Ѝ ИСТУРИЛ ХЕМИСКО СРЕДСТВО ВО ОЧИТЕ Седум пријави за семејно насилство, четворица приведени

Четири лица биле лишени од слобода, а со едно лице бил извршен службен разговор по серија пријави за семејно насилство низ државата. Меѓу случаите има физички напади, закани со остар предмет и напад со хемиско средство.

0

Седум пријави за семејно насилство биле регистрирани во изминатото деноноќие, а четири лица завршиле во полициска станица, обзнани МВР во објава. Случаите биле пријавени во Скопје, Тетово и во Виница и опфаќаат физички напади, закани и повредување на членови на семејството.

Најтежок случај бил регистрирани во Скопје, каде една жена пријавила дека нејзиниот вонбрачен партнер ѝ истурил хемиско средство во пределот на лицето и очите. По инцидентот ѝ била укажана лекарска помош на Клиниките „Мајка Тереза“, соопшти Министерството за внатрешни работи.






На подрачјето на Шуто Оризари бил приведен 40-годишен скопјанец по пријава дека со остар предмет ѝ се заканувал на својата вонбрачна партнерка, а потоа и на нивната ќерка. Притоа оштетил и дел од покуќнината.

Во Гази Баба бил приведен 46-годишен маж кој, според пријавата, физички ги нападнал своите родители и упатувал закани кон членови на семејството.

Во Тетово бил лишен од слобода 44-годишен маж поради сомнение дека извршил семејно насилство врз својата сопруга. Во Виница, пак, 29-годишна жена била приведена по пријава дека со метален предмет ја нападнала својата мајка и ѝ нанела повреди.

Во уште еден случај во Скопје, во полициска станица бил извршен службен разговор со 63-годишен маж по пријава дека физички ја нападнал својата сопруга.

Пријава за закани добила и полицијата на Бит Пазар, каде 33-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг ѝ упатувал закани.

Поврзани содржини