It’s about people
Претенциозно е од министерот Османи да потенцира некаква доверба на 57 држави членки на ОБСЕ во Македонија. Не е тоа во прашање. Во прашање е рејтингот на ОБСЕ, а и рејтингот на нашата дипломатија, како на држава во која партиските поглавици и нивните вазали се прогласуваат за мисионери.
За насловот од колумнава подоцна, во секој случај не e авторска, на Chairperson-in-Officе е.
Но, тоа не пречи шефот на нашата прочуена дипломатија да го прогласам за неофицијална „личност на годината“ што ја испративме во незаборав. Во минатата година која содржеше три двојки – симбол на добрината и на настојувањето за постигнување рамнотежа (баланс), тактичност и дуалност, абдоменалниот хирург во функција на шеф на дипломатијата го доживеа своето Периклево златно доба.
Бујар како од школата на Станиславски
За само двеипол години, во Сарафовата палата толку се соживеа со улогата на искусен дипломат, небаре излегол од школата на Станиславски, посебно познат по креирањето на епизодните улоги за амбициозни глумци. Но, тој (Бујар) смета дека на македонскиот театар на политички и на дипломатски илузии, тој ја игра главната улога. Во тоа му помагаат и неукиот режисер и дипломатскиот кастинг на епизодисти на врвните места во „валканото казалиште”.
Пред да стане министер за надворешни работи на Република Македонија, помина три години во секогаш атрактивното Министерство за здравство, главно наследувајќи ги познатите слабости на претходниците. Помина уште три години како потпретседател на владата (додуша, не прв) за ЕУ интеграции, во сенката на тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, поради својата желба за целосна домининација во надворешната политика, во која секако спаѓаат и евроатлантските интеграции. Во тој период беше во епизодна улога, а неговиот претходник кулминираше со потпишување на Преспанскиот договор, кој ја отвори вратата за бугарската дипломатска инвазија кон западниот сосед.
Проверени кадри на Големиот везир од Зајас
По абдикацијата на велесопственикот од Муртино, Големиот везир од Зајас од својата листа на проверени кадри лансира двајца талентирани политичари – едниот, поранешен преведувач на Карла дел Понте, а вториот, секако роден дипломат. Имињата ѝ се познати посебно на т.н. „огнена група“, која бара нивно сменување, со оглед дека им недостасува изборна верификација, традиционален фил за покривање на личните амбиции на прочуениот Робин Худ, не од Шервудската шума, туку од романтичниот Чаир.
На партискиот самит во Тирана, со сварениот чај од Еди Рама, секако една од темите била и понатамошна интеграција, содржана и во кусото име на најголемата албанска политичка партија. Самопрогласениот месија, а не владин функционер, актуелниот министер за надворешни работи си го додаде овој епитет поради своите силни залагања, посебно за прифаќање на тн. „француски предлог“ и за внесување на потчинетите Бугари во македонскиот Устав.
Се разбира, тој имаше целосно разбирање и поддршка од премиерот и секако, од неговиот прв заменик во неуставното министерство, од кадешто се преливаат и искусни кадри за македонската дипломатија. Улогата на владиниот балансер беше позната и проверена, додека претседателот Стево Пендаровски брилјираше со контрадикторните изјави.
Во таа ситуација, министерот Османи играше улога на „добро момче“ на еруптивниот Балкан. Ги слушаше пораките од разединетата ЕУ и стратешкиот партнер и нѐ уверуваше дека сме на вистинскиот пат кон конечната цел за која сме сѐ уште на стартната позиција, пред да ја почнеме трката.
И во МНР се водеше грижа за луѓето
Но, да се вратам на насловот изглаголен од страна на актуелниот претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, содржан во синтагмата „се работи за луѓето“. Да, тоа е точно. При составувањето на кабинетот, водеше сметка да се опкружи со искусни дипломати, па негова заменичка е наставничка по англиски јазик (на претходникот Димитров заменик му беше градежен инженер на вејтинг-листата за амбасадор за Белград), а државени секретар – неафирмиран дипломат. Водеше сметка и за соодветно пополнување на кадри и во Мисијата на ОБСЕ во Виена, па предложи за заменик во Мисијата лице кое извесно време помина во истражниот затвор во Врање, поради познатата „ерменска афера“.
Водеше сметка и за внатрешната состојба во Министерството, поради која Синдикатот редовно месечно или почесто издава соопштенија. Водеше сметка и за етничко балансирање на дипломтските кадри, па, за малку, и телевизиска најавувачка ќе заминеше во Њу Џерси, како генерален конзул. Внимателен e и околу крајниот резултат во истрагата за случајот Онишченко.
Сѐ за луѓето.
Сопаталец со Срѓан Керим
Мотото под кое ќе биде реализирано нашето претседателство со ОБСЕ можеби е предложено од реномираната агенција „Рејтинг“, која ќе го спасува угледот на нашиот непогрешив Протокол. Го позајмила од книгата на извесен Roger Campbell под наслов „It’s About People“, издадена во 2018 година.
