„ИЗВИНЕТЕ КОМШИИ, АМА ВАКА ВЕЌЕ НЕ ОДИ“ Односите меѓу Македонија и Бугарија беа подобри пред Договорот за доброседство – а да се вратиме чекор назад?
„Не можеме да разговараме за историјата преку политички комисии или преку протоколи кои се ратификувани од влада. За историјата треба да разговараат академиите. Ние треба на културен начин да разговараме за ликот и делото на Гоце Делчев. И никој не може да го смени името на бугарскиот град Гоце Делчев или на Јане Сандански. Но, исто така, никој не може да ни каже дека Илинденското востание не било македонско, туку било заедничко“, изјави поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.
Ако сакаме да излеземе од политичкиот ќорсокак со Бугарија, единственото нешто што треба да го сториме е да понудиме разумни решенија. Прво, треба да собереме храброст и искрено да им се извиниме на Бугарите со зборовите: „Извинете пријатели, ама најголемиот дел од македонскиот народ не го прифаќа Договорот за добрососедство, кој беше потпишан по грешка од страна на една наша поранешна политичка гарнитура. Затоа, бараме тој договор да биде поништен или изменет“. И второ, ако не биде прифатено извинувањето, треба да побараме уставните измени да се спроведат на самиот крај, непосредно пред ратификацијата и добивањето зелено светло за членство на земјава во ЕУ, па тогаш, освен Бугарите, во македонскиот Устав да бидат вметнати уште 4-5 етнички заедници.
Вака, поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, ги коментира последните политички настани на релација Скопје-Софија, особено по изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Марија Габриел, која отворено ни порача дека спроведувањето на уставните измени не е единствениот услов за Македонија на патот кон Унијата.
Според Ѓорчев, нам не ни е проблем да влезат Бугарите во македонскиот Устав, туку проблем ни е преговарачката рамка.
Ако ти ме тераш да се откажам од својот идентитет, од својата татковина, од моите идоли, тогаш имаме сериозен проблем.
– Бугарите се принципиелни и доследни. Тие успеаја во својата намера кога го вметнаа билатералниот договор во преговарачката рамка, иако такво нешто досега не е забележано во сите 28 процеси. И токму во тој Договор за добрососедство се наоѓаат сите небулози: заедничка историја, историски комисии, протоколи… А министерката Марија Габриел всушност не кажува ништо ново, туку таа само го чита Член 5 од преговарачката рамка. Според тоа, Бугарите ќе инсистираат на сите точки од Договорот кој е исклучително неповолен за Македонија и кој е крајно опасен за нас во однос на образованието, историјата и културата. Со други зборови, Габриел само нѐ потсетува дека треба да се откажеме од Гоце Делчев, дека треба да ги измениме учебниците, дека треба да прифатиме заедничка историја, дека треба да прифатиме дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот… Предмет е дури нешто што не е предмет на македонскиот Устав. На пример, црквата не е дел од македонскиот граѓански сектор и религијата си е издвоена од македонското општество, а Бугарите дискутирале за Охридската архиепископија, додека ние сме прифатиле да разговараме на таа тема. Тоа е апсолутно небулозно. Затоа, време е да се потсетиме дека во Член 13 став 2 во Договорот за добрососедство е наведено: „Ако една од страните не е задоволна од имплементацијата на Договорот, има право по дипломатски пат да поднесе амандмани и да се направат измени на договорот“. Нема друг начин освен по дипломатски пат да ги замолиме Бугарите. Треба да им кажеме: „Видете, вака веќе не оди“. Не можеме да разговараме за историјата преку политички комисии или преку протоколи кои се ратификувани од влада. За историјата треба да разговараат академиите. Ние треба на културен начин да разговараме за ликот и делото на Гоце Делчев. И никој не може да го смени името на бугарскиот град Гоце Делчев или на Јане Сандански. Но, исто така, никој не може да ни каже дека Илинденското востание не било македонско, туку било заедничко – објасни Ѓорчев.
Македонија конечно треба да собере храброст и на Бугарите да им ја плесне вистината в лице: „Драги соседи, очигледно е дека многу подобро функциониравме пред да го потпишеме Договорот за добрососедство“.
– Со договорот си ги врзавме рацете. Време е да ги откочиме работите. Да ја префрлиме Комисијата за историја во рамките на МАНУ или БАН, да кажеме дека ние немаме заедничка историја. Ние имаме документи за Гоце Делчев од наш аспект, а вие имате документи за Гоце Делчев од ваш аспект. Дајте да направиме умен потег. Природно е да соработуваме со Бугарите, бидејќи ние сме два блиски народа, но блискоста престанува кога Бугаринот ќе му рече на Македонецот дека не е Македонец, туку дека е Бугарин. Ако ти ме тераш да се откажам од својот идентитет, од својата татковина, од моите идоли, тогаш имаме сериозен проблем. А министерката Габриел токму тоа го бара од нас. Затоа, сосема е природно сега да предложиме уставните измени да бидат прифатени на крајот од нашиот преговарачки процес, и второ, да предложиме преку дипломатски пат да се изменат спорните точки од спорниот Договор за добрососедство. Мачен е патот, но тоа е единствениот пат – изјави Ѓорчев.
Инаку, шефицата на бугарската дипломатија вчера јасно посочи дека Бугарија нема да дозволи попуштање во обврските кои треба да ги исполни државава на патот кон ЕУ.
– Ние имаме три меѓусебно поврзани инструменти и многу јасен став на Националното собрание. Бугарија има многу јасна позиција пред целата Европска Унија. Ние сме земја членка и како такви со нашите барања до Северна Македонија порачуваме дека кога сакаш да бидеш членка на Европската Унија мора да ги исполниш обврските што самиот си ги презел – порача Габриел.
Но, министерот за надворешни работи, Бујар Османи пак, вели дека преговарачката рамка е гаранција дека уставните измени се единствен услов за Македонија.
И за вицепремиерот Бојан Маричиќ, изјавата на Габриел била политички став. Тој тврди дека Договорот за добрососедство и протоколите не се обврска од кои зависи отворањето на поглавјата.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ја исклучуваат можноста дека ќе има ново вето од Бугарија.
Македонија не ги почна преговорите со ЕУ. Но, Украина и Молдавија стартуваа со преговори. Грузија стана земја кандидат.
Деспотовски: Очекувано разочарување
„Очекувано разочарување“. Вака Јован Деспотовски, директорот на ТИРЗ и член на СДСМ ја коментира изјавата на министерката за надворешни работи на Бугарија, Марија Габриел, која кажа дека уставните измени не се единствени пречки за да даде зелено светло, туку и Договорот за добрососедство како и двата протоколи со кои, како што рече, станува збор за три врзани инструменти кои се дел од таканаречниот компромис од јули 2022 година.
– Зошто очекувано? Заради тоа што на секој следен Самит, или на секоја шанса што свесно ја пропуштаме очекувано е дека од бугарска страна ќе има ваков тип на изјави бидејќи очигледно се внатреполитички одлуки – изјави Деспотовски.
Првиот човек на ТИРЗ додаде дека Македонија не преговара со Бугарија, туку со ЕУ.