КАБИНИТЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ФАЌААТ ПАЈАЖИНА Како ќе ги натераме невакцинираните да се боцнат?
Пред неколку месеци граѓаните чекаа ред и се туркаа пред вакциналните пунктови за да стигнат до кабината за вакцинација, а деновиве таму можат да се видат само празни столчиња и луѓе во бели мантили. Во средата, на пример, со прва доза се вакцинирале само 1.240 лица, втора доза примиле 1.730 лица, а само 44 граѓани примиле трета доза.
Здравствените власти не планираат да ја променат тактиката за убедување на населението да се вакцинира против ковид-19, со оглед на тоа што секојдневно опаѓа интересот за имунизација.
Комисијата за заразни болести вчера одржала седница и одлучила дека во моментов не се потребни нови мерки за заштита од ширењето на коронавирусот, велат за Плусинфо од Министерството за здравство.
– Заштитата на здравјето треба да им биде најголемиот мотив на граѓаните за да се вакцинираат против коронавирусот. Бројни истражувања и анализи покажуваат и ја докажуваат ефикасноста и безбедноста на вакцините. Како здравствен систем, на граѓаните им ги овозможуваме сите поволности за вакцинација и вакцините се достапни буквално за секој што сака да се вакцинира. Комисијата за заразни болести вчера одржа седница, засега нема нови предлог мерки или измени на постоечките. Министерството за здравство навремено и транспарентно ја информира јавноста за сите нови предлози на Комисијата што се однесуваат на заштита од ковид-19. Во тек е изработка на методологија за скрининг на учениците, епидемилозите ја следат состојбата во училиштата и не е забележан раст на заразени деца во училиштата. Наставата продолжува да се одвива со физичко присуство – одговорија од Министерството за здравство.
Додека пред неколку месеци граѓаните чекаа ред и се туркаа пред вакциналните пунктови за да стигнат до кабината за вакцинација, деновиве таму можат да се видат само празни столчиња и луѓе во бели мантили. Во средата, на пример, со прва доза се вакцинирале само 1.240 лица, втора доза примиле 1.730 лица, а само 44 граѓани примиле трета доза.
Заклучно со 29 септември, вкупно се вакцинирани 786.979 граѓани, ревакцинирани се 726.625, а трета доза примиле 181 граѓани. Од граѓаните над 40-годишна возраст, ревакцинирани се 52 отсто, а 32 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација, е 47,2 отсто, а со две дози опфатени се 43,6 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Мерките да се заострат
Епидемиологот Александар Стојанов вели дека проблемот со слабиот интерес за вакцинација е присутен во целиот свет и дека воведувањето построги мерки е единствената мотивација за граѓаните да се вакцинираат.
Лекар што ја негира вакцината е исто како поп да ја негира Библијата.
– Очекувано беше да опадне интересот за вакцинација и со овој проблем се соочуваат сите земји во светот, не само нашата. Едноставно, такви се луѓето. Кога немавме вакцини, граѓаните постојано вршеа притисок во поскоро време да набавиме вакцини. Кога набавивме вакцини, граѓаните не сакаат да се вакцинираат. И ова не се случува само за вакцините против коронавирусот, туку и со вакцините против грип. Јас 30 години го вакцинирам населението против грип и можам да кажам дека постојано се вакцинираат истите луѓе. Нови луѓе, особено помлади, не сакаат ни да чујат за вакцина. Затоа, во моментов навистина не знам што би требало да направиме за да ги мотивираме граѓаните да се вакцинираат против смртоносниот ковид-19. Добро е тоа што го ограничивме пристапот во трговските центри, во угостителските и во спортските објекти, а и јас самиот сега многу побезбедно се чувствувам во ресторан затоа што знам дека сите околу мене се вакцинирани – објаснува д-р Стојанов за Плусинфо.
Тој вели дека заострувањето на мерките би можеле повторно да дадат позитивен резултат и да го отстранат камчето во запчаникот кое го кочи процесот на вакцинација.
– Дефинитивно се потребни нови мерки што ќе ги натераат граѓаните да се вакцинираат, а сметам дека најавата за пристап во затворен простор само со потврда за две примени дози ќе даде добар резултат. А погледнете што се случува во Грција, во Албанија или во Словенија. Таму мерките се многу построги, па здравствените власти бараат од невакцинираните вработени секоја недела да се тестираат на ковид-19. Но, проблемот е тоа што кај нас сè уште има лекари-антиваксери кои упорно се противат на вакцините и со тоа ги одвраќаат граѓаните од идејата да се имунизираат. Лекар што ја негира вакцината е исто како поп да ја негира Библијата – вели д-р Стојанов.
Потребна е нова тактика
Доктор Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија минатата недела ги советуваше здравствените власти во земјава да го стават фокусот на невацинираните, односно на луѓето кои сè уште не примиле прва доза вакцина против ковид-19, отколку да форсираат вакцинирање со трета доза на лицата кои веќе се имунизирани со две дози.
