја „контролира“ скоро 38% од државниот долг на Белорусија.
Можеби Белорусија е најпозната во светот по производство на трактори. Покрај индустријата на земјоделски и градежни машини, развиена е и хемиската, текстилната и преработувачката индустрија. Главните земјоделски производи се компир, лен, коноп, шеќерна репка, овес, ‘рж и пченица, додека во сточарството доминита млечното и месното производство говеда, одгледувањето на свињи, како и пилиња.
Белорусија е исто така позната како земја со многу развиен сектор за информатичка технологија. Светската банка посочи дека компаниите од секторот индустрија за информации и технологија неодамна имаат ист удел во растот на БДП како земјоделството, индустријата и градежништвото – и тоа заедно.
Плати и вработување
Во Белорусија, скоро сите се вработени затоа што има само еден процент од невработените. Економскиот биланс на Белорусија во 2018 година изнесуваше околу 60 милијарди долари, сепак, се смета дека нивните податоци не се секогаш објективни.
Просечната плата во Минск е околу 1.020 белоруски рубли, приближно 415 евра, што е значително над просекот во Белорусија. Всушност, платите надвор од Минск се околу 200 евра месечно. Благодарение на развојот на ИТ секторот во главниот град, средната класа се формира со подобри приходи и оттука и разликата во платите.