ИЗБРАНИ 6 ЧЛЕНОВИ ЗА СОВЕТОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА МЕДИУМСКИ УСЛУГИ За изборот беше потребно двотретинско мнозинство
Македонското Собрание денеска ја усвои Предлог-одлуката за именување членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
За членови се избрани Виктор Павловски, дипломиран инженер по производна информатика од Скопје, Сашо Стефановски ТВ снимател кој дипломирал филмска уметност, Петар Џуровски дипломиран филмски и ТВ монтажер, Цветанка Миновска дипломиран новинар, Афрона Врзиволи дипломиран економист, Гордана Мајнова дипломиран економист и магистер по комуникологија и Зиријета Јајага, дипломиран професор по албански јазик и литература и магистер по дипломатија. Сите се од Скопје.
Вчера собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата едногласно ја усвои новата Предлог-одлука за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) согласно која во предложениот состав на Советот беше предложено Јајага да биде на местото на Нафије Селмани, дипломиран професор по албански јазик и книжевност од Скопје.
За предлог одлуката, за чие усвојување беше потребно двотретинско мнозинство, гласаа 95 пратеници, од кои 90 „за“, 5 против, без воздржани. За одлуката беа и 20 пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство, а пет беа против.