ИЗЈАВАТА НА ПРЕМИЕРОТ ЗА АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК, СПОРЕД ДУИ, Е ЗАГРИЖУВАЧКА „Отворање опасен пат што директно ги засега меѓуетничките односи“

Тврдењето дека албанскиот јазик може да се користи „колку сакате“, но дека службен јазик е македонскиот, не е само политичка изјава, тоа е директно враќање на логиката на Уставот од 1991 година, овој став ја нарушува суштината на Охридскиот договор, соопшти ДУИ.

99

Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во Собранието, во врска со употребата на албанскиот јазик, претставува еден од најзагрижувачките моменти во политичкиот дискурс од потпишувањето на Охридскиот мировен договор, соопшти Демократската унија за интеграција на Али Ахмети.

„Тврдењето дека албанскиот јазик може да се користи „колку сакате“, но дека службен јазик е македонскиот, не е само политичка изјава, тоа е директно враќање на логиката на Уставот од 1991 година и тогашниот член 7, игнорирајќи го Амандманот 5 од 2001 година, кој претставува темел на уставниот поредок и на меѓуетничката рамнотежа во државата. Овој став ја нарушува суштината на Охридскиот договор, кој не е симболичен компромис, туку реална архитектура на соживот, изградена токму за да ги надмине изворите на конфликт што ги создаде Уставот од 1991 година“, соопшти ДУИ.






Релативизирањето на статусот на албанскиот јазик не е прашање на толкување, туку отворање опасен пат што директно ги засега меѓуетничките односи и функционалноста на нашата мултиетничка демократија, се додава во соопштението.

„Овој пристап претставува чекор назад и обид за ревизија на темелните достигнувања на државата, инспириран од логики што се во спротивност со концептот на мултиетничка и демократска држава. Го повикуваме Премиерот веднаш да се повлече од оваа позиција и целосно да го почитува уставниот поредок произлезен од Охридскиот договор. Секое отстапување од овој поредок не е само политичка грешка, тоа е удар врз самите темели на соживотот и функционалноста на државата“, се вели во соопштението на ДУИ.

Поврзани содржини