ИТАЛИЈА МОЖЕ ДА ПОБАРА ШТО САКА, АЛБАНИЈА ЌЕ КАЖЕ „ДА“ Рама и Мелони го бранат проектот, а мигрантските кампови 2 години се празни
Рама и Мелони во Рим ги бранеа мигрантските кампови во Албанија, иако проектот две години стои блокиран и објектите се празни.
Албанскиот премиер Еди Рама и италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска во Рим повторно беа соочени со прашањето за мигрантските кампови во Албанија, проект што веќе две години не може да профункционира поради одлуки на Европскиот суд на правдата и италијанските судови.
На прес-конференцијата, новинар на РАИ 3 директно го праша Рама дали се кае за договорот за изградба на бегалскиот камп, со оглед дека процесот е блокиран. Рама одговори без двоумење, дека за Италија би го повторил истиот договор „стопати“, ако Рим го побара тоа.
– Италија може да побара од Албанија што сака и ние ќе кажеме „да“ – изјави Рама, додавајќи дека ова важи само за Италија, но не и за други држави.
Од своја страна, Мелони го нарече аранжманот „договор со длабок европски дух“, истакнувајќи дека миграциските предизвици може да се решаваат само преку заедничка соработка меѓу членките на ЕУ и партнерските земји.
Во Шенѓин веќе е изграден прифатен центар, а во поранешната воена база Ѓадр, камп во кој годишно требаше да се примаат околу 36.000 мигранти што чекаат одговор за азил од италијанските власти. Иако досега трипати беа донесени околу 50 мигранти фатени во италијанските води, сите веднаш беа вратени назад. Денеска и двата објекта стојат празни.