ИЗРАЕЛ ГИ МАСАКРИРА БЕЈРУТ И НАДЕЖИТЕ ЗА МИРОВЕН ДОГОВОР Во страотните напади 254 мртви, главно цивили
Таков масакр, само неколку часа по договорот за прекин на огнот со Иран, е целосно несфатлив. Тоа врши огромен притисок врз кревкиот мир што им е очајно потребен на цивилите – рече Високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, остро ги осуди масовните израелски воздушни напади врз Либан, во кои, според него, се убиени и ранети стотици цивили, меѓу нив и деца, а значително е оштетена и цивилната инфраструктура, објави новинската агенција ДПА.
– Гутереш недвосмислено ги осудува масовните напади. Генералниот секретар остро ја осудува загубата на цивилни животи и е длабоко загрижен поради растечкиот број жртви – изјави неговиот портпарол Стефан Дужарик.
И покрај прекинот на огнот во конфликтот со Иран, Израел започна интензивни напади врз цели во Либан, вклучително и главниот град Бејрут. Либанското Министерство за здравство соопшти дека се убиени најмалку 254 лица, а 837 се повредени.
Израелската војска тврди дека целела команданти на Хезболах и нивна воена инфраструктура, но либанските власти наведуваат дека меѓу жртвите има голем број цивили. Во нападите се уништени и бројни станбени објекти.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, го оцени обемот на нападите од средата како „ужасен“.
– Таков масакр, само неколку часа по договорот за прекин на огнот со Иран, е целосно несфатлив. Тоа врши огромен притисок врз кревкиот мир што им е очајно потребен на цивилите – рече Турк.
Црвен крст соопшти дека е „згрозен од катастрофалните човечки загуби и уништувањето“ во густо населените делови на Либан, додавајќи дека земјата повторно тоне во „паника и хаос“.
Сцени на уништување и ужас во Бејрут
Воени авиони срамнија со земја повеќе згради во центарот на Бејрут, кревајќи густ чад над градот, во, како што го нарече израелскиот министер за одбрана, „ненадеен удар“ врз Хезболах, објави Гардијан.
Главниот град беше преполн со уништени автомобили и запалени остатоци од објекти што службите за итна помош тешко ги гаснеа, додека Израел бомбардираше повеќе од 100 цели поврзани со Хезболах низ земјата.
Болниците упатија итни апели за дарување крв, а Министерството за здравство ги повика граѓаните да ги расчистат улиците за да им се овозможи непречен пристап на амбулантните возила. Граѓаните во паника брзаа да ги проверат своите семејства.
Еден маж бил снимен како трча кон оштетена зграда во населбата Чија, извикувајќи: „Има луѓе внатре!“ На социјалните мрежи се споделуваа снимки од деца покриени со прашина од урнатините, додека семејствата очајно ги бараа своите блиски.
Израел не го признава примирјето
Портпарол на израелската армија на арапски јазик најави дека нападите ќе се прошират подлабоко во Бејрут, откако претходно беа концентрирани во јужните предградија, каде што поддршката за Хезболах е силна. Тој посочи дека групата „се препозиционира“ во мешаните делови на градот и најави дека израелските сили ќе ги таргетираат нејзините борци без оглед на локацијата.
Набргу потоа беше срушена уште една зграда во населбата Талет ал-Кајет во западен Бејрут, која досега не беше погодена во конфликтот. Најавата дека нападите може да зафатат кој било дел од градот предизвика страв кај жителите.
– Каде да одам? Цел Либан е засегнат. Израел заврши со Иран и сега се свртува против нас – изјави жител кој побара анонимност.
Либан е „одделен конфликт“
Кабинетот на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху соопшти дека двонеделното примирје на Блискиот Исток не се однесува на Либан, што е спротивно на тврдењата на пакистанските посредници.
По почетното молчење, и претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Либан претставува „одделен конфликт“ и не е дел од договорот. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац посочи дека двете боишта – Иран и Либан – се одвоени и дека целта е „да се промени реалноста во Либан и да се отстранат заканите за населението на север“.
Иран размислува за повлекување од примирјето
За разлика од САД и Израел, Иран смета дека Либан е опфатен со договореното двонеделно примирје и, според новинската агенција Фарс, размислува за повлекување од договорот.
Ирански извори за агенцијата Тасним изјавиле дека земјата е подготвена да се повлече од прекинот на огнот доколку Израел „продолжи да го крши примирјето во Либан“. Кризата, како што се наведува, била тема и на разговорите меѓу иранскиот министер за надворешни работи и неговиот пакистански колега.