Кафеготвач(к)и
Сетете се на еден неодамнешен простачки и крајно навредлив тон за кандидатка за Комисијата за заштита од дискриминиција, прогласена од еден шарлатан за „кафе-куварка“ жената која дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан први“, а магистрирала на Европскиот универзитет. И одеднаш, некој „стручњак“ од онаа партиска клиентела ја прогласува за – „кафе-куварка“, па дури и „опскурна“!
Кога една од кандидатите за државен јавен обвинител (цинично) сугерира дека „Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат“ и дека „избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, само во едно има право: во вториот дел, оној за квалитетот. Во сѐ друго греши односно измислува/конструира, емотивно реагира и некритички се самопромовира. Зошто?
Затоа што изјавата на власта вели дека „од четворицата кандидати за кои Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење, на владината листа сега се три имиња, а меѓу нив не е и бившата обвинителка од СЈО…“! Тоа ќе рече дека немало исклучување „однапред“ туку – одназад, после разгледувањето, или анализата, како сакате, на понудените кандидати за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење. И што е тука спорно, кој вели односно каде пишува дека Владата не ценела програми и професионален пат или, повторно, и крајно несоодветно и саморекламирачки, кандидатката што реагира сака да каже дека е во сѐ подобра од другите кандидати, па и во „програмата и професионалниот пат“?!
Ако пак во тој „професионален пат“ ги вклучува и оние години во таканареченото сјо (малите букви се реален одраз неговиот морален статус денес), тогаш останува самоубиственото прашање на „кадровската“ структура на тоа сјо, па следствено и на „шефицата“ и нејзините најекспонирани „помошнички“ и начинот на којшто беа бирани: врз основа на кои и какви анализи на квалитет, програми, дотогашен професионален пат…? И зошто дотичната и тогаш не реагираше дека во оваа држава има(ло) и постручни и покомпетентни лица за тие места, особено за „шефицата“?
Впрочем, како и зошто сите, само кога се власт или дел од неа, си спомнуваат дека постои нешто што се вика квалитет, стручност, компетентност…, а не само партиска, роднинска, пријателска… подобност? Како во тоа „фамозно“ сјо не им пречеше медиокритетството на „шефицата“ или бонусите ги бришат сите сомнежи, немаат боја и подобност?
Како што, на пример, на Оливер Спасовски, само пред некој ден, а после цели девет години, му текна дека треба да се размисли дали не треба да се менува системот на генерално урбанистичко планирање, дека треба да се видат и други искуства во таа насока и сл.? А не се сеќава на „чичко Коле“ од Лагадин и наредбата на неговиот тогашен шеф дека таму се работи за „корка леб“ а не за цел хотел и дека на човекот мора да му се помогне?
Или, да го дообјаснам насловот: сетете се на еден неодамнешен простачки и крајно навредлив тон за кандидатка за Комисијата за заштита од дискриминиција, прогласена од еден шарлатан за „кафе-куварка“ жената која, ако не повеќе, ги исполнувала формалните услови на конкурсот! За да нема недоразбирања, треба да се знае дека дотичната дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан први“, а магистрирала на Европскиот универзитет. И одеднаш, некој „стручњак“ од онаа партиска клиентела ја прогласува за – „кафе-куварка“, па дури и „опскурна“! Ама затоа цела секта ќе се крене на нозе, сосе соопштенија и навреди за странски шеф на држава, а во одбрана на нивното Црвенкапче и нејзината „стручна“ поткованост за местото заменик генерален секретар на нато (малите букви се…).
Или можеби треба да се потсетат колку вистински кафеготвач(к)и „што не беа на увид на јавноста“ посеа нивната секта/коалиција за оние седум криминално-коруптивни години и кои навистина беа еклатантна „навреда за институциите“? Меѓу нив и онаа во Судскиот совет. Па дури и на највисоки, министерски позиции, а не само во својство на членови на некакви комисии и други тела. Ако пак заборавиле, нека се потсетат дека и нивните бивши премиери беа магистри по којзнае што, сегашниот „лидер“ им е лекар, министерот за надворешни им беше исто така лекар, имаа еден и како министер за култура… Како тие не беа „кафе-кувари“ и „опскурни“, иако според резултатите се покажаа токму како такви?
