Кафе само на отворено, а кога на работа ќе го пијат административците ќе се знае од понеделник
Протоколите се однесуваат и на автошколите, едукативните центри, библиотеките - додаде министерот
Олабавување на мерките ќе следува веќе од наредната недела, кога се очекува да почнат да работат рестораните, кафулињата, но во почетокот, тие ќе работат само на отворено. Следната недела ќе биде познато и кога администрацијата ќе се врати на работа.
Министерот Филипче денеска изјави:
– Угостителските објекти, рестораните и кафулињата, ќе почнат со работа прво на отворено, а се прецизираат условите за работа. Мерката носење заштитна маска, доколку се почитува, може да дозволи постепено враќање и организација на работните единици, компании и администрацијата во функција. Оваа недела подготвуваме сѐ во рамки на активностите на Комисијата за заразни болести и веројатно од следната недела постепено ќе се имплементираат овие мерки и тоа дел по дел така како што ќе кажат експертите, Протоколите се однесуваат и на автошколите, едукативните центри, библиотеките – додаде министерот.
На утрешниот состанок со директорите на клиниките ќе се разговара кога ќе почнат нормално да функционираат здравствените установи, но се планираат неколку измени како е-амбуланта и промена на закажување на Мој термин.