КАДЕ ШТО ИМА ДЕЦА, ТУТУНОТ МОРА ДА ИСЧЕЗНЕ Франција го забрани пушењето цигари на сите јавни места
Казните за прекршителите на оваа забрана ќе изнесуваат до 135 евра.
Од 1 јули сите јавни места на отворено во Франција, како плажите, парковите, реоните околу училиштата, станиците и постојките на јавниот превоз и спортските стадиони ќе бидат „зони без тутун“ во кои ќе биде забрането пушењето цигари, најави француската министерка за здравство и семејство Катрин Вотрен.
– Каде што има деца, тутунот мора да исчезне. Слободата на пушење завршува таму каде што започнува правото на децата да дишат чист воздух – изјави Вотрен за француски весник.
Според Вонтрен, казните за прекршителите на оваа забрана ќе изнесуваат до 135 евра.
Некои француски општини веќе од претходно воведоа ваква забрана на локално ниво, но од 1 јули таа ќе важи на територијата на цела Франција.
Сепак, пушењето класични цигари и натаму ќе биде дозволено на терасите на кафулињата.
Забраната нема да важи за електронските цигари, кои и натаму ќе може слободно да се пушат на отворено.
Првично се најавуваше дека покрај новите мерки против пушењето, ќе биде воведена и забрана за продажба на цигари на лица помлади од 18 години, но засега таква одлука не е донесена. Според Вотрен, не е исклучена и таква забрана во иднина.
Овие забрани се во рамки на мерките на француската Национална програма за контрола на тутунот за периодот 2023-2027 година, со кои земјата се усогласува со Планот на Европската Комисија за борба против ракот, кој има за цел создавање „генерација без тутун“ до 2040 година, односно состојба во која цигари би пушеле помалку од пет проценти од населението на ЕУ