ИЗГРАДБАТА НА КОРИДОРИТЕ 8 И 10 Е СКАНДАЛОЗЕН ПРОЕКТ „Гласен текстилец“ ѝ подвикна на власта

197

Пратениците да не гласаат за измените и дополнувањата на Законот за работни односи, кои се однесуваат за изградбата на Коридорите 8 и 10д, порача на денешната прес конференција, Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ од Штип.

– Иако знаеме колку скандали излегоа со тој закон од самата негова неуставност при носењето и одбирањето на една единствена компанија, иако слушаме постојано за надзорот при изградба каде разни сомнителни фирми ќе соберат 22,5 милиони евра само по однос надзор, сепак на власта и тоа ѝ е малку и повторно се обидува и да го врати назад работното време и овој пат пазете, со измени и дополнувања во ЗРО. Ова нешто веќе Уставен суд го оцени како неуставно – воведувањето на прекувремена работа која е спротивна на Устав, на меѓународно потпишани конвенции и позитивни законски одредби – вели Ампева.






Таа посочи дека со новите измени Министерството за труд и социјална политика бара да се воведе прекувремена работа подолго од 8 часа неделно за проект за кој вели дека се смета за стратешки интерес на државата. Дополнително на тоа, се воведува и работење во недела кое помина како што помина и сега има само преку 40 неважни дејности на кои им е дозволено да работат.

– Стратешки е да размислуваш на доброто на работниците, зачувување и ценење на работничкиот труд и благосостојба, а не да се враќаме во феудализам и да налагаме неуставни измени во закон за еден скандалозен проект како што е изградбата на Коридорите 8 и 10. Со оваа прес-конференција сакаме да упатиме порака до властите, министрите и пратениците – нема да дозволиме нова штета на грбот на работниците – вели Ампева.

Таа вели дека има други работи кои треба да се сменат во Законот за работни односи, во законот за трговија, како што се заштита на бремени жени, поврзување на евиденцијата на работното време со институција, ефикасна борба против сивата економија и неплатениот труд.

– Напоменувам дека ова нема да помине. Имавме веќе успешна иницијатива пред Уставен суд и да размислат добро зошто се на власт и зашто добиле мандат. Тоа не е за да се намалуваат човекови и работнички права. Нема да дозволиме – порача Ампева.

Поврзани содржини