Било како било, нашата кандидатура од времето на Димитров беше прифатена малку и поради сличните околности при нашатата полуприватна иницијатива за кандидат за председавач со Генералното собрание на ОН во периодот 2007-2008 година (немаше кандидати од тн. „источна група“). Македонија лани беше во Тројката на ОБСЕ, а од јануари и претседава. Таква е процедурата.
Министерот Османи секако е инспириран од поранешниот МНР, со најкус рок ( само 100 дена), сопаталецот Срѓан Керим, по неговата позната изрека (за Косово): „Ние (Македонија) не сме дел од проблемот, туку дел од решението“. Затоа Османи дава слична изјава, дека од „конзумент на услугите на ОБСЕ, станавме претседавачи на оганизацијата“.
Претенциозно, дури и за еден амбициозен министер
Целата мината година посочував дека претседавањето со ОБСЕ е наша голема шанса да покажеме и креативност во надворешната политика, а не да бидеме единствено полигон на кој слетуваат пожарникари од светот да нѐ убедуваат дека сме на прав пат, што ние, пак, го цениме како доказ за нашата државотворна зрелост и политичка самостојност. Министерот Османи, небаре кариерен дипломат со меѓународно искуство, ја убедува нашата јавност дека сме зрели нашето искуство во созревањето на мултиетничката функционална демократија, мултиетничките односи, културата на дијалог, да го пренесеме во регионот на ОБСЕ, преку претседавањето со ОБСЕ?!
Претенциозно, дури и за еден амбициозен министер. Не станува збор за пренесување на никакви искуства, се работи за дипломатска креација во време-невреме, кога двата столба на организацијата (САД и Русија) се на најниско ниво на односите, а ЕУ варира како нишалото на Фуко, од енергетската зависност од Русија до понизноста во однос на најголемиот партнер во НАТО. Тоа што ние испорачуваме на меѓународнота сцена е само стартер во меѓународната политичка кујна. Резултатите ќе се видат подоцна.
Но, едно е сигурно: претседавањето нѐ затекна ем неспремни, ем во еден од најтешките мигови на меѓународната сцена, вклучувајќи ја и војната во Украина.
Необјавени приоритети, неконсултирани институции
На Полска, иако голема европска држава, во надворешната политика практично подредена на САД, за време на нејзиното претседавање, и покрај нејзините амбиции, не ѝ успеа да го оствари најголемиот приоритет. Напротив, практично ги заледи дипломатските односи со Русија, како впрочем и ние. Нашиот амбасадор во Министерството на Садовоје каљцо нема да биде уважуван гостин.
Креативно е што министерот Османи, прво ќе го посети Киев, а претходно во Виена во Хофбург ќе ги презентира нашите приоритети на претседавањето, а потем ќе се напие кафе во познатиот ресторан на Ана Гасе. Подготовката за претседавање со ОБСЕ подразбираше и соодветни активности на нашите дипломатско-конзуларни претставништва, а ние имавме и сѐ уште имаме кадровски и на највисок ранг непололнети амбасади и тоа во клучните држави, вклучувајќи ги Русија и Украина.
Не забелажав некои подетални консултации на пошироката јавност, инволвирани институции и министерства, посебно во Собранието, за прашањата на приоритетите. Не се проблем возилата за странските гости коишто треба да се спонзорираат, па спонзорите потоа да барат победи на тендери. Не се проблем просториите за одржување на завршниот министерски совет. Проблемот е во тоа дали нашите сѐ уште целосно необјавени приоритети ја поминале вообичаената процедура на консултации, посебно во Собранието.
Националните интереси на Македонија нема да бидат приоритет?
Претенциозно е од министерот Османи да потенцира некаква доверба на 57 држави членки на ОБСЕ во Македонија. Не е тоа во прашање. Во прашање е рејтингот на ОБСЕ, а и рејтингот на нашата дипломатија, како на држава во која партиските поглавици и нивните вазали се прогласуваат за мисионери.
Ние претходната година, како членка на „Тројката“, недоволно ја искористивме за проекција на дефанзивната дипломатска политика која може да заврши со промена и на Уставот, поради барање на трета држава членка на ЕУ и со поддршка на останатите членки на ЕУ. Такво нешто не е баш во склад со прокламираното мото од насловот на колумната.
Се заборава дека ние не ја предводиме одамна девастираната организација за безбедност и соработка, туку само раководиме една година, на наше барање. Верувам дека на нашето прво презентирање во Виена, за неколку дена, министерот Османи ќе има избалансиран приод кон приоритетите и акцент ќе даде и на националните (Република Македонија). Наводно од инсајдерите, имало и негови инструкции до МНР Мултилатералата во сопствена куќа и до Мисијата на ОБСЕ во Виена, да немаат никаква врска со ова прашање. Доколку е ова точно, доаѓаат во прашање кост-бенефит ефектите. на претседавањето. Секако, професионално и оперативно се најзначајни секојдневните активностите на Постојаниот совет, во чиј состав не влезе и еден одличен познавач на ОБСЕ, поранешниот амбасадор Зеколи.
Она што речиси е извесно е дека министерот Османи секако ќе ја искориста својата функција за своја натамошна политичка афирмација, до редовните парламентарни и претседателски избори во 2024 година. Германците би рекле „Der kommende Mann“, Herr D-r Osmani.Така мисли и Али.