ИЗВЕЗУВАМЕ ВО 153 ДРЖАВИ Економската дипломатија клучен фактор за освојување на нови пазари
Стопанската комора и Дипломатскиот клуб потпишаа Меморандум за соработка со што се потврди заедничката заложба за унапредување на економското присуство на Македонија во светот.
Улогата на коморите и економската дипломатија во промоција на македонските бизнис-интереси и цели на надворешен план беше тема на панел дискусијата организирана од Стопанската комората и Дипломатскиот клуб-Скопје.
Настанот започна со потпишување на Меморандум за соработка меѓу двете институции, со што се потврди заедничката заложба за унапредување на економското присуство на Македонија во светот.
Во своето обраќање, претседателот на Комората, Бранко Азески, истакна дека стопанските комори не се државни органи, туку приватни здруженија основани врз основа на заеднички интерес.
-Постоиме и затоа што постои потреба од координирано и здружено делување – рече Азески, потенцирајќи дека сто и тригодишната историја на Комората е доказ за нејзината релевантност.
Тој нагласи дека економската дипломатија отсекогаш била една од клучните цели на Комората, дефинирана и во нејзиниот Статут, со силен фокус на унапредување на извозот, меѓународната соработка и отворање нови пазари.
Азески ги издвои трите стратешки приоритети на Комората во областа на извозот: поттикнување на иновативноста, развојот на знаења и вештини кај компаниите и зајакнување на јавнo-приватниот дијалог.
Тој ги претстави активностите на Националниот совет за извоз, Клубот на извозници и Институтот за извоз како клучни механизми за подготовка и позиционирање на македонските компании на странските пазари.
Според достапните податоци, во 2024 година македонските компании извезувале во 153 држави, а во 62 од нив извозот надминал 1 милион евра.