Изгледот на петтиот пакет мерки ќе се знае викендов

Пакетот од околу 16-тина мерки ќе нуди и опција за помош во плати или за грантирање односно со бескаматни кредити со можност од сумата 10-30 проценти да биде во форма на грантови

542

Конечната одлука како ќе изгледа петтиот пакет економски мерки ќе се донесе викендов, најави денеска премиерот Зоран Заев.

Тој, на прес-конференција, соопшти дека мерките најверојатно ќе бидат сублимат од предлозите на заинтересираните страни, а на него работи економскиот тим на Владата.






– Во делот на мерките нормално дека слушнавме од страна на трудо-интензивните дејности, на многу други компании дека не може баш така да ја укинеме мерката субвенции преку плати, колку и да сака Владата да испрати порака за еден излез од кризата, за еден рестарт за еден почеток после криза која што треба да го зграпчиме сите и да испратиме пакети и мерки на мотивација и на охрабрување во делот на навлегувањето на инвестициските циклуси се со конечна цел зголемување на продуктивноста и профитабилноста на македонските компании, а со тоа и дигање на БДП – рече Заев.

Тој најави дека пакетот од околу 16-тина мерки ќе нуди и опција за помош во плати или за грантирање односно со бескаматни кредити со можност од сумата 10-30 проценти да биде во форма на грантови.

– Веројатно ќе имаме опционо нудење на оние големите пари во делот на директното помагање на компаниите заради зачувување на работните места, а тоа ќе бидат веројатно делот на плати или да може да изберат бескаматни кредити со грантови коишто дефинитивно ќе им дадат можност покрај првата опција доколку се профитабилни имаат обврска да ги враќаат средствата или дел да ги реинвестираат – рече Заев.

Помошта на државата за граѓаните и компаниите со директни, конкретни буџетски средства изнесува 1,1 милијарда евра за време на ковидот, а директните плаќања само на стопанството се преку 350-360 милиони евра плус дополнително картичките на погодените граѓани.

-Тој процес тргна уште од 2017, 2018, 2019, 2020 година за време на ковидот ги достигна своите максимизација и така ќе продолжиме – додаде  Заев.

Поврзани содржини