ИЗДИГНАТИ ШАХТИ, ПРАШИНА И ИСТЕНЧЕНИ НЕРВИ Ленинова ќе добие асфалт кога каблите ќе се преселат под земја, а што се чека?

901

Издигнати шахти, многу прашина и застој во градежните работи, забележуваат граѓаните на улицата Ленинова која почна да се реконструира на 15 февруари годинава.

Граѓаните се револтирани од прашината што се крева од песокот кој е донесен заради поставување бехатон плочки. Сообраќајот се одвива отежнато и само по една лента а во два правца. Од едната страна на улицата стојат паркирани возила и багери, купишта песок и плочки чекаат да бидат наредени.






Вработените во околните дуќани сведочат дека реакции и поплаки имало и од Холандската амбасада, која се наоѓа на оваа улица.

Од Општина Центар велат дека нема застој во работата, туку дека се чека кабловските оператори да си ги завршат нивните обврски и да се ослободат тротоарите од старите бандери.

– Не се работи за застој на градежните активности, туку за обврската на кабловските оператори да се спуштат каблите под земја и ослободување на тротоарите од старите бандери. Штом се заврши тој дел, ќе се продолжи со асфалтирањето и реконструкцијата на улицата – одговорија од Општина Центар.

На 15 февруари започна реконструкцијата на улицата Ленинова, на потегот од крстосницата со булеварот Партизански одреди до улицата Митролополит Теодосиј Гологанов. Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски кон крајот на март изјави дека се завршени 60 проценти од реконструкцијата на улицата. Но, на граѓаните на крајот на мај, не им изгледа баш така.

– Секој ден поминувам тука со возило, сообраќајот се одвива само од едната страна на улицата и тоа во слалом околу издигнатите шахти, кои мора да се заобиколат за да ги искршиме колите. Се создава колона и при влез во улицата од Гологанов и на приклучокот од Киро Крстевски Платник. Има денови кога никој ништо не работи, па се прашуваме што е проблемот и кога ќе заврши сево ова – вели скопјанец.

Со проектот за реконструкција, како што информираа од Општина Центар, требаше да се постави нов горен и долен слој на асфалт, целосно да се заменат водоводната и атмосферска канализациска мрежа, да се реконструираат старите и оштетени тротоари и да се воведе резидентен паркинг по цела должина на улицата, со нова урбана опрема и еколошки ефикасно ЛЕД улично осветлување.

– Со оваа реконструкција им излегуваме пресрет на граѓаните, кои со години бараа Општината да го реконструира овој дел од улицата Ленинова. На крајот, граѓаните ќе добијат нова и квалитетно изведена улица, со нова атмосферска и водоводна канализација, нови тротоари и еколошки ефикасно ЛЕД улично осветлување. Воведувањето резидентен паркинг на овој потег на жителите значително ќе им ги олесни секојдневието и ќе придонесе кон намалување на сообраќајниот хаос кој се создава во овој дел, особено во попладневните часови – рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски најавувајќи ја реконструкцијата во февруари.

Тогаш општината не најави до кога ќе трае реконструкцијата на Ленинова.

На Ленинова за првпат се поставува атмосферска канализација во должина од 516 метри која досега улицата ја немаше и поради која често имаше поплави. Требаше да биде поставена нова водоводна мрежа во должина од 411 м2. Резидентните паркинг места на станарите се планирани со агол од 45 степени за да се ослободат тротоарите, на кои се паркираа коли.

Планирана е нова велосипедска патека од едната страна на улицата, нови рабници, осветлување, нови канделабри. Каблите кои се испреплетени во дивите костени треба да бидат спуштени подземно и во договор со ЈП „Паркови и зеленило“ крошните на дрвјата да бидат искроени за да не ја попречуваат светлината од канделабрите и да не удираат во фасадите на зградите. По насока на претпријатието старите и исушени дрвја ќе бидат отстранети, најави Герасимовски.

Улицата Ленинов е долга 510м, а на неа треба да биде поставен нов асфалт од 4000 м2. Ќе има нови пешачки патеки од 4100м2 со нова урбана опрема од клупи и канти за отпадоци. За побезбеден сообраќај на две места на коловозот ќе има подигнувања т.н. бариери за намалување на брзината.

Поврзани содржини