ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА УБИ 67 ПАЛЕСТИНЦИ КОИ ЧЕКАЛЕ ХУМАНИТАРНА ПОМОШ Гладот во Газа станува сѐ помасовен, 60.000 деца се неухранети
Израелската армија соопшти дека нејзините војници испукале предупредувачки истрели кон маса луѓе во северна Газа, тврдејќи дека се соочиле со „непосредна закана“. Според нив, првичните информации сугерираат дека бројот на жртви можеби е претеран и додадоа дека нивните сили „немаат намера да напаѓаат хуманитарни конвои“. Светската програма за храна на Обединетите нации соопшти дека веднаш откако влегла во Газа, нејзина колона од 25 камиони со храна наишла на огромна толпа гладни цивили кои потоа биле нападнати со огнено оружје.
Најмалку 67 Палестинци биле убиени од израелска огнена сила додека чекале камиони со хуманитарна помош на Обединетите нации (ОН) во северна Газа во неделата, соопшти Министерството за здравство во Газа, а Израел издаде нови наредби за евакуација во подрачја преполни со раселени лица, објави Ројтерс.
Министерството додаде дека десетици луѓе биле повредени при инцидентот, кој е еден од најсмртоносните меѓу сè почестите случаи во кои загинуваат луѓе што чекаат помош – 36 лица беа убиени во сличен напад во саботата, а уште шестмина загинаа во близина на друг пункт за помош во јужниот дел на енклавата.
Израелската армија соопшти дека нејзините војници испукале предупредувачки истрели кон толпа од илјадници луѓе во северна Газа, поради, како што рекоа, „непосредна закана“. Армијата додаде дека првичните наоди укажуваат оти бројките за жртви се пренадувани и нагласи дека „секако, намерно не цели кон камиони со хуманитарна помош“.
За инцидентот во југот, армијата не даде коментар.
Светската програма за храна на ОН соопшти дека веднаш откако влегла во Газа, нејзина колона од 25 камиони со храна наишла на „огромна толпа гладни цивили“ кои потоа биле нападнати со огнено оружје.
„Секоја форма на насилство врз цивили, кои бараат хуманитарна помош, е целосно неприфатлива“, се вели во соопштението на ОН.
Во целост, здравствените власти известија дека 88 лица биле убиени во неделата од израелски напади – и со огнено оружје и со воздушни удари.
Палестинците во Газа бегаат од своите домови
По фрлањето летоци од израелската армија со повик за евакуација на неколку населби во централна Газа, во реонот на Деир ал-Балах, локалните жители велат дека израелски авиони погодиле три куќи во областа. Десетици семејства почнале да ги напуштаат своите домови, носејќи дел од покуќнината.
Стотици илјади раселени лица се засолнети токму во регионот на Деир ал-Балах.
Армијата соопшти дека досега не влегла во овие населби, но „продолжува да дејствува со голема сила за да ги уништи капацитетите и терористичката инфраструктура на непријателот во областа“.
Израелски извори наведуваат дека армиското воздржување се должи на сомневање дека таму се држат заложници. Од околу 50-те преостанати заложници во Газа, се верува дека најмалку 20 се сè уште живи.
Семејствата на заложниците побараа објаснување од армијата: „Може ли некој да ни гарантира дека оваа одлука нема да значи загуба на нашите најблиски?“, се вели во нивното соопштение.
Гладот станува сѐ помасовен
Голем дел од Газа е претворен во пустош по повеќе од 21 месец војна, а растат стравувањата од масовна глад.
Палестинските здравствени власти предупредија дека стотици лица би можеле наскоро да починат бидејќи болниците се преплавени со пациенти кои страдаат од вртоглавица и од исцрпеност поради недостиг од храна и поради колапс на хуманитарната помош.
„Предупредуваме дека стотици луѓе, чијашто телесна маса е екстремно намалена, се во животна опасност од глад“, соопшти Министерството за здравство под контрола на Хамас.
Обединетите нации, исто така, во неделата соопштија дека цивилите гладуваат и дека е неопходен итен прилив на хуманитарна помош.
Папата Лео повика на прекин на „варварството на војната“, изразувајќи длабока болка поради израелскиот напад врз единствената католичка црква во Газа, при што во четвртокот загинаа 3 лица.
Жителите на Газа велат дека станува невозможно да се најдат основни прехранбени продукти, како брашно. Министерството за здравство соопшти дека најмалку 71 дете починало од неухранетост од почетокот на војната, а околу 60.000 други деца покажуваат симптоми на истата.
Во текот на последните 24 часа, според министерството, 18 лица починале од глад.
Цените на храната пораснале далеку над можностите на повеќето од 2 милиона жители.
Неколку соговорници на Ројтерс велат дека во последното деноноќие јаделе само еден оброк, а некои ниеден.
– Како татко, станувам рано наутро за да најдам храна, барем едно лепче за моите 5 деца, но безуспешно. Оние што не умираат од бомби, ќе умрат од глад. Сакам крај на оваа војна, примирје, дури и од два месеца – изјави Зијад.
Други велат дека се онесвестуваат по улиците, а татковци честопати ги напуштаат шаторите за да ги избегнат прашањата на децата за следниот оброк.
Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (УНРВА) побара Израел да дозволи влез на повеќе камиони со помош, велејќи дека има доволно храна за целиот народ за 3 месеци – но не им се дозволува да ја внесат.
Израелската армија изјави дека „внесувањето на хуманитарна помош во Газа е од највисок приоритет“ и дека работи на тоа заедно со меѓународните партнери.
Преговори за примирје
Некои Палестинци велат дека израелското движење кон Деир ал-Балах можеби има цел да изврши притисок врз Хамас да попушти во преговорите за прекин на огнот.
Израел и Хамас водат индиректни преговори во Доха за можна 60-дневна пауза и договор за ослободување заложници, но досега нема најава за пробив.
Војната започна на 7 октомври 2023 година, кога милитанти, предводени од Хамас, го нападнаа Израел, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник во Газа.
Оттогаш, израелската офанзива во Газа убила над 58.000 Палестинци, според локалните здравствени власти, ја раселила речиси целата популација и ја турнала енклавата во хуманитарна катастрофа.