Изборите во јуни или во јули нема да личат на себе
Колку и да е добра организацијата околу спроведувањето избори во време на пандемија, сепак таа не може да биде толку совршена за да не се појават нови опасности и нови штети, вели поранешниот собраниски спикер Стојан Андов.
Спроведувањето предвремени парламентарни избори во време на пандемија со коронавирусот ќе изгледа многу поразлично од досегашните спроведени изборни циклуси на коишто сме навикнати. Ваков е ставот на политичките експерти кои објаснуваат дека процедурите на самиот ден на гласањето ќе мора да претрпат драстични промени доколку на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски закажана на 12 мај, партиските лидери се согласат изборите да се одржат во текот на летото.
Сличен е и ставот на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски, кој во разговор за Радио Слободна Европа рече дека за спроведувањето избори во време на пандемија е потребна реорганизација.
– Ќе биде потребна реорганизација. На пример, за претходните изборни процеси изнајмувавме околу 700 приватни објекти за спроведување на гласањето, кои вообичаено беа мали простории, но сега ќе треба да се бараат поголеми. Сега ќе биде потребен голем простор во кој и членовите на избирачките комисии ќе можат да ја одржуваат потребната физичка дистанца од два метра. Исто така, потребен ќе биде и ангажман на луѓе кои ќе им мерат температура на гласачите пред влезот на секое избирачко место. Потребни ќе бидат и луѓе кои ќе се грижат за дезинфекцијата. Во нормални услови за избори ангажираме околу 35.000 луѓе, а замислете уште колку луѓе ќе треба да ангажираме сега. Сето ова ќе го отежне процесот и веројатно ќе влијае на излезноста – вели Деркоски.
На многу луѓе ќе им биде страв да излезат на гласање, а тој страв е оправдан, бидејќи од ковид-19 се умира.
Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, за Плусинфо вели дека колку и да е добра организацијата околу спроведувањето избори во време на пандемија, сепак, таа не може да биде толку совршена за да не се појават нови опасности и нови штети.
– Ние во минатото сме имале имале предвремени избори во летните месеци, но тогаш не сме имале пандемија каква што имаме сега. Мислам дека е многу попаметно да се причека со изборите и тие да се одржат кога целосно ќе исчезне опасноста од коронавирусот. Во секој случај, дури и да имаме избори во јуни или во јули, излезноста на гласачите ќе биде многу ниска. На многу луѓе ќе им биде страв да излезат на гласање, а тој страв е оправдан, бидејќи од ковид-19 се умира. Ако има избори, тогаш ќе треба да се мисли и на болните луѓе кои и во нормални услови не би можеле да излезат на гласање. И тука ќе се создаде уште еден ризик, бидејќи некој ќе треба да дојде во нивниот дом за да им овозможи да гласаат. Колку и да е добра организацијата, сепак, таа не може да биде толку совршена за да не се појават нови опасности и нови штети – објаснува Андов.
Што се однесува до политичките партии, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека првата половина на јули е најбрзиот можен термин кога би се создале услови за одржување предвремени парламентарни избори, а неговиот политички опонент, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, вели дека јули е доцна за избори, бидејќи треба да се земат предвид и економските последици од кризата.
Партијата на Али Ахмети, ДУИ, јасно даде до знаење дека за одржување избори треба да се исполнат два услова. Првиот, како што истакнаа оттаму, е Комисијата за заразни болести да каже дека тој процес нема да го загрози здравјето на граѓаните, а вториот е изборниот процес да биде мониториран од ОБСЕ/ОДИХР.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, смета дека крајот на јули или почетокот на август претставува добар термин за да бидат спроведени изборите, а истото мислење го дели и првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.
Од Движењето Беса, пак, бараат изборите да се одржат час поскоро, но без да се загрози здравјето на граѓаните.