Изборите ќе се одложат – а кој ќе владее?

Така како што се согласија изборите да се одложат, Зоран Заев и Христијан Мицкоски најверојатно ќе се согласат одложувањето да биде на краток рок, а извршната власт да остане во рацете на оваа техничка влада.

2,306

Судејќи според изјавите на лидерите на водечките партии во земјава, Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, извесно е дека предвремените избори закажани за 12 април ќе се одложат поради заразата со коронавирусот. За тоа ќе се расправа утре, на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, но одлуката веќе е позната, дотолку повеќе што и шефот на државата се изјасни дека изборите мора да се одложат.

Кој ќе владее со земјата во меѓувреме?






Mој личен став е дека изборите треба да се одложат на краток рок и да ѝ се даде шанса на техничката влада.

Зоран Заев Лидер на СДСМ

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека за тоа ќе одлучат лидерите заедно, но неговиот личен став е дека одложувањето на изборите не треба да биде предолго и дека сепак ни се потребни предвремени избори.

– Во таков случај, моето мислење е дека техничката влада треба да продолжи со работа, до спроведувањето на предвремените избори. Тоа е и во интерес на земјата, која се соочува со голем предизвик за справување со вирусот Ковид – 19. Се разбира, во случај да се одлучи поинаку, да се оди на редовни избори, што за нас не е посакувано сценарио, тогаш би требало парламентот повторно да се свика и старата политичка влада да ја преземе одговорноста. Но, повторувам, мој личен став е дека изборите треба да се одложат на краток рок и да ѝ се даде шанса на техничката влада. Зависно од ситуацијата, секогаш постои можноста пак да се собереме и да одлучуваме – вели Заев.

И лидерот Христијан Мицкоски вели дека во ВМРО-ДПМНЕ се разгледуваат сите можни опции.

– Нема дилеми дека во услови на одложување на изборите на краток рок, сегашната техничка влада треба да продолжи со работа. Одложувањето на изборите на подолг рок или до нивниот редовен термин, ќе го наметне прашањето на враќањето на парламентот и на избор на политичка влада. Но, за сево ова ќе разговараме на утрешната лидерска средба и јас мислам дека ќе најдеме заедничко решение – објаснува Мицкоски.

За сево ова ќе разговараме на утрешната лидерска средба и јас мислам дека ќе најдеме заедничко решение.

Христијан Мицкоски Лидер на ВМРО-ДПМНЕ

За ДУИ прашањето кој ќе владее веќе е затворено.

– Немаме дилема дека изборите ќе бидат одложени и до одржувањето на новите избори треба да владее оваа техничка влада – категоричен е Артан Груби, член на раководството на ДУИ.

Во случај лидерите да се определат за редовниот термин на изборите, што е малку веројатно, постојат разни можности за формирање ново парламентарно мнозинство. Постои дури и веројатност за поголема концентрација на партиите во новата извршна власт, односно можност за формирање широка владина коалиција. Сепак, се чини дека и партиските лидери сега се фокусирани на проблемот со кој се соочува земјата и не се расположени за такви комбинаторики.

Поврзани содржини
na