Поранешниот хрватски тенисер и тренер на најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ – Горан Иванишевиќ, објави дека се опоравил од коронавирусот.
– Победа во пет сета. После два негативни и два позитивни теста, дојде на ред мојот омилен – петтиот сет. А знаете дека секогаш сум бил непријатен во петтиот сет… Конечно негативен и конечно можам да бидам ослободен после три недели изолација – напиша Иванишевиќ на Инстаграм со објавената фотографија.
Легендарниот тенисер, кој беше директор на „Адрија тур“ во Задар, каде заболе од вирусот, им се заблагодари на лекарите за грижата.
– Задар, благодарам што бевте голем домаќин за мене еден месец, сега станавме уште поблиски на посебен начин. Се гледаме во некои подобри околности, но не толку наскоро. Пазете се луѓе, а на сите заразени да се опорават што е можно поскоро – рече Иванишевиќ.