JE VOUS AIME, MON PETIT CHOU

Како и во времето на т.н. „Преспански договор“, на сите страни се растрчани оние навивачки тимови на власта, оние глутници кербери од различна провениенција платени да нѐ инструираат за или против ова или она. Од каде пак тие ги знаат нештата, дури и тајните протоколи?

1,037

Кога една власт континуирано ја губи довербата кај граѓаните како што тоа цели пет години го прави токму оваа власт заради нетранспарентноста, извртувањето на фактите, ординарното лажење, навредувањето и буквалното силување на јавноста преку навивачката толпа штитеници и абоненти, тогаш воопшто не е чудно што луѓето веќе сѐ примаат со голема резерва, бараат дополнителни независни информации, почнуваат да веруваат на сѐ друго освен на „официелните“ извори.

После еуфоричните први месеци во 2017 година се појави фамозниот Договор за добрососедство со Бугарија, реформското темпо полека од прогрес се трансформираше во регрес, па во општествена дегенерација и „политики“ на ветувања, раце на срце, колнења во македонски претци и слични будалаштини. Потоа, по потпишувањето на „Преспанскиот договор“ дојде локалноизборното отрезнување и „плодовите“ од добрососедството коишто ја фрлија земјата во ново шизофрено политикантство. Сега, се чини, го доживуваме климаксот: ако сакате релативно точна и правовремена информација ќе копате по интернет, ќе сурфате по сајтови и луѓе во кои сепак останала трошка доверба, ќе читате бугарски, англиски, француски… зашто македонската влада (малите букви соодветствуваат на нејзиното реноме!) толку си го цени јазикот и граѓаните што им го дава последниот француски предлог на англиски јазик! Ама никако не го дава фамозниот Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, оној којшто се провлекува и низ целиот француски предлог, не ви дава ништо, ама инсистира да ѝ верувате, на невидено и беспоговорно.






Дали затоа и сега, како впрочем и во времето на т.н. „Преспански договор“, на сите страни се растрчани оние навивачки тимови на власта, оние глутници кербери од различна провениенција платени да нѐ инструираат за или против ова или она. Од каде пак тие ги знаат нештата, дури и тајните протоколи? Ги добиваат од власта, од газдите, од шпиуните на ЕУ и големите сили? Или тие навиваат „на слепо“, на невидено, па еден веќе одамна честеше заклучувајќи дека „нашата татковина ќе доживее сеевропско признавање“ (од каде ли знае човеков?); други почнаа да се лигават со je vous aime, mon petit chou како пандан на бугарското merci; трети шустери ги знаат дури и процентите на заштитениот ни идентитет, итн., но забележлива е и струјата на јавно и буквално посипување со пепел и плачење на екраните на една „освестена“ некогашна пратеничка кога се сеќава на своите претходни велезлосторства.

Иако власта, и според „профилот“ на луѓето но и според нивниот карактер и компетентност е на рамништето на раниот 18 век, белки некому му текнува дека во третата деценија на 21-от век сите информации се јавно достапни и тие не можат ништо да сокријат? Тоа што министерот за надворешни работи мисли дека тој ќе биде првиот кој ќе нѐ информира за Протоколот кога нему ќе му се присака, тоа е сепак негов проблем. Но тој, прв, а по него и неколкумина други од врвот на власта, ќе мора на сите да ни објаснат кој, и во чие име, се согласувал – премолчено или не! – со тој проклет Протокол што де факто го претставува ’рбетот на новиот т.н. француски предлог. Тој Протокол е всушност големото „ДА“, увертирата за овој непристоен „француски“ предлог.

Зашто таму – нема што нема! Дури и повеќе од тоа, тоа е современа приказна за тотално неспособни луѓе на највисоки политички позиции во државата, нешто невидено дури ни во најсрамните капитулирачки договори помеѓу две држави. Ама сепак, ние, односно овие, „се возат“ на картата за започнување на ЕУ преговорите по секоја цена мислејќи дека тоа ќе ги спаси од народниот гнев на следните парламентарни избори. А нив дури и да ги разбереш, тие немаат друга опција, нив политикантството им е (квази)живот и (квази)професија, но оние интелектуални трабанти кои креваат два прста за сѐ и сешто? Колку ли ги плаќаат? Зашто, не мора претерано внимателно да го читате тој фамозен Протокол – ремек дело на македонското политичко и национално безумие! – туку само бегло да „прошарате“ низ неговите страници, и ќе ве фати страв, и јанѕа, како некој може да е толку глуп, недугав, неук, некомпетентен… за да се согласи на такви нешта. Без оглед дали тој Протокол е потпишан од наша страна или не, наши претставници (и добро би било некој да ни ги посочи имињата), се согласиле да седат на иста маса со такви предлози од „другата страна“. И сега, згора на тоа, истите тие нешта да бидат „на мала врата“ внесувани во најновиот „предлог што не смее да се отфрли“, зашто ќе сме останеле и без тоа?

Без што, поконкретно? Дали тоа некој сака да сугерира дека ЕУ е некаков трговски центар со ограничено работно време, па тоа да е еден од главните аргументи за нашето „мора да се прифати“ сѐ што ни се сервира од другата страна? Дали навистина со децидното непрофаќање на спомнувањето дури и на првата буква од тој Протокол во договорот за пристапување, како и на Договорот за добрососедство на двоецот без кормилар Заев-Борисов, ние би останале засекогаш вон вратите на ЕУ? И зошто, и кој тоа го смисли/измисли? Се сеќава некој на Исланд и неговата „приказна“ за влез во ЕУ? Ама ние не сме Исланд, нели? Не сме, далеку сме од него, ама во умот, не само географски. Дали аспирациите за влез во ЕУ имаат рок што истекува, и кој го поставил, и каде? Ни за миг не се залагам, на крај памет не ми паѓа, дека Македонија треба да се откаже од ЕУ интеграциите. Но, дали навистина по секоја цена, по цената и на Протоколот и Договорот? Во спротивно, ЕУ ќе ја повлече понудата за нашето членство? Е баш би сакал да го видам тој филм, и главните актери во него.

Па слушајте го Фуере, по ѓаволите. Но наслушнете ги и стравовите на Германија!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини