ИЗБОРНИОТ МОЛК ЌЕ ТРАЕ ДО 19.30 ЧАСОТ Даштевски вели ќе се гласа и до 22 часот ако треба
За прв пат на овие избори резултатите директно ќе се внесуваат од самите избирачки места, најави претседателот на ДИК.
Молкот ќе биде продолжен до 19.30 часот вечерва, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски на прес конференцијата во 19 часот.
ДИК повика на воздржаност од политички активности до 19:30 часот, со цел затекнатите граѓани на избирачките места да можат да го остварат своето право на глас.
– Во согласно со Изборнот законик гласањето завршува во 19 часот. Во врска со гласањето каде се затекнати гласачи пред објектот ДИК смета дека е добро да се излезе во пресрет на гласачите и затоа повикуваме до 19.30 часот да се воздржат од активности партиите, медиумите и сите други. ДИК смета дека ова е најдобро решение – информираше на вечерашната прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски
Во моментов никој не може да каже до кога ќе трае гласањето на местата на кои ќе биде продолжено поради тоа што било прекинато или поради бавноста на самиот процес. Претседателот Даштевски попладнево изјави дека ќе им се даде можност да гласаат сите избирачи кои се затекнале во избирачките места до 19 часот.
– И ние во овој момент не знаеме за колку време ќе биде продолжено гласањето. Ако има потреба да се гласа до 22, ќе се гласа до 22 часот – рече Даштевски на претходната прес конференција.
Тој најави дека во моментот кога ќе заврши гласањето ДИК на прес-конференција ќе го соопшти тоа и ќе ја извести јавноста, без разлика за колку часа ќе биде одложено затворањето на гласачките места. За прв пат на овие избори резултатите директно ќе се внесуваат од самите избирачки места.
Во Изборниот законик, членот 101 го регулира времетраењето на гласањето, но не и траењето на молкот. Членот 101 гласи:
(1) Гласањето започнува во 7.00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот, a во ДКП односно конзуларните канцеларии се почитува временската разлика во земјата, односно од 07:00 до 19:00 часот согласно со сметањето на времето во соодветната земја.
(2) Во 19:00 часот гласачкото место се затвора, а на избирачите кои се затекнале во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат.
(3) Избирачкиот одбор може да го затвори гласачкото место и пред истекот на рокот од ставот (1) на овој член, по претходна согласност од надлежната општинска изборна комисија, ако гласале сите избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.
Даштевски наведе дека има и други причини за големиот метеж што се создава на гласачките места кој ги одвраќа граѓаните кои не сакаат да чекаат.
Избирачкиот список има многу повеќе страни отколку што имал претходно затоа што има рекорден број на листи, една четвртина од отпечатоците што ги добиле од МВР се со лош квалитет, а дополнително треба да се внимава на мерките за заштита од вирусот ковид-19.
Редици имаше уште од претпладне, но дури попладнево во избирачките места од ДИК стасала информација во просторијата да пуштаат повеќе од еден гласач, односно онолку колку што имало паравани за гласање.
Даштевски апелираше на сите избирачки места да се постави по едно лице кое ќе воведува ред и ќе бележи кој дошол да гласа до 19 часот за да може да добие право на гласање и по истекот на предвидениот рок.
До ДИК стасале информации дека членови на избирачки одбори на некои гласачки места самоиницијативно одлучиле да не се гласа со употреба на апарати за отпечаток од прст.
– Добивме информации дека некои членови на избирачки одбори престанале да гласаат со фингерпринт апаратите. Тоа се незаконски одлуки на тие лица. Сугерираме да продолжат да гласаат со апаратите, во спротивно, гласањето ќе мора да биде поништено, а лицата да бидат санкционирани – рече Даштевски.
ДИК донесе одлука да се гласа без фингерпринт апарати во шест избирачки места: 1774 во Ново Село, 1162 во Старо Нагоричане, 2354 во Студеничани, 2942 во Чаир и во две во Чучер Сандево.