ИЗРАЕЛ ЈА ПАУЗИРА БОРБАТА ВО ДЕЛОВИ ОД ГАЗА Ќе дозволи поголема помош за гладните Палестинци
Шефот на хуманитарната мисија на ОН, Том Флечер, ја поздрави израелската поддршка за еднонеделно зголемување на хуманитарната помош, но предупреди дека е потребна далеку пообемна и побрза интервенција. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека, без оглед на понатамошниот развој, Израел ќе мора да продолжи да дозволува влез на минимално количество хуманитарни средства.
Израелската војска во неделата започна со ограничени прекини на борбените дејства во 3 густо населени подрачја на Газа – Газа Сити, Деир ал-Балах и Муваси – секој ден од 10 часот наутро до 20 часот навечер, со цел да се овозможи подобар пристап до хуманитарна помош. Ова е дел од мерките, вклучително и фрлање храна од воздух, во услови на влошен глад и сѐ погласни меѓународни критики за однесувањето на Израел во 21-месечната војна, објави Асоишиејтед прес.
Шефот на хуманитарната мисија на ОН, Том Флечер, ја поздрави одлуката на Израел за поддршка на „еднонеделно зголемување на интензитетот на помошта“, забележувајќи дека некои ограничувања за движење се делумно ублажени. Но, додаде дека е потребна континуирана, масовна и брза акција.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека „без разлика на кој пат ќе се тргне, ќе мора да продолжиме да дозволуваме влез на минимално количество хуманитарни средства“.
Сликите од изнемоштени и од потхранети деца во Газа ги засилија критиките, дури и од сојузниците на Израел кои повикуваат на прекин на војната. Израел тврди дека Хамас ја злоупотребува хуманитарната помош за зајакнување на своето владеење, но не понуди конкретни докази. Населението, притиснато на сѐ помала територија, главно се потпира на меѓународна помош.
Некои добиваат помош, некои не
Додека некои Палестинци добиле брашно и ориз, други останале без ништо. Сабрин Хасона изјави:
– Доаѓам по брашно за моите деца, не вкусиле брашно повеќе од недела. Едвај добив 1 килограм ориз.
Самира Јахја од Зауаида во централна Газа вели:
– Ги видовме авионите, но не видовме што испуштаа. Рекоа дека ќе дојдат камиони, но ние не ги видовме.
Други, како Ахмед ал-Сумаири, стравуваат да излезат:
– Се плашиме кутија со помош да не им падне на децата.
Израелската војска објави дека 28 пратки со храна биле фрлени од воздух и дека ќе бидат воспоставени безбедни коридори за испорака. Светската програма за храна (WFP) соопшти дека има доволно залихи во или на пат кон Газа за да нахрани целото население речиси 3 месеци. Сепак, директорот на WFP за палестинските територии, Антоан Ренар, предупреди дека тоа е „недоволно за да се запре тековното гладување“.
Светската здравствена организација соопшти дека во јули во Газа починале 63 лица поради неухранетост, од кои 24 деца под 5 години. Д-р Мунир ал-Бурш од Министерството за здравство во Газа побара итно снабдување со медицинска опрема за лекување неухранети деца, предупредувајќи: „Оваа хуманитарна пауза нема да значи ништо ако не се претвори во вистинска можност за спасување животи. Секоја доцнење се мери со уште една погребна поворка“.