Впрочем, можеби треба да се потсетат и на двајцата претходни републички обвинители кои, барем според резултатите, беа под нивото и на кафеготвачи! Нивните кафиња по правило беа страотно блуткави, најчесто со партиско-поданички горчлив вкус.
Но всушност, сето тоа е продукт на нашава хибридна демократија, на овој „систем“ којшто повеќе личи на крпеница од демократски прогласи, соцреалистички анахронизми, европски директиви, нво измислици итн. И којшто „систем“ исто така ни го посеаја нивни„стручњаци“ со цел извршната власт секогаш да има „свеќа“ во формата на секакви комисии, совети, невладини „стручни“ шушумиги што ќе ѝ стојат над главата дури и за витални прашања/позиции во државата. Тоа пак, од друга страна, придонесе за цунами од „експерти“ во сите области, при што луѓе со трагикомично познавање дури и на мајчиниот јазик и правопис се перчат со експертизи во сите области, најголемиот дел универзитетски професори не само што не објавуваат трудови дома и надвор туку немаат ни основни скрипти (не пак книги) за областите за коишто се самопрогласиле за компетентни…, итн., итн.
Наместо да го олеснуваат патот во извршувањето на власта и практикувањето на претпоставената демократија, „системот“ е смислен до крајност да го комплицира донесувањето дури и едноставни и логични решенија (како што впрочем е и изборот на државен обвинител како дел од извршната власт!), или пак – како што укажува Претседателката – често да го дерогира и здравиот разум низ „автентични толкувања“ на сѐ и сешто.
Се разбира, демократијата подразбира и контрола на власта, ако треба и во поострена форма за одредени прашања, но кога секој шутрак со професорска тога смислува процедури и лавиринти за додатно комплицирање на нештата, тогаш тоа се вика поинаку а не – демократија.
Тука, секако, спаѓа и доменот на таканареченото јавно мислење, групашко-партиски односно „идеолошки“ парцелисано во неколку медиумски табори, во коишто нема место за друго мислење. Токму затоа и дотичната кандидатка од почетокот беше привилегирана да каже што има – ако воопшто нешто има! – на неколку национални медиуми но не и другите кандидати, навивачки се следеше нејзината „трка“ по функцијата небаре од тоа зависи државата и сите ние во неа… Сето тоа всушност претставува(ше) смислено насилство врз граѓанинот, притисок врз оние кои беа ставени во позиција да одлучуваат, врз целокупната јавност. Иако тоа „да се биде или не“ беше де факто само конструкција што требаше да обезбеди покомотен дополнителен живот на неколкумина поединци/групи во сегашната т.н. опозиција односно сигурност дека барем во тој мандат ќе бидат поштедени.
И сето тоа, како впрочем и сѐ друго што ни се сервира и ни се случува, е само уште една форма на индоктринација којашто избегнува да говориме со речникот на аргументите и фактите, којашто се труди да го ретушира дури и блиското минато, диктирајќи арбитрарно однесување во јавноста. И сето тоа, повторно, е нова деградација и потценување на граѓанинот и неговото мислење и сопирачка на развојот на демократските процеси во земјата.
П.С.
Дали сектана што ја глуми некогашната партија СДСМ ќе реагира и на пишувањето на скандинавскиот медиум кој отворено го навредува генералниот секретар на нато (малите букви се реален одраз на безбедносна организација што ја смета Шеќеринска за компетентна за воени прашања) велејќи дека „Марк Руте не е сериозен – треба да биде сменет“? Зашто, по ѓаволите, па тој е директен шеф на „нашана“ Црвенкапче. Некој мора да реагира!