Треба да го промениме начинот на кој ќе ги убедуваме граѓаните да се имунизираат.
– Треба да го зголемиме процентот на вакцинација кај оние луѓе кои имаат одбивност од вакцините, бидејќи многу важно е да се стимулира населението да се вакцинира преку воведување мерки, но уште поважно е да се стимулира народот преку градење доверба во институциите во системот за вакцинација. Тие два процеса треба паралелно да се одвиваат, па затоа сметам дека треба да го промениме начинот на кој ќе ги убедуваме граѓаните да се имунизираат. Во моментов не може да се каже дека кампањата за вакцинација е успешна, бидејќи само 55 отсто од граѓаните сакаат да се вакцинираат. Многу порано и многу поагресивно требаше да се води кампања што ќе ги убеди граѓаните да се вакцинираат, а со тоа да се постигне колективен имунитет во земјава – рече д-р Мехмедовиќ.
Министерството за здравство утрово ја објави анализата на вакцинирани позитивни случаи со ковид-19, направена во периодот од 6 август до 30 септември, а таму е наведено дека 23 отсто од заразените во тој период се заразиле со вирусот.
„Во период од 06 август до 30 септември на територија на државата 35.531 граѓани се позитивни на ковид-19, а од нив 23 отсто, односно 8.233 лица биле целосно вакцинирани. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид 19. Според статистика за изминативе недели, 27.298, граѓани, односно 77 отсто од позитивните на ковид 19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека само 21 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Од 6 август до 30 септемви починале 1.162 лица, 987 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 15 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на Модерна и на Џонсон, наведено е во анализата.
Најмногу со Фајзер, најмалку со Спутник
Според податоците на Инсистутот за јавно здравје (ИЈЗ), заклучно до 26 септември, најголем дел од македонското население е вакцинирано со вакцината на Фајзер од која се дадени 565.597 дози, а потоа следуваат кинеските вакцини на Синовак – 467.048 и на Синофарм – 299.910 дози. Со вакцината на АстраЗенека се вакцинирале 120.043 лица, а со руската вакцина Спутник V се вакцинирале 45.442 лица.
Минатата недела имало помалку тестирани и помалку заразени во споредна со неделата претходно, наведено е во извештајот на ИЈЗ.
И натаму најмногу новозаразени има во Скопје, а најголема инциденца (заразени по број на жители) е регистрирана во Кратово и во Кавадарци. Има заразени со сите возрасни групи. Карактеристично е што има намалување кај повозрасните, а зголемување кај оние на училишна возраст, од 10 до 19 години.
Од почетокот на пандемијата има 555 луѓе кои повторно се заразиле со ковид, од кои минатата недела се пријавени 32 случаи. Според податоците од пред неколку денови, 22 отсто од новозаразените и 20 отсто од хоспитализираните биле вакцинирани.
Светот оди напред, регионот се враќа назад
Многу земји во светот и од регионот деновиве му се вратија на „нормалниот живот“ и укинаа најголем дел од мерките за заштита од коронавирусот.
Во Норвешка, на пример, од минатата недела важи само мерката за самоизолација откако лицето ќе се зарази ско ковид-19, а сите други мерки повеќе не важат. Угостителските објекти работат со целосно работно време и без никакви ограничувања, стадионите и спортските сали организираат настани со полн капацитет на публика, а дури не е задолжително ниту држењето дистанца помеѓу луѓето. Една недела претходно, мерките за саштита од ковид-19 ги укина и Данска, а таму се вакцинирани 86 отсто од возрасното население, односно 95 отсто од населението над 50 години.
И Португалија од денеска ги укинува рестриктивните мерки, но таму над 83 отсто од населението е вакцинирани. Сепак, мерката за задолжително носење заштитна маска на лицето во Португалија останува на сила, но само кога луѓето користат јавен превоз, присуствуваат на големи настани, влегуваат во маркети, болници и во старечки домови.
Од друга страна, пак, земјите од регионот се принудени да постапуваат спротивно од развиените европски земји.
Во Црна Гора, освен за влез во трговските центри и во угостителските објекти, вакциналниот сертификат од 9 отктомври ќе биде задолжителен и за влез во големите маркети. Прославите во рестораните ќе бидат ограничени на максимум 50 гости, а музика во ресторанот може да има само доколку се вакцинирани гостите, вработените и музичарите.

Во Грција, сите работници во приватниот и во јавниот сектор кои немаат вакцинален сертификат или потврда за прележан ковид-19 ќе треба да се тестираат еднаш неделно на сопствен трошок. Двапати неделно ќе се тестираат невакцинираните вработени во угостителските објекти, студентите и туристичките работници. Исто така, институциите во Грција имаат право да не примаат невакцинирани посетители.
И во Албанија е задолжителен сертификат за вакцинација за многу професии, меѓу кои и наставниот кадар. Ако наставниците или професорите немаат потврда дека се вакцинирани против коронавирусот, тие ќе мора да прават тест еднаш неделно.