ИТАЛИЈА ОДБИЛА ДА УЧЕСТВУВА ВО НАПАДИТЕ ВО ЈЕМЕН За НАТО нападите се „одбранбени“
Италија претпочита да води мировна политика во регионот на Црвеното Море, истакнуваат од италијанската влада.
Италија одби да учествува во американските и британските напади врз воените цели на јеменските бунтовници Хути во Јемен, изјавил денеска неименуван извор од италијанската влада за Ројтерс, пренесува весникот Индепендент. Тој истакнал дека Италија претпочита да води мировна политика во регионот на Црвеното Море.
Изворот потсетил дека италијанската влада мора да добие парламентарна поддршка за војската да учествува во каква било акција, со што брзото одобрување е невозможно.
САД и Велика Британија погодија повеќе воени цели на Хутите во Јемен од воздух и од море, додека Холандија, Австралија, Канада и Бахреин обезбедија логистичка и разузнавачка поддршка.
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето претходно оваа недела изјави дека нападите на Хутите мора да бидат запрени без да се предизвика нова војна во регионот.
НАТО смета дека нападите предводени од САД против Хутите се „одбранбени“, пренесува АНСА.
– Овие напади беа одбранбени и дизајнирани да ја зачуваат слободата на пловидбата во еден од највиталните водни патишта во светот. Нападите на Хутите мора да престанат – рече Дилан Вајт, портпарол на воената алијанса.