K-а на Кафка бил Македонец
Црно-модрото расположение на суптилниот Кафка преку неговиот јунак по име К-а, во делото „Процес“ , денес е присутен кај нас. Да не бил К-а Македонец? Можно е! Тој, како и јас, или ние сега, се обидувал да го застапува својот случај пред некој мистериозен суд, чии закони не ги разбирал поради нивната нелогичност.
(Повод: експозето на Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев)
Од сите страни на македонското небо блескаат молњи. Тие, сите страни, се повеќе, а само народот е еден и тој е каменот врз кој се кршат громовите. Каменот е обезборен. Неговиот глас не се слуша, но, татнежот што од него се создава е моќта која му избива од бигорната цврстина и се шири, гласејќи дека само тој е вкоренет во земјата од која го црпи сознанието дека е еднаква потребата да се создаде поим за себе во знакот на распознавањето „јас сум јас“, како самосвест, но и совест која не смее да се фаворизира, ниту да се маргинализира, од проста причина што човечки е секој да се чувствува себе како субјект на сопственото однесување, засновано врз сопствените решенија кои ја постулираат потребата за самоопстојба.
Совеста како жив глас на човекот, умее да збунува. Умее да се манифестира со различни содржини, не губејќи поради тоа од суштина, дека е таа обраќање на човекот кон себе. Гордо звучи да се каже – постапив според својата совест, подразбирајќи притоа и јавно манифестирајќи ги принципите на правдата, љубовта и вистината, а отфрлајќи го притисокот како начин на наметната состојба, на физичка или психичка присила, со единствена цел – откажување од сопственото верување и убедување.
Но, совеста има свој парадокс олицетворен во историските потврди, дека и инквизиторите и нацистите ги спалуваа и ги убиваа луѓето оправдувајќи го своето безумие токму со гласот на својата совест. За жал, безумието на човековото однесување во овие наши простори, одново го актуелизира тој парадокс.
Сведоци сме дека прашањето на совеста е ставено под хируршки скалпел на моќни авторитети и од нивните норми за истата, за нас, обичните смртници ни се определува личниот вредносен суд. По нивен терк, како заповед или забрана, се прогласува нормата на нашата совест која мора да се следи. Ако тие наметнати норми случајно се добри, совеста го води нашето однесување кон добро. Но, тие норми не станале норми на нашата совест затоа што се добри или лоши, кои самите сме ги избрале, туку затоа што се поставени од авторитетите.
Сѐ завршува со тоа што моќта прави категоризација – лошата совест е сознанието на незадоволен авторитет, а добрата е онаа која е наметната, а потоа и одобрена од страна на авторитетот, со таа разлика што секогаш „лошата“ е совеста која не сака да подлегне на авторитетот, или е против неговата волја. Последното подразбира и опасност од казнување, а што е најстрашно – опасност тој авторитет нас да нѐ напушти, обично откако претходно нѐ обезличил и нѐ онеспособил за личното чувство – поседување на сопствена совест како водач по осознаеноста.
Има една вистина, од која денеска страдаме: така обезличеното битие олицетворено во нашата власт – без совест, си најде внатрешна сигурност станувајќи симболичен дел на авторитетот, наметнат или избран. Сѐ додека смета дека е дел на тој авторитет, на штета на сопствениот интегритет, најмногу на штета на државата, се чувствува и се гледа себеси како партиципиент во неговата снага, нешто што, се разбира, сѐ повеќе и повеќе му ги ослабнува врските со самиот себе, со народот, со опасност каква што обично бива – лесно и ненадејно да се најде отфрлен од авторитетот како непотребен, некогаш, заедно со државата.
Трагично е и тоа што, кога човек станува целосно зависен од силите надвор од себе, престанува да се труди и чувствува одговорен за сопственото однесување и духовна егзистенција. Сета своја моќ и концентрација за себе ја сведува на важноста – одобрување или неодобрување на таа сила, личност, или моќно мислење надвор од него. Сведено на гола вистина, тоа е неспособноста за самопочит, во чија орбита, денес, се наоѓа Македонија како држава, и во неа, ние заробените и од предавници продадените Македонци.
Оваа сложена меѓуповрзаност на (не)совеста на човекот и (не)самопочитта која денес се случува кај нас, со нас, во нашето секојдневие, ме наведе, ако не другите, себе, принудена и притисната од (квази)авторитетите кои како менгеме го стегаат челото, да се поистоветам со Кафкиниот јунак, во неговото дело „Процес“, по име К-а, кој, „едно утро е притворен“ за злочин кој не го сторил, за кој ништо не знае и држен е така во текот на преостанатите години од неговиот живот.
Значи, поентата ми е дека црно-модрото перманентно расположение на суптилниот Кафка преку неговиот јунак К-а, денес е присутно кај нас. Оттука е прашањето:
Да не бил К-а Македонец?
К-а, како и јас, или ние сега, се обидувал, жалниот, да го застапува својот случај пред некој мистериозен суд, чии закони не ги разбирал поради нивната нелогичност. Затоа, тој жестоко се обидувал да ја придобие помошта од факторите, но, сѐ било залудно… Конечно бил осуден на смрт и погубен.
А К-а Македонецот, откривајќи дека е „уапсен“, сфаќа дека е запрен во сопствениот напредок, и тоа од предавничката власт која управува со државата. Што е најлошо – му се наметнува да се чувствува виновен од обвинувањата на намножените авторитети, на кои и да сака да им угоди, не знае за што е обвинет и како да се брани. Поради тоа бега од себе -ангажираност за својата мака, трудејќи се да најде помош за себе од други… „стратешки партнери“… не сфаќајки дека единствената вистинска изворна причина за неговата вина лежи во него и дека може да се спаси само со развивање на сопствената продуктивност, положувајќи претходно сметка за себе, пред самиот себе.
Која е грешката на К-а Македонецот?
Неговата грешка е што не може да сфати дека никаков апел за сомилост, односно, никој друг надвор од него, не може да го реши неговиот, пред сѐ морален и егзистенционален проблем во кој западнал. Никој не може да решава за него, наместо него.
Но, К-а од Кафка е мртов, а ние Македонците не сме! Се надевам дека, каков – таков проструи неговиот самоуништувачки дух кај нас, за да јас – ние, извлечеме наравоучение од неговата трагично неаргументирана смрт: НИКАКВА СИЛА КОЈА МУ СЕ НАДВИСНУВА НА ЧОВЕКОТ НЕ МОЖЕ И НЕМА ПРАВО ДА МУ ПОСТАВУВА МОРАЛНИ БАРАЊА. Човекот одговара пред себе за остварување или губење на сопствениот живот. Друг не може да решава за него и никој не може да му помогне како што може самиот на себе тоа да си го стори. Единствено ако го разбира гласот на својата совест, може правилно да се управува себе. Ако не може да се разбере себе, тој пропаѓа.
Со својата смрт Кафкиниот К-а нѐ опоменува: „Не успеав да го разберам гласот на својата совест и затоа морав да умрам. Во моментот на егзекуцијата ми СВЕТНА дека не ми вредело што доцна се освестив за себе и што за првпат го насетив својот вистински проблем – сопствената непродуктивност, недостаток на самодоверба и самопочит!“.
Македонци! Не смееме да завршиме како К-а! Сега треба да го повлечеме правиот потег: никако отворање на Уставот….! И, побрзо избори, затоа што, секој миг, позабрзано ни ја снемува нашата мајка Македонија сосе нас материјално и духовно ограбените Македонци. Да запомниме: – Трагедијата е можна ако стане предоцна да се има визија за тоа што можело да биде.