ИЗРАЕЛ ЌЕ МОБИЛИЗИРА 100.000 РЕЗЕРВИСТИ ЗА ЗАЗЕМАЊЕ НА ГРАДОТ ГАЗА Се финализираат плановите за операцијата што ќе трае над 1 година

275

Израелската армија планира да повика околу 80.000–100.000 резервисти за можна окупација на градот Газа, јавија во четвртокот локалните медиуми, објави Анадолија.

Минатата недела, Советот за безбедност на Израел го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за целосна окупација на градот Газа, што предизвика остра меѓународна реакција од влади и од организации за човекови права.






Израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“ објави дека одлуката за издавање илјадници наредби за мобилизација била донесена откако началникот на Генералштабот, Ејал Замир, го одобрил „главниот рамковен план“ за окупацијата на градот Газа.

Во наредните денови ќе се одржат дополнителни дискусии за деталите и за временската рамка на операцијата, која, според весникот, се очекува да трае до крајот на 2026 година.

Израел се соочува со сè поголема осуда за својата геноцидна војна во Газа каде што од октомври 2023 година има убиено повеќе од 61.700 луѓе.

Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и на неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и за злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.

Поврзани содржини